Издвоено мислење по предметот У.бр.37/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.37/2013 донесено на 11.12.1013 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 63-б став 3 точка 2 и став 6 точка 2 од Законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006, 107/2008 и 26/2013) и член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорените член 63-б став 3 точка 2 и став 6 точка 2 од Законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006, 107/2008 и 26/2013) и член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2013).

Првенствено, сметам дека при донесувањето на својата одлука Судот морал доследно да ја земе предвид постојната уставно-судска практика на предметите У.бр.163/2002, У.бр.212/2008 и У.бр.186/2000 и во нив наведените ставови и образложенија кои можат да се применат на овој предмет, а во кои случаи Судот интервенирал со укинувачки одлуки.
Законот за надворешни работи во Глава V со наслов “Работни односи“ го уредува статусот на вработените во Министерството, и меѓу другото и условите и постапката за вработување. Во истата глава (Член 63) се наведува дека дипломатите и административно-техничките работници во Министерството своите права и обврски од работниот однос ги остваруваат согласно овој закон и Законот за работните односи. Оценувањето на дипломатите се врши еднаш годишно и оценките се “задоволува“ и “не задоволува“, при што позитивната оценка е еден од условите за напредување во кариерата на дипломатот.

Оспорените член 63-б став 3 точка 2 и член 63 став 6 точка 2 определуваат дека во Министерството како дипломат и како административно-технички работник може да се вработи лице кое ги исполнува потребните општи и посебни услови. Како посебен услов за вработување меѓу другото, е и условот тоа лице да не е член на орган на политичка партија на републичко ниво. Оспорениот член 33 регулира дека актуелно вработените во Министерството најдоцна во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон се должни до Министерството да достават писмена изјава заверена кај нотар дека не се член на орган на политичка партија на републичко ниво и дека недоставувањето на изјавата претставува основ за престанок на вработувањето.

Фактот што овој специфичен услов за нечленување во партиските органи законот го бара единствено за партиските органи на републичко ниво, и тоа единствено на вработените и идните вработени во Министерството за надворешни работи, го прави ова органичување на правата прекумерно и некозистентно, со отсуство на било каква логична правна аргументација. Самите оспорени членови покажуваат дека условот не се однесува за остварување на функција предвидена со Уставот туку за регуларно вработување во Министерството за надворешни работи; дека условот не се однесува само за дипломатите во служба во Министерството, туку и за категоријата административно- технички работници; дека ваквиот услов се бара единствено од вработени во Министерството за надворешни работи а не за други министерства без притоа јасно и издржано образложение зошто се прави таа дистинкција; дека ваквиот услов прави круцијална разлика помеѓу партиски активизам на републичко наспрема локално ниво чија последица од првото е можно престанување на работниот однос на лицето.

Уставот во член 20 ја гарантира слободата на интересното и политичкото здружување, во член 9 ја гарантира еднаквоста на граѓаните независно од нивното политичко уверување пред Уставот и законите, во член 23 го гарантира правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавни функции, а во член 32 став 1 е гарантирано правото на работа и слободниот избор на вработување, а во став 2 е наведено дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Исто така, како исклучоци од овие генерални гаранции, Уставот утврдува неспојливост на вршењето на децидно наведени поедини функции со вршење на други функции и тие таксативно ги наведува: член 63 став 5 по однос на функцијата пратеник, член 67 став 3 по однос на функцијата Претседател на Собрание, член 83 став 1 по однос на функцијата Претседател на Републиката, член 89 став 4 по однос на функцијата Претседател на Владата и министер, член 100 став 3 по однос на функцијата судија, член 111 став 1 по однос на функцијата судија на Уставниот суд, итн. Во зависност од конкретната функција, Уставот определува неспојливост на таа функција со други јавни функции или професии или пак со забрана за членување во политичка парија, со цел непристрасно, објективно и совесно вршење на доверените функции, без оптовареност со припадноста кон одредена политичка партија. По однос на останатите функции Уставот оставил со закон да се уреди прашањето на неспојливоста на функцијата.

Во случај цел на законодавецот да била обезбедување деполитизирана јавна администрација како еден од основните услови за нејзино функционирање во согласност со принципите на непристрасност и законитост (член 96 од Уставот) таа би требала да добие своја нормативна рамка истовремено почитувајќи ги и другите уставно гарантирани права и слободи, вклучително и отварувањето на слободата на политичкото уверување и дејствување. Сметам дека обидот да се најде мерката и/или пропорцијата на взаемното коегзистирање помеѓу овие вредности во оспорените членови од Законот за надворешни работи е грубо неуспешен. Такво разумно и избалансирано ограничување не постои по однос на наведените работни позиции (а не се работи за функции) и затоа ваквото законско решение отстапува од било какво принципиелно решавање на прашањето за деполитизација на јавната администрација.

Оспорените делови од член 63-б став 3 точка 2 и член 63 став 6 точка 2 кои се однесуваат на посебниот услов за лице да биде вработено како дипломат или како административно-технички работник сметам дека се ограничувачки и дискриминаторски и дека овие граѓани се доведуваат во нееднаква положба спрема оние лица кои членуваат во органи на политичка партија кои не се на републичко ниво, спрема партиски членови кои не се членови на ниеден партиски орган, и спрема оние граѓани кои не членуваат во ниедна политичка партија. Работата во Министерството за надворешни работи како и во другите органи на државната управа, е базирана на професионално-стручни стандарди за кои постои и редовно оценување на квалитетот на работата на вработениот врз база на сооддветни мерила за напредување во службата. Право е на секој граѓанин на политичко уверување, но при вршење на неговата професионална функција приоритетот е негово стручно, квалитетно и совесно и одговорно вршење на работите кои се во дадениот опис на неговото работно место. Ако дадените работни задачи истото лице не ги извршува, тоа ќе сноси последици според другата позитивна законска регулатива во Република Македонија. Воедно се подразбира дека било каков политички активизам би требал да се одвива по работното време со оглед на тоа дека член 95 став 2 се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа. Токму во тоа се состои и разликата помеѓу јавната и приватната сфера на делување на граѓанинот.

Членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи со кој практично недоставувањето на нотарски заверена писмена изјава дека лицето не е член на орган на политичка партија на републичко ниво претставува основ за престанок на вработувањето, сметам дека претставува експлицитно загрозување на правната сигурност на вработените (а со тоа и на владеењето на правото) и нивното уставно загарантирано право на работа, како на веќе стекнато право, со оглед на тоа дека овие лица имале претходно, пред донесувањето на овие законски измени, засновано работен однос во Министерството за надворешни работи. Поставувањето на ваков нов, дополнителен законски услов нема никаква директна врска со квалитетот на остварувањето на работните задачи наспрема нивото (републичко или локално) и обемот на претпоставениот партиски активизам во кој би се “дефинирала политика“. Обврската која со овој член ретроактивно се наметнува на државниот службеник практично може да доведе до реален престанок на вработувањето како последица на активност која согласно Уставот преставува право на граѓанинот, што значи е дозволена и која не влијае во вршењето на службата.

Целта која овие одредби сакаат да ја постигнат би била уставно-правно доследно и принципиелно реализирана воколку деполитизацијата на администрацијата и намалувањето и/или исклучувањето на влијанијата на политиката во јавната служба би се регулирале унифицирано во целата јавна администрација (а не само во некои органи на државната управа) без притоа да се повредува правото на граѓаните на сопствено политичко уверување. Ако “вработувањето на нови лица во службата се цели да биде засновано на заслуга“, и ако “администрацијата е базирана врз професионалната способност и постигнати резултати, потврдени при натпревар за влез во службата“ повеќе од јасно е дека преку овие позиции прецизно се зацртани потребните законски услови за прием на нови вработени лица во администрацијата, со експлицитно избегнување на било какво сознание или вреднување на партиското членување или активизам на лицето-кандидат, бидејќи во спротивно би се работело за експлицитно груба дискримнинација визави уставно загарантираното право на работа и еднаквост на пристап на секој под еднакви услови на секое работно место.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.37/2013