Издвоено мислење по предметот У.бр.38/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), по моето гласање против Решението У.бр.38/2020 од 3 декември 2020 година за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на делот „2001‟ од член 4 став 2 од Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/2001), го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Мојот став во конкретниот предмет е спротивен со оној на мнозинството судии поради кој се отфрли иницијативата за оцена на уставноста на оспорениот дел од Законот. Сметам дека Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства е во сила и со тоа е дел од правниот поредок.

Накратко, ставот на мнозинството е дека со престанокот на Агенцијата на Република Македонија за управување со средства, Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства, престанал да биде дел од правниот поредок поради својот темпорален карактер и се исцрпил во примената по однос на својата содржина и дејство.

Притоа, треба да се нагласи дека овој заклучок произлегува од (погрешното и нецелосното) толкување на одредбите од Законот од страна на мнозинството, а не од изречна одредба од истиот закон.

Имено, овој закон содржи завршна одредба (член 17), во која само е уредено влегувањето во сила на овој закон (осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“), но не и дека истиот престанува да биде во сила кога ќе престане да постои телото чие основање, работење, организација и престанок на работење се уредува со неговите одредби.

При заземањето на ставот на мнозинството не беа земени предвид други одредби од овој закон, кои имаат поинаков предмет на уредување од претходно наведениот. Во таа смисла, морам да укажам на членот 12 од овој закон, според кој, доколку директорот на Агенцијата ја задолжи Агенцијата без претходна согласност на Владата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Оваа одредба е систематизирана во Главата VI. од овој закон, насловена како „КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ“ и со неа е предвидено посебно кривично дело каде сторител може да биде директорот на Агенцијата, преку сторување на дејствие – задолжување на Агенцијата без претходна согласност од Владата, а за што е предвидено санкција – казна затвор од една до пет години.

И сега, доколку се примени толкувањето на мнозинството за престанувањето на важењето на законот поради престанокот на Агенцијата, произлегува дека по овој момент не може кривично да биде гонет или осуден, ниту еден сторител на ова кривично дело, бидејќи нели, според мнозинството, Законот престанал да постои во правниот поредок.

Токму ова е пример за апсурдноста и неоснованоста на ставот на мнозинството, кој всушност на ваков начин е спротивен на темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото и правната сигурност како негов составен дел.

Точно е дека имало случаи кога Судот и покрај непостоењето на завршна одредба во одреден закон за престанок за неговото важење или пак во услови на непостоење на закон за престанок на самиот закон, заземал ставови дека истиот закон е надвор од правниот поредок и исцрпен во својата примена, па поради тоа била отфрлана и конкретната иницијатива за оценување на неговата уставност.

Меѓутоа, тоа секогаш било правено преку анализа на сите одредби на законот и дали истите се исцрпени во примената, а не како што е случајот со Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства, преку земање предвид само на една одредба.

Токму поради сето погоре наведено, но и поради фактот што законодавецот нема донесено закон со кој би престанало важењето на Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства, сметам дека овој закон сеуште е дел од правниот поредок. Притоа, не ја отфрлам можноста дека иницијативата за оценување на уставноста можеше да беше отфрлена поради други деловнички основи или да беше одлучено да не се поведе постапка за оценување за уставноста. Но, во случајот беше дадено образложение со кое воопшто не се согласувам и како што може да се види од погоре е сосема погрешно и неосновано.

Претседател
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.38/2020