Издвоено мислење по предметот У.бр.39/2006

Согласно член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), по моето гласање против Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 39/2006 од 18 мај 2007 година, со која се укинува член 5-а став 1 во делот „во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 м.” од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија” бр.36/1995, 70/2003, 29/2004 и 37/2005), го издвојувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на Одлуката У.бр.39/2006 од 18 мај 2007 година

Со Одлуката У.бр. 39/2006 од 18 мај 2007 година, Уставниот суд на Република Македонија го укина член 5-а став 1 во делот „во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 м.” од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија” бр.36/1995, 70/2003, 29/2004 и 37/2005).

Според мислењето на мнозинството судии на Уставниот суд на Република Македонија, не постои оправданост на мерката содржана во делот од оспорената законска одредба во услови кога законодавецот има на располагање други ефикасни мерки, како што е генералната забрана за продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години, предвидени во законот, поради што, според Судот, оспорениот дел од законската одредба, не бил во согласност со едно од основните права од областа на економските односи гарантирано во член 55 од Уставот на Република Македонија.

Несогласувајќи се со мислењето на мнозинството судии, гласав против наведената одлука од следните причини:

Членот 42 од Уставот на Република Македонија утврдува дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Со членот 43 од Уставот се утврдува дека секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Со член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со членот 1 од Законот за заштита од пушењето се утврдува дека со овој Закон се уредува заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во одредени јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите. Според членот 5 од Законот се забранува продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години. Според членот 5-а став 1 се забранува продажба на цигари во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 метри и во објектите кои се сместени во спортско-рекреативните површини.

Законот за заштита од пушењето има за цел да се уреди заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во одредени јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите. Уставната и законски разработена определба, забраната на продажба на цигари во објекти кои се оддалечени од претшколските и школските воспитни установи на растојание помало од 50 метри и во објекти кои се сместени во спортско-рекреативни површини се заснова на уставно загарантираното право на зачувување на животната средина но и на правото на заштита на здравјето на луѓето, а особено на малолетните деца.

За да се обезбедат услови за здрав развој на децата и младината, Уставот ја утврдил обврската секој човек да ја штити и унапредува животната средина и природата. Забраната за продажба на цигари во објекти кои се наоѓаат на растојание помало од 50 метри од училиштата односно од претшколските воспитно-образовни установи, како и во објектите сместени во спортско-рекреативните површини има за цел исполнување на уставната обврска за заштита на децата и малолетните лица од штетните дејствија на пушењето тутун и други производи од тутун.

Поради напред наведеното одредбата од членот 5-а став 1 во делот „во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 м.” од Законот за заштита од пушењето, спротивно од мислењето на мнозинството судии сметам дека е во согласност со Уставот на Република Македонија и со ниту еден дел не го повредува членот 55 од Уставот на Република Македонија. Целта на ограничувањето утврдено во спорниот дел од членот 5-а е заштитата на здравјето на малолетните лица како јавен интерес и ваквиот пристап е целосно во согласност со уставната определба слободата на пазарот и претприемништвото да можат да се ограничат со закон заради зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. На мислење сум дека веке изречената генерална мерка за продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години во прометот на мало не е доволна за да се постигне целта на јавниот интерес за заштита на здравјето на малолетниците. Со прифаќањето на ставот дека ограничувањето на оспорената одредба не може да го положи тестот на пропорционалност со легитимната цел, при што не бил постигнат фер баланс помеѓу индивидуалниот и јавниот интерес, Уставниот суд го постави индивидуалниуот интерес над јавниот интерес за заштита на здравјето на малолетните лица. Законодавецот оценил дека ефектот на генералната заштитна мерка за забрана на продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години во прометот на мало од членот 5 од Законот за заштита од пушењето не е доволен за да ја постигне уставната обврска за заштитата на здравјето на децата, па со забраната да се продаваат цигари во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на расто­јание помало од 50 м потврдил дека јавниот интерес е во заштитата на здравјето на децата на возраст кога продажбата/ непродажбата на цигари може да влијае и воспитно.

Оттука, имајќи ги во предвид наведените причини, сметам дека членот 5-а став 1 во делот „во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 м.” од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија” бр.36/1995, 70/2003, 29/2004 и 37/2005) не е во спротивност со членот 55 од Уставот на Република Македонија.

Судија на Уставниот суд на Република Македонија
Мирјана Лазарова Трајковска

06 јуни 2007 година Скопје

Одлука У.бр.39/2006