Меѓународна Конференција по повод 50 години од основањето и функционирањето на Уставниот суд на Република Македонија

Уставниот суд на Република Македонија ја одбележа 50 годишнината од своето постоење Уставниот суд на Република Македонија ја одбележа 50 годишнината од своето постоење со Меѓународна конференција што се одржа на 19 септември 2014 година во Скопје. На свеченото отварање на Меѓународна конференција се обрати претседателот на Уставниот суд на Република Македонија г-ѓа Елена Гошева, претседателот на Република Македонија г-дин Ѓорѓе Иванов, како и претседателот на Европскиот суд за човекови права г-дин Дин Шпилман, потпретседателот на Венецијанската Комисија г-ѓа Хердис Торгајсдотир, шефот на Мисјата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Ралф Брет и Раководителот на Програмата за владеењето на правото во Југоисточна Европа на Фондацијата Конрад Аденауер г-дин Торстен Гајслер.

„Чест и задоволство е да се одбележи педесетгодишен јубилеј на институција што е носител и синоним за развојот на демократските процеси и заштитник на највисоките цивилизациски вредности на современиот свет. Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Устав и закон. Ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, слободата на мислата и нејзиното јавно изразување, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност“, изјави претседателката на Уставниот суд на Република Македонија, Елена Гошева.

Во работниот дел на Конференцијата учествуваа претседатели и судии на уставните судови од 20 земји од Европа и од светот, како и националниот судија на Република Македонија во Европскиот суд за човекови право во Стразбур д-р Мирјана Лазарова Трајковска, кои имаа излагања на темите на Конференцијата: 1. Принципот на поделбата на власта и неговата заштита од страна на Уставниот суд;  и 2. Оценка на уставноста и законитоста на подзаконските акти.

За прв пат Уставниот суд во Република Македонија бил востановен во 1963 година, а на 15 февруари 1964 година и официјално почнал со работа.

На самиот почеток од плуралистичкиот политички систем во Република Македонија, на 17 декември 1991 година, два месеци по прогласувањето на нејзината независност на 8 септември 1991 година, е донесен новиот Устав на
самостојна и независна Македонија. Јасната поделба на трите власти во системот, законодавната, извршната и судската, фрлија ново светло во поставувањето и функционирањето на системот во целина. Уставниот суд на Република Македонија е член на Европската конференција на уставни судови од 1999 година, а од 2011 година Уставниот суд членува и во Светската конференција за уставна правда како асоцијација на уставни судови од сите континенти.