Издвоено мислење по предметот У.бр.52/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) по моето гласање против точката 1 под а) од Решението У.бр.52/2008, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означениот дел од Решението Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на делот “се колнам“ од член 50 став 1 од Законот за судовите. Во овој член е содржан текстот на свечената изјава што ја даваат судиите и судиите-поротници пред стапувањето на должност и таа гласи: “Изјавувам и се колнам дека во вршење на судиската функција ќе ги почитувам Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија, дека ќе судам законито, чесно, совесно, независно и одговорно, и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Во образложението на решението, што го поддржуваат мнозинството судии, се изведува аргументација којашто води кон, главно јазичка, интерпретација на поимот “се колнам“, за да се заклучи дека во случајов не станувало збор за религиозна, туку за традиционална заклетва што го зајакнува свечениот, достоинствен чин на давањето на свечената изјава, па поради тоа таквата заклетва не можела да се одбие под изговор на слободата на вероисповеста. Освен тоа , во решението се сугерира дека ни верски определените, ни атеистите не може да се чувствуваат засегнати по однос на нивната лична определба, туку определбата на законодавецот свечената изјава да се зајакне и потврди со овие зборови “треба да ја поимаат само како убедување себе си, но и на лицата пред кои се дава изјавата, дека веруваат во вистинитоста на зборовите што ги изговараат при давањето на свечената изјава.“

Разликата помеѓу моето мислење и тоа на мнозинството не е во различното поимање на зборовите “се колнам“, односно што значат тие зборови според моето мислење или што, според моето мислење, би требало да им значи или да не им значи на другите. Тие аспекти се ирелевантни за оцена на уставноста на законската одредба што налага човек да се колне. Напротив, во овој случај станува збор за суштински аспект на “приговорот на совеста“ којшто произлегува од слободата на совеста, мислата и уверувањето како темелна слобода на човекот гарантирана со Уставот. Оттука, прашањето во овој случај е дали законодавецот во конкретната одредба го уважува приговорот на совеста на оние лица кои од сериозни причини поврзани со нивното уверување имаат забрана да се колнат и дали според Уставот бил должен тоа да го направи. Или, со други зборови, не се работи за тоа што мене и на моите колеги им значи оспорениот поим “се колнам“, туку што тој поим, не во лингвистички, туку во морален и социјален контекст, им значи на оние кои законот ги повикува да се заколнат, а тоа се противи на налогот на нивната совест што одѕвонува во нивните уши: “немој да се колнеш“!

Според моето мислење, во еден ваков уставно релевантен и реален контекст (доволно е да се укаже дека, на пример, Јеховините сведоци, не смеат да се колнат од причини на верско уверување, како што не смеат да примат оружје), јасно е дека оспорениот дел од одредбата ги става ваквите лица пред две “зла“: или да се заколнат спротивно на најдлабоките уверувања и морални обврски, или да се откажат од вршењето на судиската функција затоа што не смеат да се заколнат. И двете солуции водат кон повреда на правата и положбата на поединците по основ на нивното уверување, што не е во согласност како со член 16, така и со член 9 од Уставот. Неуставноста на оспорената одредба лежи токму во отсуството на можност свечената изјава да биде дадена на начин што нема да ги повреди најдлабоките уверувања на поединецот, што, инаку, е еден од суштинските аспекти на заштитата на слободата на уверувањето, совеста и мислата. Во случајов тоа можело да биде уредено на наједноставен начин со предвидување алтернативна изјава (со и без заклетва) со еднаква вредност, како што тоа се прави при давањето на свечената изјава на судиите во Европскиот суд за човекови права, да наведам само еден пример. Вака, останува да се констатира дека законодавецот со оспорената одредба не го уважува “приговорот на совеста“ што може да биде истакнат во однос на давањето заклетва и му наметнува на поединецот однесување што овој не може да го изврши без сериозна повреда на сопствените уверувања.

Врз основа на изнесеното, сметам дека во случајов постоеја повеќе од сериозни причини за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Решение У.бр.52/2008