Издвоено мислење по предметот У.бр.81/2022

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.81/2022 со кое Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 05, бр.27-8039/1 од 23 август 2021 година, донесена од Советот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.11/2021 од 24.08.2021 година), и да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на актот, оспорената одлука, писмено го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. По повод иницијативата поднесена од Бојан Милошевски, адвокат од Скопје, за оценување на уставноста и законитоста на наведената oдлука, Судот на седницата одржана на 12 јули 2023 година со мнозинство гласови го донесе Решението У.бр.81/2022. Според мое мислење, наводите во иницијативата не беа основани, поради што гласав против и со почит ја искажувам мојата несогласност со аргументите од предметното решение.

2. Подносителот на иницијативата наведува дека Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 05, е во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9, член 30 алинеи 1 и 3, член 51 став 1, член 55, член 68 став 1 алинеја 2 и Амандман XVII од Уставот на Република Северна Македонија, како и со одредбите од член 14 ставови 6 и 7 и член 42 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 90/2017, 64/2018 и 168/2018).

Во иницијативата, преку неколку конкретни примери се наведува дека во текстуалниот и графичкиот прилог од донесениот Регулациски план, можат да се забележат низа пропусти и нерегуларности коишто се спротивни на Генералниот урбанистички план. Согласно наведеното, подносителот смета дека доносителот на оспорениот акт постапил спротивно на член 14 ставови 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој со сигурност може да се заклучи дека постои неусогласеност на оспорената одлука со Генералниот урбанистички план за Град Скопје 2021-2022, како и со постоечкиот и на сила Детален урбанистички план за градска четврт З 05 донесен со Одлуката бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 година.

Доносителот на оспорениот акт, постапил спротивно и на член 42 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што истиот не го прикачил на веб-страницата на Град Скопје, со што постои суштествена повреда на постапката за негово донесување.

Понатаму, според подносителот, со оспорената одлука, Советот на Град Скопје ги доведува во нееднаква положба граѓаните и институциите што имаат сопственост на недвижности на територија на Општина Карпош, на начин што не можат да ја реализираат намената и правото коешто им е загарантирано и дадено согласно акт на Општината (Деталниот урбанистички план З 05 донесен со Одлуката бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 година), во смисла на тоа дека овие права може да им се одземаат или ограничат со Регулациски план, а притоа да не постои никаков јавен интерес кој евидентно не е прикажан од истиот.

Подносителот на иницијативата смета дека несомнено се создава и правна несигурност на начин што со оспорената одлука се дерогира и се прави обид да му се „одземе“ правната сила на веќе постоечкиот и важечки Детален урбанистички план, со којшто граѓаните и правните лица ги остваруваат своите права и правни интереси. Имено, веќе донесениот Детален урбанистички план како општ акт којшто го донесува Советот на општината и Советите на општините на Градот Скопје, неговата законитост може само и единствено да се преиспитува со одлука на Уставниот суд, а сẻ до тогаш општините се должни да постапуваат по барањата на граѓаните во смисла на издавање на соодветна градежно-техничка документација за градби од нивна надлежност, и притоа во ниту една ситуација не може истиот да биде заменет со Одлука за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план, па дури и истиот да е од повисок ранг.

3. Мнозинството судии при носењето на својата одлука се повика на следниве аргументи од предметното решение „Во конкретниот случај, од извршениот увид во доставената документација којашто се однесува на постапката за донесувањето на оспорената одлука, Судот утврди дека Советот на Град Скопје во целост ја запазил законски уредената постапка за донесување на конкретниот Регулациски план, и ја спровел законски пропишаната фаза за објавување на донесениот акт во електронска форма на веб-страницата на Град Скопје, поради што наводите на подносителот дека доносителот на оспорената одлука, постапил спротивно на член 42 став 5 од Законот се неосновани.

Имајќи го предвид значењето и уредувањето на регулацискиот план на генерален урбанистички план, според Судот, произлегува дека истиот утврдува граници на идно детално планирање, односно начинот на дефинирање на границите на планскиот опфат со регулациски план преставува основа за донесување на детален урбанистички план. Од оспорената одлука може да се утврди дека истата се однесува на донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план за градска четврт З 05 за кој веќе постои важечко детално планирање, односно Детален урбанистички план за градска четврт З 05 донесен со Одлуката бр.07-7546/4 од 06.11.2013 година од страна на Советот на Општина Карпош.

Согласно член 43 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, периодот за планирање на просторот утврден во регулациски план на генерален урбанистички план треба да е соодветен со периодот за планирање на просторот утврден во генералниот урбанистички план според кој е донесен.

Врз основа на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, Советот на Општина Карпош донел Детален урбанистички план за градска четврт З 05 со Одлуката бр.07-7546/4 од 06.11.2013 година, кој е сẻ уште во сила, што упатува и на фактот дека истиот е усогласен со Генералниот урбанистички план. Од друга страна пак, според Судот, спротивно на уредувањето во член 43 став 2 од Законот, Регулацискиот план на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за градска четврт З 05 е донесен во 2021 година, односно 7 години подоцна и истиот врши разработка на генерален урбанистички план и утврдува граници за детално планирање за веќе постоечки детален урбанистички план.

Оттука, врз основа на спроведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека тврдењето на подносителот дека со оспорената одлука се создава правна несигурност, на начин што со истата се дерогира и се прави обид да му се одземе правната сила на веќе постоечки и во сила детален урбанистички план, односно дека не може детален урбанистички план којшто е во сила да биде заменет со Одлука за донесување на регулациски план на генерален урбанистички план, се основани. Во конкретниот случај, не е спорно дека важечкиот и во примена Детален урбанистички план за градска четврт З 05 од 2013 година е усогласен со Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022. Според Судот, при постоење на законска регулатива според која детален урбанистички план да биде усогласен со генерален урбанистички план и регулациски план доколку е донесен регулациски план, таа обврска може да се однесува само на обврската детален урбанистички план да биде усогласен со нив во времето на неговото донесување. Во спротивно, доколку законската обврска за усогласеност на детален урбанистички план со регулациски план, доколку е донесен, се однесува на веќе донесен во правна сила и примена детален урбанистички план како во конкретниот случај, тоа би претставувало повреда на стекнатите права (со веќе донесен детален урбанистички план) што води кон правна несигурност и повреда на владеењето на правото. Владеењето на правото е темелна вредност на нашиот уставен поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, притоа, принципот на правна сигурност кој е суштински елемент во оваа темелна вредност покрај другото, налага постоење на правна хиерархија, хармонија, усогласеност и конзистентност во правниот поредок. Тоа подразбира дека законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со закон, како што е утврдено во член 51 став 1 од Уставот.

Имајќи предвид дека во член 23 од Законот за урбанистичко планирање (којшто сега е во сила) е уредено прашањето во кои случаи и во каква постапка може да се суспендира примената на урбанистички план или негови делови, кои се обврските на донесувачот на планот, кои се последиците, како и временските рокови, што претставува законски основ за суспензија на примена на детален урбанистички план или негови делови, Судот смета дека Советот на Град Скопје не може со одлука за донесување на регулациски план на генерален урбанистички план да го замени важечкиот детален урбанистички план, којшто бил донесен во законски утврдена постапка. Оттука, Судот смета дека со оспорената одлука за донесување Регулациски план, Советот на Град Скопје излегува надвор од своите законски надлежности. Имено, законската обврска детален урбанистички план да биде усогласен со генерален урбанистички план и регулациски план доколку е донесен, ако истиот се однесува на важечки и во примена детален урбанистички план, би претставувало фактичка суспензија и неможност да се применува деталниот урбанистички план.

Видно од Планската програма за регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 05 се однесува на планскиот период 2018-2022 година, односно за помал период од Генералниот урбанистички план, при што во текстуалниот дел како цел која треба да се постигне, меѓу другото, се наведува континуитет во урбанистичкото планирање со усогласување и надоврзување на усвоените плански документи од повисоко и пониско ниво. Судот смета дека ваквата цел за усогласување со веќе усвоени плански документи од пониско ниво при донесување на регулациски план е спротивна на одребите од Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои се дефинира регулацискиот план и постапката за негово донесување.

Според Судот, точно е дека во член 94 став 1 од Законот за урбанистичко планирање е предвидено дека започнатите постапки за донесување на регулациски план на генерален урбанистички план до денот на отпочнување на примена на овој закон, ќе продолжат согласно одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, меѓутоа, имајќи го предвид утврденото значење на регулацискиот план како план со кој може да се врши разработка на плански опфат на генерален урбанистички план заради детално планирање, оваа одредба од Законот нема примена во случајот при постоење на важечки и во примена детален урбанистички план.

Согласно наведеното, Судот утврди дека со донесување на оспорениот акт Советот на Град Скопје, ги пречекорил своите законски овластувања, сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.”

4. Како што веќе претходно и во други издвоени мислења го имам истакнато својот став, разликата во мислењата што тука сакам да ја потенцирам е од принципиелна и суштинска природа и се однесува на стандардот со уставна важност, односно во толкувањето на темелните вредности на Уставот.

Во конкретниот случај, сметам дека мнозинството судии имаше погрешен пристап при толкувањето на оспорените законски одредба vis a vis темелните вредности на нашиот уставен поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 3, 6, 9 и 10 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и во однос на принципот на еднаквост на граѓаните утврден во член 9 од Уставот, член 30 став 1 од Уставот, со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Уставниот суд како чувар на Уставот е должен да се грижи за остварување на највисоките темелни вредности, начела и гаранции на уставниот поредок. Владеењето на правото претставува таква темелна вредност од која произлегуваат бројни начела и принципи коишто го формираат нејзиното битие, особено правната сигурност којашто подразбира законите да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон со што се обезбедува хармонија, усогласеност и конзистентност во уставно-правниот поредок. Таа во суштина претставува вредност којашто има императив да ги гарантира, обезбедува и афирмира сите останати темелни вредности, уставни принципи, начела и норми. Односот помеѓу владеењето на правото и останатите темелни вредности како правната заштита на сопственоста, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, принципот на еднаквост утврден во член 9 од Уставот, е суштински. Имено, само преку владеењето на правото и само преку усогласеноста на општите прописи со уставните вредности и норми може да се ефектуираат, афирмираат и правната заштита на сопственоста, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, принципот на еднаквост.

Кои се моите аргументи изнесени во расправата по конкретниов предмет.

Уставниот суд при испитување на уставноста и законитоста на просторните планови согласно своите надлежности и развиената уставно- судска практика ги оценува следниве факти:

1. Дали просторниот план е донесен од овластен орган и дали се запазени сите законски пропишани фази во постапката за неговото донесување?
2. Дали постои задоволување на законски пропишаната хиерархиска поставеност меѓу просторните планови, односно дали пониските се усогласени со плановите од повисок ранг?

Во однос на првата надлежност, мнозинството судии го признава неспорниот факт дека од увидот во фактичката состојба Градот Скопје односно Советот на Градот Скопје има законско овластување да го донесе оспорениот Регулациски план, и дека при неговото донесување се запазени сите фази на постапката пропишани со закон, така што наводите на подносителот во овој дел се неосновани.

Во однос на втората надлежност на Уставниот суд, испитувањето дали Регулацискиот план е усгласен со Генералниот урбанистички план, во рефератот не беше понуден ниту еден доказ за постоење на таква неусогласеност. Напротив од одговорот по повод наводите на иницијативата од Градот Скопје, може да се констатира токму обратното. Односно, дека постои целосна усогласеност на Регулацискиот план, потврдено со позитивно мислење од Комисијата за урбанизам и катастарот, со што се демантираат сите наводи на подносителот на иницијативата во тој дел*.

* Во однос на наводите во иницијативата за различните намени и параметри предвидени со Деталниот урбанистички план и Регулацискиот план и податоците од постојната состојба за градска четврт З 05, од страна на доносителот на актот наведена е следната фактичка состојба:
– во блок “З 05 02“ се предвидувала доминантна класа на намена М(А+Б), односно “А“ – домување и “Б“ – комерцијални и деловни намени. Покрај доминантните класи на намените биле предвидени и “В“ – јавни институции (во рамките на намената “В“ спаѓала и намената “В5“ – верски институции), “Д1“ – парковско зеленило и површина под секундарна инфраструктура. Приложен е и табеларен приказ со нумерички показатели;
– во блоковите “З 05.03“ и “З 05.04“ (како и во сите други блокови) предвидената класа на намени “Д1“ – претставувала јавен интерес од највисоко ниво. Согласно член 59 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, минималниот број на паркинг места за планираните намени на земјиштето и градбите за “Д1“ – парковско зеленило, се определувал од проектната документација во зависност од специфичните потреби и услови. Од тука произлегувало дека со детален урбанистички план може попрецизно да се уредат јавните површини со детална диспозиција на јавните отворени паркинзи и парковско зеленило;
– во блокот “З 05.06“ по должина на улицата Никола Русински било планирано зеленило кое постои на лице место и не задирало во постоечките подземни паркинзи. И за овој блок важело образложението коешто е дадено за претходните два блока;
– во блокот “З 05.06“ на местото каде што било предвидено “Д1“ – парковско зеленило од увид на лице место можело да се констатира дека истото е постоечко, исто така со увид во важечкиот Детален урбанистички план можело да се види дека на таа локација не се предвидувал хелиодром, и
– во блокот “З 05.08“ по должината на новопланираната улица “С5“ исто така било предвидено “Д1“- парковско зеленило кое на лице место постои и не навлегувало во поликлиниката “Букурешт“, а од истата било одвоено со постоечка улица.

Во овој контекст и на расправата истакнав дека во отсуство на релевантен доказ за ваквата неусогласеност, а при постоење на наводи или дилеми, неопходно било да се примени член 18 од Деловникот, односно да се повика доносителот на оспорениот акт на консултативен разговор и да се побараат известувања и објаснувања за да се расчисти дилемата доколку постоела. Спротивно од оваа можност, мнозинството судии ги прифатија за основани наводите на подносителот на иницијативата кои по мое длабоко уверување се апсурдни и неточни.

Подносителот на иницијативата наведува повеќе примери во повеќе блокови и конкретни градежни парцели од опфатот на Деталниот урбанистички план донесен со Одлуката бр.07-74546 од 06.11.2013 година, опфатени и со оспорениот Регулациски план и прави компарации за намена и за параметри, односно како е предвидено во Деталниот урбанистички план, а како во Регулацискиот план. Притоа подносителот како аргументи за неусогласеност на Регулацискиот план со Генералниот урбанистички план, односно до заклучокот за таквата неусогласеност доаѓа преку наводот дека Деталниот урбанистички план, кој и до ден денес бил во сила, не е во спротивност со Генералниот урбанистички план. Ваквите наводи и заклучок на подносителот не само што се неосновани, туку се и погрешни. Согласно член 11 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, детален урбанистички план како план од пониско ниво мора да биде усогласен со генерален урбанистички план односно со регулациски план на генерален урбанистички план ако истиот е донесен, а не обратно како што тврди подносителот. Во тој контекст законодавецот и во новиот Закон за урбанистичко планирање, предвидел дека деталните урбанистички планови се планови од пониско ниво на планирање од генералните урбанистички планови и треба да се во согласност со генералните урбанистички планови. Притоа член 92 став 3 предвидува дека регулациските планови на генерален урбанистички план кои се донесени согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање, се применуваат во согласност со одредбите на Законот за урбанистичко планирање како составен дел на генералниот урбанистички план. Во ставот 2 од истиот член на Законот за урбанистичко планирање е предвидено дека доколку е утврдена разработка на Генерален урбанистички план со Регулациски план, Регулацискиот план ќе биде донесен како измена и дополнување на Генералниот урбанистички план. Ако правилно се толкува ваквото уредување јасно произлегува дека законодавецот со истото, вклучително и одредбите од член 14 од претходното законско решение од Законот за просторно и урбанистичко планирање, јасно ја определил правната природа и суштина на регулацискиот план. Односно, законското нормирање дека регулациските планови се применуваат „како составен дел на Генералниот урбанистички план” дека „Регулацискиот план ќе биде донесен како измена и дополнување на Генералниот урбанистички план”, значи дека оспорениот регулациски план со оваа иницијатива претставува и се применува како составен дел на Генералниот урбанистички план, односно истиот претставува измена и дополнување на Генералниот урбанистички план, од што произлегува и законската обврска Деталниот урбанистички план за четврт З 05 на Општина Карпош да биде усогласен со Генералниот урбанистички план односно со Регулациски план доколку е донесен, а оспорениот Регулациски план неспорно е донесен. Доколку Деталниот урбанистички план не е усогласен со Регулациски план, согласно одредбите од Законот за урбанистичко планирање претходно наведени, тоа би значело неусогласеност на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план.

Врз основа на претходните заклучоци, апсурдно е тврдењето на подносителот дека со оспорениот регулациски план се создава правна несигурност, на начин што со истата се дерогира и се прави обид да му се одземе правната сила на веќе постоечки и во сила Детален урбанистички план, односно дека не може детален урбанистички план којшто е во сила да биде заменет со Одлука за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план. Владеењето на правото е темелна вредност на нашиот уставен поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, притоа, принципот на правна сигурност кој е суштински елемент во оваа темелна вредност покрај другото, налага постоење на правна хиерархија, хармонија, усогласеност и конзистентност во правниот поредок. Тоа подразбира дека законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со закон, како што е утврдено во член 51 став 1 од Уставот. Во конкретниот случај, хиерархиската поставеност на урбанистичките планови јасно е поставена во Законот за урбанистичко планирање. Со донесувањето на оспорената одлука, не се дерогира ниту се заменува важечки Детален урбанистички план, туку Советот на Општината е под законска обврска доколку има Детален урбанистички план којшто е во сила, да го усогласи со Генералниот урбанистички план чиј составен дел е Регулацискиот план. На тој начин ќе биде задоволен принципот на правната сигурност кој е суштински елемент на владеењето на правото.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одлука, граѓаните и институциите што имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Карпош не можат да ја реализираат намената и правото кое им е загарантирано и дадено согласно акт на Општината и на тој начин истите се доведуваат во нееднаква положба и им се повредува правото на сопственост се, исто така, апсурдни. Имено, за повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога имаме состојба во која доносителот на прописот за иста категорија субјекти кои се наоѓаат во иста правна положба и статус утврдил различни права и услови за нивно остварување. Граѓаните и институциите на територијата на Општина Карпош ги остваруваат правата кои произлегуваат од правото на сопственост под еднакви услови сẻ до моментот додека е на сила конкретен детален урбанистички план. Секој детален урбанистички план кој е во сила, односно детален урбанистички план кој треба да биде донесен е под законска обврска да се усогласи со повисокиот пропис, во случајот, Генералниот урбанистички план чиј составен дел е оспорениот Регулацискиот план. Ваквата законска обврска за усогласување со утврдените нови граници и намени за детално планирање со Регулацискиот план, на ниеден начин не претставува повреда на принципот на еднаквост утврден во член 9 од Уставот, ниту пак повреда на правото на сопственост гарантирано со член 30 од Уставот, од причина што по усогласувањето кое подразбира донесување на нов Детален урбанистички план или измена и дополнување на важечки план, граѓаните и институциите своите права кои произлегуваат од правото на сопственост ќе ги остваруваат под еднакви услови согласно правилата и границите уредени со новиот или изменетиот Детелен урбанистички план.

Дополнително, треба да се има предвид и фактот што во постапката за донесување на Регулациски план не се уредува и утврдува правото на сопственост, туку истата се утврдува во редовна постапка пред надлежен суд, иницирана со сопственичка тужба.

Донесувањето на урбанистичките планови е прашање од јавен интерес и тој јавен интерес е утврден со закон. Во конкретниот случај не може да стане збор дека Детален урбанистички план со параметрите и намените кои ги предвидува, значи дека на субјектите им нуди стекнати права, напротив тој нуди и дава можност да се користат правата сẻ додека истиот е во правна сила, а правата граѓаните ги стекнуваат со нивната позитивизација во конкретен правен акт, како пример, одобрение за градба. Доколку јавниот интерес наложи измена и дололнување на Детален урбанистички план, донесување на нов Детален урбанистички план за ист плански опфат, или неопходност од негово усогласување со Регулациски план, тоа не значи дека правата и можностите кои ги нудел Деталниот урбанистички план кој треба да се измени и усогласи, се сметаат за стекнати права. Тоа е исто како законодавецот да направи измени и дополнување на конкретен закон, или донесе нов, во кои се менуваат условите и можностите за користење на права од него, и да се тврди дека со таквите измени или со новиот закон се повредуваат стекнати права на граѓаните, стекнати со претходните закконски решенија. Во конкретниот случај имајќи ја предвид комплексната законска постапка за донесување на регулациски план на Генерален урбанитички план, фактот што тој се донесува согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за локалната самоуправа од непосредно избрани советници во Град Скопје, а притоа имајќи го предвид член 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање каде е предвидено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на просторниот план на Република Северна Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација се работи од јавен интерес, сметам дека тврдењето на подносителот дека оспорената одлука е донесена без да постои никаков јавен интерес е неосновано.

Клучниот аргумент на подносителот на иницијативата и на мнозинството судии беше погрешното толкување на правната природа и правниот опфат на Регулацискиот план. Имено, мнозинството судии сметаа дека Регулациски план може да се однесува само за идно детално планирање, односно не може да ги тангира веќе постојниот и во сила Детален урбанистички план, како во конкретниот случај Деталниот урбанистички план за З 05. Моето стојалиште е сосема спротивно, правната природа и правната смисла на регулациски план е да биде донесен со цел да доразработи генерален урбанистички план, да утврди граници на идно планирање, односно да утврди параметри и намени како доразработка на генералниот урбанистички план за простор за кој е утврдена таква потреба, и опфатот во регулацискиот план се однесува за простор на кој е ирелевантно дали постои важечки детален урбанистички план или нема, и допрва треба да се носи. Зборот „идно планирање” подразбира од моментот кога со регулациски план ќе бидат утврдени новите намени и параметри и кога ќе стапат во сила па натаму, што налага обврска постојниот детален урбанистички план да биде усогласен со решенијата во регулацискиот план, или доколку нема детален урбанистички план, истиот да се донесе со почитување и усогласеност со регулацискиот план. Спротивното тврдење дека не може да се однесува на деталниот урбанистички план кој веќе е во сила е апсурдно, во тој случај регулацискиот план станува бесмислен и без никаков ефект (а неговото донесување претставува јавен интерес).

Во расправата по предметот пред Судот, во овој контекст истакнав дека дури и хипотетички да го прифатам аргументот на судијата- известител дека „Регулациски план не може да се однесува на Детален урбанистички план кој веќе е во сила”, (што секако не го прифаќам), во што се состои сомнежот за негова неуставност и предлогот да се поведе постапка за оценка на неговата уставност и законитост? Одговорот е едноставен, нема оправдани уставно правни аргументи за сомнеж во уставноста и законитоста на оспорениот регулациски план. И претходно ги наведов причините поради кои регулациски план може да се доведе под сомнеж и да се испита неговата уставност и законитост, само ако е донесен од неовластен орган, ако е повредена која било фаза од законски пропишаната постапка за донесување и доколку има неусогласеност во повисок по ранг урбанистички план како во случајот неусогласеност со Генералниот урбанистички план. Но, за ниеден од овие основи во конкретниот случај не може да стане збор.

Уште повеќе, во корист на моите стојалишта, на Судот му ја посочив и Одлуката У.бр.135/2017 од 5 декември 2018 година, со која Судот ја укинал Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт „3 05“, опфат помеѓу: бул.„Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и „Љубљанска“, Блок 1, Блок 5 и Блок 8, Општина Карпош-Скопје, бр. 09-89/2 од 05.01.2016 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.2/2016). Од оваа Одлука на Уставниот суд произлегува дека за Градска четврт „3 05“, опфат помеѓу: бул.„Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и „Љубљанска“, Блок 1, Блок 5 и Блок 8, Општина Карпош-Скопје, во моментот не постои детален урбанистички план. Евентуалното укинување на сега оспорениот Регулациски план кој ги опфаќа и наведените блокови за кои нема детално урбанистичко решение, ќе значи неможност на примена на Регулацискиот план чие донесување како што и претходно наведов е прашање од јавен интерес.

Од погоре изнесеното, по мое длабоко уверување, мнозинството судии со неприфатливи уставноправни аргументи, како и со неправни аргументи (целисходноста, времето на носење на Регулацискиот план итн), во суштина примени уставно-судски активизам со одлуката да поведе постапка и да одреди времена мерка за оспорениот регулациски план, со што се повредуваат темелните вредности на нашиот уставен поредок, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина.

5. Во контекст на изнесеното, сметам дека Судот не требаше да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 05, бр.27-8039/1 од 23 август 2021 година, донесена од Советот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.11/2021 од 24.08.2021 година), и да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на актот оспорената одлука.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Конечно решение У.бр.81/2022