Издвоено мислење по предметот У.бр.43/2015

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.43/2015 донесено на 23.09.2015 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на одредбите наведени во точка 1 од истото Решение, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да се отфрли иницијативата за оспорените: член 252 став 3, член 256 став 1, во делот: „и други договори со кој е определен надоместок за извршената работа во износ повисок од износот на минимална плата утврдена со закон“ и член 265 став 1 точка 20 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015); член 4 точките 17 и 18, член 7 став 1 точките 13-15, член 10 став 1 точките 16-18, член 13 став 1 точка 13, член 14 став 1 точките 15-17 и ставовите 5 и 6 и член 28-г од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014, 180/2014, 188/2014, 20/2015, 48/2015 и 129/2015) и член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015); член 11 став 1 точка 15), член 118 став 1 во делот: „и 15“ и член 120 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015 и 129/2015); член 53 став 6 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010, 88/2010, 51/2011, 11/2012, 80/2012, 114/2012, 39/2014, 44/2014, 113/2014, 56/2015 и 129/2015) и член 5 став 1 точка 1-б) од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 26/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 98/2015 и 129/2015) образложувајќи дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата со оглед на тоа дека голем дел од оспорените одредби повеќе не се во правниот поредок, а останатите имајќи ја предвид нивната содржина, ја губат својата смисла.

Мојот спротивен став се темели на завземениот пристап на Судот по предметот, кој сметам дека требаше да изгради принципиелно толкување на прашањата кои засегаат во правата на огромен број на граѓани врзани со фискални зафаќања и последици. Евидентно е дека сите оспорени законски интервенции анализирани како една целина, со оглед на нивното содејство за регулирање на статусот на определена категорија на граѓани, претставува комплексна материја, која отвора бројни прашања од уставносудски аспект по однос на член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 2, 3 и 4, член 51, член 52 став 4 и член 54 став 1 и 3 од Уставот. Овие одредби беа во правниот поредок и имаа свое правно дејство извесен број на месеци во текот на 2015 година, па и покрај ограничената можност на Судот актуелно да интервенира, сметам дека неговата принципелно завземена позиција (уставните судови се теоретски дефинирани како “негативен законодавец“, но и толкувач на уставните принципи) врз база на досегашната уставносудска пракса, значително би придонела за коректно идно регулирање на овие значајни прашања.

Останува неодговорено прашањето дали оспорените законски решенија, анализирани секое поодделно, и покрај иницијално прокламираната добра намера на законодавецот нормативно да опфати и да регулира проблеми од работната, социјалната, пензиската и здравствената сфера, се во склад со уставните принципи и со правата на граѓаните загарантирани во Уставот. Сметам дека суштинското прашање се состои во компаративното утврдување на природата на правниот статус базиран врз видот на склучениот договор, од сите наведени аспекти на различните категории лица опфатени со оспорените одредби, а преку кој е врзан корпусот на обврски и со нив загарантираните права кои секоја категорија ги има (вработени лица наспроти лица кои дополнително остваруваат и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, невработени лица или пензионери). Притоа, потребна е уставносудска анализа за постоењето или не, обемот и временската рамка на тие права кои се стекнуваат и/или времено се укинуваат врз база на правната природа на склучениот договор наспроти обврските кои законски се наложуваат на обврзниците. Крајно, во случај да биде утврдено дека дел или сите оспорени одредби не биле во склад со Уставот во времето на нивната примена, сметам дека е потребно да се изнајде начин на лицата кои ја исполниле својата законска обврска во периодот на важење на оспорените одредби, да им биде овозможено обесштетување.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.43/2015