109/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 октомври 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица 4 – исток, општина Струга бр.07-377/8, донесена од Советот на општина Струга на 14 март 2003 година (“Службен гласник на општина Струга” бр.20/2003).

2. Оваа Одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.109/2005 од 7 септември 2005 година по иницијатива на Ќемаил Османоски од Струга поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.142/2003 од 4 февруари 2004 година не поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица 4 – исток, општина Струга, донесена од Советот на општина Струга под број 07-377/8 од 14 март 2003 година, поради тоа што Судот оцени дека постапката за изменување и дополнување на овој урбанистички план била целосно спроведена согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот.

Со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1977, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и 62/1993), Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро – нивните води, крајбрежија, извори и водотеци се прогласени за споменици на природата од особено значење за заедницата и се ставени под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел редица превентивни и други мерки.

Со членот 9 од овој закон поместен во делот од законот што предвидува мерки за заштита, е утврдено дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Според ставот 2 на овој член од Законот, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од наведената законска одредба произлегува дека при донесувањето на урбанистичките планови кои предвидуваат градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата, а кои се под посебна заштита, мора претходно да се прибави мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Со оглед на тоа што при донесувањето на Одлуката за донесување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица 4 исток – општина Струга, не е ниту побарана ни добиена согласност од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот оцени дека оспорениот акт не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и со членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.109/2005
26 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова