108/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 48 и член 54 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Оваа одлука ќе се објави во Службен весник на Република Македонија.

4. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.б р.108/96 од 30 октомври 1996 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 54 став 1 од Законот во случаите кога по донесување на просторен или урбанистички план, објект изграден до влегување во сила на овој закон без решение за услови за градба се потврдува со донесениот план, постапката за издавање на решение за услови за градба се спроведува според одредбите на овој закон, а според оспорениот став 2 на овој член, доколку инвеститорот на објектот од став 1 на овој член, во рок од една година од донесување на планот со кој му се потврдува изградбата на објектот, не ја поведе постапката за издавање на решение за услови за градба, ќе се примени одредбата од член 48 на овој закон (изградениот објект станува сопственост на државата). Притоа, Судот по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување уставноста и на член 48 од Законот на кој упатува оспорениот член, а според кој ако врз основа на наод на урбанистичкиот инспектор се утврди дека на државното земјиште, по влегувањето во сила на овој закон, се гради објект без решение за услови за градба, изградениот објект станува сопственост на државата.

6. Правната заштита на сопственоста според член 8 од Уставот на Република Македонија е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 2 на овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Со ставот 3 од овој член е предвидено дека никому не можат да му бидат одземни или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост и правната заштита на сопственоста и ја издигнува на темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и дека под тие услови сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. При тоа, Уставот не ја исклучува државната сопственост. Исто така, од Уставот не може да се заклучи дека Уставот го преферира овој вид на сопственост. според тоа, државната сопственост постои во правниот поредок во рамките на кој се остваруваат одредени сопственичко-правни односи.

Правата врз градежното земјиште се уредени со Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 21/91) и со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96).

Според член 1 од Законот за градежно земјиште со овој закон се уредуваат условите и постапката за определување, доделување, користење и правата врз градежното земјиште.

Под користење на градежно земјиште во смисла на овој закон се подразбира уредувањето и употребата на градежното земјиште.

Со членот 2 од овој закон е предвидено дека како градежно земјиште, во смисла на овој закон, се смета изграденото и неизграденото земјиште во градовите и во населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба.

Според член 9 од Законот земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката.

Со член 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е предвидено дека градежно и друго земјиште, предвидено за градба со кое управува Републиката, се доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти, а според ставот 2 на овој јчлен со решение за доделување на градежно земјиште се утврдува инвеститор – корисник на градежно земјиште. Со ставот 3 на овој член е предвидено дека доделувањето на градежното земјиште го врши Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Од наведените законски одредби произлегува дека под градежно земјиште се подразбира земјиште предвидено за градба (урбанизирано земјиште) во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба и дека градежното земјиште е на Републиката и дека со него управува Републиката.

Од наведените уставни и законски одредби, исто така, произлегува дека градежното земјиште како општо добро мора да се користи во согласност со условите утврдени со закон низ кои се обезбедува рационално користење на земјиштето.

Според член 20 од Законот за основните сопственичко-правни односи (“Службен лист на СФР” бр.6/80 и 36/90), кој согласно член 5 став 1 од Уставниот закон се презема какао републички пропис, право на сопственост се стекнува според самиот закон, врз оснвоа на правна работа и со наследување, а според ставот 2 на овој член право на сосптвеност се стекнува и со одлука на државен орган, на начин и под услови определени со закон. Со членот 21 од овој закон, според самиот закон, правото на сопственост, меѓу другото, се стекнува и со градење на туѓо земјиште, што подразбира дека на земјиштето на кое се гради, физичко и друго граѓанско-правно лице има право на сопственост, односно одредбите од член 24 до 26 од овој закон исклучиво се однесуваат на случаите кога постои право на сопственост на земјиштето на некое од наведените лица, а не и кога е во сопственост на државата, како што е случајот со градежното земјиште. Меѓутоа, поаѓајќи од фактот дека според Уставот сите видови на сопственост имаат еднаков третман и уживаат истоветна правна заштита, како и од фактот дека овој закон уредува односи од преходниот правен поредок кога паралелно постоеа сопственичко-правни субјекти и општествена сопственост, според мислењето на Судот објектот изграден без решение за услови за градба до неговото вклопување во урбанистичките планови или до неговото отстранување или уривање врз основа на правосилна одлука на надлежен орган претставува сопственост на инвеститорот односно претставува граѓанско правен однос. Во таа смисла, како предмет на сопственоста, ваквиот објект ја ужива целокупната правна заштита, а преминот во државна сопственост претставува вид на национализација. Друго е прашањето за исполнување на обврските на инвеститорот према државата по основ на градба на државно, односно урбанизирано земјиште. Според мислењето на Судот со вклопување на безправно изградениот објект во урбанистичкиот план инвеститорот е должен да ги исполни сите обврски према државата, а при тоа државата да воспостави соодветен инструментариум за наплата на овие обврски.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Законот е предвидено објектот изграден на државно земјиште без решение за услови за градба станува државна сопственост, Судот оцени дека тие не се во согласност со член 8 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.108/96)