110/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 октомври 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.08-175 за доделување на минимални површини од катастарските површини на физичките лица на локација бр.2429, донесена од Советот на Општината Кондово на 5 декември 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Владата на Република Македонија, со Решение У.бр.110/98 од 9 септември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 30 од Уставот и со членовите 1, 13 и 20 став 1 од Законот за експропријација.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката, од катастарските парцели: КП 981, КП 982, КП 983 и КП 985 во местото викано “Ндр катунд” се одземаат минимални делови од површините на парцелите П = 200 м2, П=850, П=700 м2 и П=240 м2 од ПЛ.19,32, 21 и ПЛ.44. Според член 2, површините од член 1 се одземаат од сопствениците Османи Џеврије, Муратов Шеипов Далип, Реџепов Еминов Реџеп и Мемет Салаи и му се доделуваат во сопственост на централното основно училиште “Фаик Коница” с. Радуша. Членот 3 определува дека основ за доделување на сопственоста се долгогодишното користење, одржување и управување од страна на ЦОУ “Фаик Коница” с. Радуша Кондово. Според член 4, деловите од минималните површини на парцелите од член 1 на оваа Одлука се евидентираат на име на ЦОУ “Фаик Коница” с. Радуша за доделената локација бр.2429 од 17.06.1980 година. Со член 5 се предвидува Одлуката да се издаде во три еднакви копии од кои по една на ЦОУ “Фаик Коница” с. Радуша, Републичко геодетската управа – Одделение за премер и катастар и една за Архивата на Општината Кондово. Со членот 6 се уредува прашањето за влегување во сила на Одлуката.

Судот, исто така утврди дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 69 од Законот за локалната самоуправа на 1 јуни 1998 година, донела решение за запирање од извршување на Одлуката на Советот на Општината Кондово и во предвидениот рок од 15 дена од влегувањето во сила на ова решение покрена постапка пред Уставниот суд за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката.

5. Членот 30 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 1 од Законот за експропријација, со овој закон се уредува експропријацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижност) заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес, утврдување на јавниот интерес и определувањето на праведниот надомест за експроприраните недвижности.

Согласно член 13 од овој закон, предлог за експропријација поднесува корисникот на експропријацијата до Управата за имотно правни работи (орган за експропријација). Кога експропријацијата се врши за потребите на државата, предлогот за експропријација го поднесува јавниот правобранител на Република Македонија. Кога експропријацијата се врши за потребите на јавните претпријатија основани од државата, јавните фондови, образованието, воспитанието, науката, културата, здравството, социјалната заштита, спортот, кога дејностите се вршат како јавна (државна) служба, и за потребите на општините и градот Скопје јавните претпријатија и фондови основани од општините, односно градот Скопје, предлогот за експропријација го поднесуваат тие субјекти или од нив овластени лица. Кога експропријацијата се врши за потребите на правни или физички лица, предлогот за експропријација го поднесуваат тие лица.

Согласно член 20 став 1 од овој закон, корисникот на експропријацијата се стекнува со владение врз експроприраната недвижност со денот на исполнувањето на спогодбата, односно одлуката на судот за надоместот.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека правото на сопственост и правото на наследување се уставно гарантирани права кои не можат да бидат одземени или ограничени освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или нејзино ограничување Уставот гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност. Со Законот за експропријација се уредува експропријацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижности) заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес, утврдување на јавниот интерес и определувањето на праведниот надомест за експроприраните недвижности. Во посебни глави од законот е разработена постапката за експропријација, како и определувањето и постапката за надомест.

Според член 17 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа самостојно ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон.

Со Уредбата на Владата на Република Македонија за условите, начинот и постапката за доделување на градежно земјиште, поблиску се пропишуваат условите, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште со кое управува Република Македонија, на користење.

Членот 8 став 1 од оваа Уредба уредува дека со непосредна спогодба се доделува градежно земјиште и во случаите на дооформување на градежна парцела предвидена со Урбанистичкиот план, доколку сопственикот има повеќе од 50% од градежната парцела, а според членот 9, по завршување на постапката за доделување на градежно земјиште, на барателот му се издава решение за доделување на градежно земјиште.

Во конкретниот случај со оспорената одлука се одземаат делови од катастарските парцели сопственост на точно определени физички лица и нивно доделување во сопственост на централно основно училиште. Со оглед на тоа што не се работи за доделување на градежно земјиште на користење со кое управува Република Македонија туку за приватна сопственост Судот оцени дека Советот на Општината Кондово не е надлежен да ја донесе оспорената одлука. Понатаму, со неа е повредено уставно гарантираното право на сопственост бидејќи не постои јавен интерес утврден со закон, а исто така не е во согласност и со одредбите од Законот за експропријација кои се однесуваат на експропријацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, а заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.110/98)