Издвоено мислење по предметот У.бр.201/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.201/2008 од 13 мај 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со Решение У.бр.201/2008 од 13 мај 2009 година, мнозинството од судиите не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 став 2 и членот 3 точка 4 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/1995, 20/1998, 40/1999, 31/2003, 46/2005, 10/2008 и 106/2008).

Членот 2 став 2 од Законот предвидува дека експропријација може да се изврши на објекти, постројки и водови за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас за вршење на дејност од јавен интерес утврден со закон.

Според членот 3 точка 4 од Законот, експропријацијата може да се врши за потребите на правните лица кои вршат дејност – пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас.

Членот 2 став 1 во четиринаесет алинеи утврдува што е јавен интерес утврден со Законот за екпропријација. Тоа се:

– уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата со изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот и тоа:
– изградба на железнички пруги, патишта, мостови, аеродроми и придружни објекти и постројки;
– изградба на централи за производство на електрична енергија, објекти, постројки и водови што се наменети за пренос и дистрибуција на таа енергија;
– изградба на објекти и постројки за поштенски, телефонски и телеграфски сообраќај, постројки за радио и телевизиски врски и информациони системи;
– изградба на објекти за одбраната и цивилната заштита;
– изградба на гранични премини;
– изградба на објекти и постројки за истражување и експлоатација на рудни и други природни богатства;
– изградба на водостопански објекти и постројки;
– изградба на улици, плоштади, паркинг плацеви, паркови и скверови;
– изградба на депонии, пречистителни станици и други објекти за заштита на природата и животната средина;
– изградба на гасоводи, нафтоводи и други водови;
– изградба на водовод, канализација, топлификација, гробишта и други комунални објекти;
– изградба на објекти за образованието, воспитанието, науката, културата, здравството, социјалната заштита и спортот кога дејноста се врши како јавна служба и
– изградба на населби при големи природни непогоди (земјотреси, полави, пожари и лизгање на земјиште) и преселување на населби (потопување, еколошки причини и изградба на комплексни објекти).

Изградбата на нови преносни и дистрибутивни енергетски објекти за пренос и дистрибуција на електрична енергија, односно пренос на природен гас може да ја врши носителот на лиценцата (членови 60 и 61 од Законот за енергетика).

Со членот 2 став 2 и членот 3 алинеја 4 не се врши експропријација заради изградба на нови преносни и дистрибутивни енергетски објекти за пренос и дистрибуција на електрична енергија или природен гас, но се „експроприираат“ веќе изградени објекти, постројки и водови од оној кој ги изградил согласно лиценцата за дејноста и сета потребна градежна документација. Сето тоа „експроприирање“ на веќе изградени преносни и дистрибутивни енергетски објекти и водови се врши за потребите на некои други правни лица кои подоцна ќе добијат лиценца за дејност на пренос на електрична енергија, односно природен гас.

Спротивно од мнозинството судии кои го донесоа Решението за неповедува на постапка за оценка на уставноста на овие две законски одредби, длабоко сум убедена дека со нив се повредени загарантираните темелни вредности на Уставот на Република Македонија:

– владеењето на правото и правната заштита на сопственоста – член 8 став 1 алинја 3 и 6, со оглед на тоа дека правото на сопственост го сочинуваат правото на владение, користење и располагање со стварта.

– гарантираното право на сопственост – член 30 и

– слободата на пазарот и претприемништвото и обезбедување еднаква правна положба на субјектите на пазарот- член 55 од Уставот.

Очигледно е дека со двете одредби од Законот државата се инволвира во решавањето на имотно-правните односи помеѓу сопственикот на преносните и дистрибутивни енергетски објекти за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас и новото правно лице носител на лиценцата, но практично од самиот почеток новиот носител на лиценцата за дејноста веќе го владее и користи имотот (системот) кој е во туѓа сопственост.

Експропријацијата се употребува како правен инструмент единствено да се промени титутларот на сопственоста на веќе постојниот систем со класично одземање на изградени објекти и постројки со цел да се пренесат на друго правно лице тоа да стане титулар на правото на сопственост со помош на државна интервенција. Новото правно лице кое ја добило лиценцата е во привилегирана состојба на пазарот на енергија (електрична или природен гас), тоа не мора да инвестира и да гради преносни и дистрибутивни системи, тоа со интервенција на државата ќе ги добие во сопственост и со нив ќе стопанисува.

По мое мислење постои повреда на загарантираното право на сопственост, особено затоа што интервенцијата на државата меѓу два правни субјекта во конкретните одредби ги надминува рамките на она што е суштината на експропријацијата, затоа што континуирана работа на енергетскиот систем меѓу двете правни лица (поранешниот носител на лиценцата и сопственик на енергетскиот систем за пренос и дистрибуција и новиот носител на лиценцата) може да се обезбеди и преку постојните правни инструменти за облигационите односи, каде обете страни ќе си го одредат економскиот интерес, а едновремено би се обезбедил и јавниот интерес изразен преку континуирано снабдување со двата вида на енергенси.

Сопственоста на изградените преносно-дистрибутивни системи не може да се ограничува со државен интервенционизам, со прифаќање на државата да биде партнер на правен субјект на пазарот на енергија, давајќи му ја лиценцата за работа да му обезбеди и услови за работа со одземање на сопственоста на дистрибутивниот систем од поранешниот имател на лиценцата за пренос и дистрибуција на енергенсите.

Ваквите законски решенија, кои за жал мнозинството од судиите не ги отстранија од правниот поредок како спротивни и несогласни со горецитираните уставни принципи и права и токму затоа тие не се во интерес за економскиот и енергетскиот развој на државата, не допринесуваат за инвестирањето во нови енергетски преносни и дистрибутивни системи и конечно и за либерализација на енергетскиот пазар.

Скопје, 20 мај 2009 година

Лилјана Ингилизова-Ристова,
Судија на Уставниот суд на
Република Македонија

Решение У.бр.201/2008