104/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 март 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВАТ член 18 став 7 и членовите 24, 25 и 16 од Правилникот за обрасците на сообраќајната дозвола, возачката дозвола и регистарските таблици (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/93, 36/93, 67/93), како и списокот на ознаките на регистарските подрачја и образецот 21, што се составен дел на Правилникот.

2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 17 од Правилникот.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите на Златко Николовски од Титов Велес и Тодор Петров, пратеник во Собранието на Република Македонија, со Решение У.бр.104/93 од 29 декември 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 17, член 18 став 7 и членовите 24, 25 и 26 од Правилникот означен во точката 1 на оваа одлука, како и на списокот на ознаките на регистарските подрачја и образецот 21, што се составен дел на Правилникот, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија.

5. На седницата Судот утврди дека според член 18 став 7 од Правилникот, на страниците на кои им е дадено одобрение за привремен престој подолг од 6 месеци, регистарската табличка е во бела боја и на неа со црни букви и броеви е испишана ознаката на регистарското подрачје, ознаката на Република Македонија, регистарскиот број, составен од 3 цифри, променлива буквена ознака (А, В, С . . . ) и бројот 9 кој не е променлив. Според член 24 став 1 од Правилникот, пробната табличка има бела боја, со ознаки и боеви во црна боја и во горниот дел осдржи ознака Република Македонија, натпис “ПРОБА” , а во долниот дел буквена ознака на регистарското подрачје и регистарски број. Според член 25 од Правилникот, ознаката и броевите на регистарските и пробните таблички се испишуваат со букви на латиница и со арапски броеви. Формата и димензиите на буквите и броевите се утврдени во образецот бр.21, а големината на ознаката на Република Македонија на образецот бр.22. Според член 26 од Правилникот, регистарските таблички, освен пробните таблички и табличките на дипломатско-конзуларните претставништва, мора да имат рефлекторски својства и вграден заштитен знак “МКД” . Според член 28 од Правилникот, обрасците од бројот 1 до 22 претставуваат негов составен дел.

6. Во одговорот на наводите содржани во решението за поведување постапка доносителот на актот министерот за внатрешни работи истакна дека не бил спорен фактот дека регистарските таблици претставуваат јавни ознаки и дека како такви се составен дел не само на јавната комуникација во републиката, туку и надвор од неа, во меѓународниот сообраќај, и затоа при донесувањето на актот се имале предвид и одредбите од Меѓународната конвенција за сообраќајот на патиштата, која, согласно член 118 од Уставот на Република Македонија, е дел од внатрешниот правен поредок. Имено, според членот 36 од Конвенцијата, прифатена со Одлука на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/93), секој автомобил во меѓународниот сообраќај требало да носи, напред и назад, свој регистарски број, а мотоциклите морале да го имаат овој број само назад.

Согласно точката 1 на Прилог 2 на Конвенцијата, регистарскиот број бил составен од броеви или од броеви и букви. Броевите требало да бидат арапски, а буквите големи букви на латиница. Меѓутоа, можело да се употребуваат други броеви и букви, но регистарскиот број треба да биде повторен со арапски броеви и со големи букви на латиница.

Според тоа, со Правилникот е зачувана формата и содржината на регистарските таблици утврдена со Конвенцијата и оваа форма и содржина не можела да се менува со закон. Притоа, со Правилникот било прифатено основното, а не алтернативното решение.

Со оглед на изнесеното министерот за внатрешни работи смета дека со оспорените одредби од Правилникот не бил повреден член 7 став 1 од Уставот, затоа што било прифатено решение кое имало нормативно-правна основа во Меѓународната конвенција за сообраќај на патиштата.

7. Според член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Според член 36 од Меѓународната конвенција за сообраќај на патиштата, прифатена со Одлука на Владата на Република Македонија, донесена на 28 јули 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/93), секој автомобил во меѓународен сообраќај треба да носи, напред и назад, свој регистарски број, а мотоциклите мора да го имаат овој број само назад. Составувањето и поставувањето на регистарскиот број наведен во овој член треба да се усогласи со одредбите на Прилогот 2 од Конвенцијата.

Според точката 1 на Прилог 2 на Конвенцијата, регистарскиот број треба да е составен од броеви или од броеви и букви. Броевите треба да бидат арапски, а буквите – големи букви на латиница. Меѓутоа, можат да се употребуваат други броеви или букви, но регистарскиот број треба да биде повторен со арапски броеви и со големи букви на латиница.

Од наведените одредби на Конвенцијата произлегува дека државите потписнички само за моторните возила во меѓународниот сообраќај се обврзуваат составувањето и поставувањето на регистарските таблички на возилата да го вршат на начин како што е опишан во образецот 2 од Конвенцијата односно да бидат испишани со арапски броеви и со големи букви на латиница, со можност да се напишат и со други броеви и букви, при што регистарскиот број треба да биде повторен со арапски броеви и со големи букви на латиница. Тоа значи дека Конвенцијата не ја попречува државата – потписничка, означувањето на регистарските таблици да го врши на својот службен јазик и писмо.

Според мислењето на Судот, регистарските таблички на моторните возила учесници во сообраќајот претставуваат јавни ознаки и како такви се дел од јавната комуникација во Републиката, што се остварува на македонски јазик, како службен јазик во Републиката и со неговото кирилско писмо.

Со оглед на тоа што означените одредби од Правилникот означени во точката 1 од оваа одлука предвидуваат регистарските таблички да се испишуваат само со букви на латиница, со што се исклучува употребата на кирилското писмо, Судот оцени дека тие одредби од Правилникот, како и списокот на ознаките на регистарските подрачја и образецот број 21, што се составен дел на Правилникот, не се во согласност со член 7 став 1 од Уставот.

8. Судот ја запре постапката за оценување уставноста на член 17 од Правилникот, затоа што со неа се создава само нормативна основа за списокот на ознаките на регистарските подрачја, без притоа да се уредува со кое писмо ќе се означуваат регистарските подрачја.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.