Издвоено мислење по предметот У.бр.65/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992, по моето гласање против Решението У.бр.65/2020 од 20 мај 2020 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. Не се согласувам со Решението на Уставниот суд со кое се одлучи да не се поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за јавните собири за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.71/2020).

2. За мене не е спорно дека Владата при постоење на вонредна состојба е овластена во согласност со Уставот и со закон, да донесе уредба со законска сила со која ќе го ограничи правото на граѓаните мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест со цел спречување на ширење на коронавирусот.

3. Сметам дека мнозинството судии при разгледувањето и одлучувањето по иницијативата ги имаа предвид само наводите на подносителот на иницијативата, Светскиот македонски конгрес застапуван од Тодор Петров.

4. Моето мислење е дека Судот не е врзан само за наводите на иницијативата, туку требаше самостојно да ги земе предвид и уставните одредби и меѓународните документи, а особено:

Член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, според кои основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Член 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 16 став 1 од Уставот, според кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а со став 2 од истиот член, меѓу другото, се гарантира слободата на говорот и јавниот настап.

Член 21 став 1 од Уставот, според кој граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Според ставот 2 на овој член, користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Член 54 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Член 20 од Униврезалната декларација за човековите права, во кој е определено дека секој има право на слобода на мирни собири и здружување.

Член 21 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, со кој се признава правото на мирно собирање. Вршењето на ова право може само да биде предмет на ограничувања, предвидени во согласност со законот, а кои се потребни во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, на јавната безбедност, на јавниот ред или заради заштита на јавното здравје или на моралот или на правата и слободите на други лица.

Член 5 став 1, точка г) под 9 од Меѓународната конвенција за укинување на сите форми на расна дискриминација, според кој државите членки се обврзуваат, меѓу другото, да му гарантираат на секој право на еднаквост пред законот без разлика на расата, бојата или националното или етничкото потекло, особено во поглед на уживањето на другите граѓански права, меѓу кои и правото на слобода на мирен собир и здружување.

Член 11 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според кој секој има право на слободно, мирно собирање и на здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа и да стане член на синдикат за да ги заштити своите интереси. Според став 2, остварувањето на овие права може да се ограничи само со закон и само доколку тоа е неопходно во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, за спречување на неред или кривично дело, за заштита на здравјето и моралот или за заштита на правата и слободите на другите. Овој член не го спречува поставувањето на законски ограничувања за припадниците на вооружените сили, полицијата или државната администрација.

Понатаму, уставните одредби кои се однесуваат на правото на граѓаните на мирно собирање и изразување на јавен протест, се операционализирани во Законот за јавните собири („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/1995, 19/2006, 66/2007, 152/2015 и 31/2020).

Согласно член 1 од Законот, со овој закон се уредуваат начинот на остварување на правото на граѓаните на јавно собирање заради мирно изразување на мислење и јавен протест, како и случаите кога ќе се прекине одржувањето на јавен собир.

Според член 4 став 1 од Законот, заради заштита на правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдувањето на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и заради почитување на обврските од меѓународни договори, организаторот на јавниот собир е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир и да организира редарска служба. Ставот 2 од истиот член, превидува дека доколку организаторот побара, а Министерството за внатрешни работи определи обезбедувањето на одржувањето на редот на јавниот собир да го врши полицијата, трошоците за тоа обезбедување ги поднесува организаторот. Во ставот 3 на овој член од Законот, предвидена е обрска за организаторот да го прекине одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот и да го извести веднаш Министерството за внатрешни работи за тоа.

Членот 5 од Законот, им забранува на лицата кои присуствуваат на јавниот собир да носат оружје и општо опасно орудие, како и алкохолни пијалоци и опојни дроги.

Во членот 6 од Законот, предвидени се случаите кога Министерството за внатрешни работи го прекинува одржувањето на јавен собир (во случаите кога истиот е насочен кон загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните; вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон и загрозување на животната средина). Според ставот 2 на овој член од Законот, Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.

5. Од анализата на оспорената уредба со законска сила која содржи само три члена произлегува дека од насловот и членот 1 ставови 1 и 2, во суштина не се уредува примената на Законот за јавните собири односно за одржување на јавни собири за време на траење на вонредна состојба, не се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила, туку напротив со членот 2 потполно се забранува одржување јавни собири на цела територија на Република Северна Македонија за време на траење на вонредната состојба, што според мене е спротивно на членот 21 став 2 од Уставот кој предвидува само можност за ограничување на јавни собири, а не и нивна забрана.

Имено, уставотворецот прави јасна дистинкција помеѓу поимите „забрана“ и „ограничување“. Така на пример, во член 11 став 2 од Уставот е предвидено дека „се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување“, а во ставот 3 од истиот член стои дека „се забранува присилна работа“; во ставот 7 од член 16 од Уставот е утврдено дека „цензурата е забраната“; во ставот 4 на член 20 од Уставот е уредено дека „забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија“; во ставот 2 на член 95 е уредено дека „се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа“ итн.

Понатаму, ограничувањето на одржување на јавни собири има легитимна оправданост за справување со ширењето на коронавирусот COVID 19. Меѓутоа, од начинот на кој е формулирана оспорената уредба, односно членот 2, јасно се гледа дека таа е преопшта, без квалитетни критериуми за неопходноста на ограничување на мирните собири.

Исто така, сметам дека целосната забрана на одржување на мирни собири не е пропорционална и не е во духот на едно демократско општество од причини што Владата можела да утврди пропорционално ограничување на мирните собири и јавните протести заради спречување на ширење на коронавирусот и од друга страна заради остварување на уставното право на граѓаните на мирни собири на кои ќе можат јавно да изразат колективно мислење и јавен протест ограничен во определено време на отворен простор со задолжително носење заштитна маска, социјална дистанца со ограничен број граѓани и слично.

Според моето мислење, ова е единствениот уставно прифатлив начин преку пропис со понизок ранг од Уставот да се операционализира можноста за ограничување на користењето на ова уставно право во услови на вонредна состојба, а не преку забранa и целосно суспендирање без уставен основ на можноста граѓаните мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Истовремено ова е и индиректна забрана и оневозможување на користењето на други уставни слободи кои се изразуваат преку ова право, како што се на пример, слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата кои исто така се белези на едно демократско општество и согласно член 54 од Уставот, не можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба.

Од друга страна, мислам дека е погрешно толкувањето на мнозинството судии дека поимот „забрана“ кој е употребен во оспорената уредба со законска сила бил во насока на операционализација на можноста за ограничување на правото на јавен собир од член 21 став 2 од Уставот. Напротив, Уставот прави разлика помеѓу поимите „забрана“ и „ограничување“ кои не се синоними, односно немаат исто значење. Исто така, забранувањето погрешно се поистоветува како конкретно дејствие (несторување) преку кое се изразувало уставното ограничување. Во конкретниот случај, преку забраната за одржување на јавни собири спротивно на член 54 став 4 од Уставот во оспорената Уредба со законска сила се утврдува правило кое значи дека граѓаните немаат право воопшто да користат едно уставно право.

6. Врз основа на изнесеното, на мислење сум дека оспорената уредба со законска сила не е во согласност со наведените уставни одредби, како и со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Судија на Уставниот суд
на Република Северна Македонија,
Јован Јосифовски

Решение У.бр.65/2020