Издвоено мислење по предметот У.бр.195/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) по моето гласање против Решението У.бр.195/2020, донесено на седницата одржана на 8 јули 2020 година со кое Уставниот суд одлучи да не се поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.137/2020), писмено го образложувам моето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд по повод иницијативата поднесена од Здружението на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права АКСИОС 2017 – Скопје, на седницата одржана на 8 јули 2020 година, со Решение У.бр.195/2020 не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената Уредба со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба.

Не се согласувам со аргументите наведени во Решението, од причина што моето мислење е поинакво од мнозинството судии.

Во наведеното решение, донесено со мнозинство гласови, се наведува дека „со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени“. Токму така, овластувањата на Владата се ограничени. Уредбите коишто ги носи Владата за време на вонредна состојба треба да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно влијание во надминување на причините поради кои е прогласена вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да се разумни и пропорционални со цел враќање во редовна нормална состојба на животот на граѓаните. Со исполнување на овие услови од Уредбата со законска сила, Владата ги задоволува барањата од членовите 125 и 126 од Уставот врз основа на кои е донесена. Другиот услов којшто треба да го исполни Владата е предвиден во членот 54 од Уставот со кој се бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Оспорената уредба со законска сила, Владата ја донесе за време на општозагрозувачка пандемија Ковид-19, од која никој не е поштеден, а со истата се заштитува само одредена категорија на граѓани. Уставниот суд при донесувањето на Одлуката го занемари фактот дека слободите и правата на граѓаните се остваруваат врз основа на Уставот, а не врз основа на закони и др.акти. Оваа и останатите уредби со законска сила коишто Владата ги донесе за време на вонредната состојба беа донесени согласно членовите 125 и 126 од Уставот на Република Македонија. Согласно наведените одредби од Уставот, донесените уредби треба да бидат во согласност со Уставот и со законите, што значи дека тие иако се со законска сила не се закон, односно го задржуваат името уредба и во никој случај не можат да регулираат слободи и права на човекот и граѓанинот. Потврда за ова е и Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот.

Не се согласувам со мислењето на мнозинството судии кои сметаат дека мерката предвидена со оспорената уредба има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што сака да се постигне, бидејќи не излегува надвор од овластувањето коешто го има Владата согласно Уставот. Со оспорената уредба, Владата ги става граѓаните во нееднаква положба, односно врши дискриминација на оние кои не се предвидени како корисници на финансиска поддршка од програмата на Владата – мерки за справување со Ковид-19, наспроти граѓаните набројани во член 1 став 1 од Уредбата: граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица на возраст од 16 до 29 години и здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID – 19 со издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги, со што Владата ги крши член 8 став 1 алинеја 1, 3, 8 и 11 и членот 9 од Уставот на Република Македонија.

Правото на недискриминација е општо право коешто се однесува на политичките, социјалните и културните права во Македонија, а нашиот Кривичен законик ја санкционира како кривично дело повредата на еднаквост на граѓаните во уживањето на правата. Токму со оваа уредба се кршат овие општи права на граѓаните кои според нашиот Устав се еднакви пред законите, ги уживаат сите права кои произлегуваат од Уставот и законите и се должни да ги исполнуваат сите обврски кон државата. Од тој аспект тие треба да бидат еднакво третирани кога се работи за привилегии кога станува збор за финансиска поддршка од буџетските средства на државата во кои средства на свој начин издвојуваат сите граѓани на државата.

Со носењето на оваа уредба, Владата врши директна дискриминација на граѓаните кои не се корисници на финансиската поддршка од буџетски средства, односно става во привилегирана положба една група на граѓани како корисници, без никаква претходно утврдена методологија и критериуми за доделување на финансиска помош.

Со ова Владата ја крши обврската за почитување на правото на еднаквост пред Уставот и законите, а воедно и меѓународните документи за човекови права – Универзалната декларација за човекови права и Европската конвенција за човекови права, посебно членот 12 и членот 14 од истата. Имајќи ја во предвид содржината на член 1 став 1 од оспорената уредба, се поставува прашањето дали различното и селективно третирање на граѓаните според имотниот статус и возраст е пропорционално, односно оправдано во услови на пандемија којашто претставува општа опасност за сите граѓани, дали го оправдува јавниот интерес во кое било демократско општество и дали со Уредбата може да се оправда селективноста како неопходна и легитимна. Имајќи во предвид дека пандемијата Ковид – 19 има општозагрозувачка сила од која никој не е поштеден и со нејзините негативни последици се справуваат и другите категории на граѓани како: припадниците на полицијата, армијата, вработените во Центарот за справување со кризи, вработените во аптеките, маркетите, вработените во локалната власт итн.

Со оваа уредба со законска сила, Владата изврши поделба на привилегирани граѓани на кои им овозможи финансиска поддршка и сите други непривилегирани граѓани кои не ги опфати со мерките од Уредбата. Со ова Владата ја повреди еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, со што го повреди владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на државата. Без претходно утврдена методологија, без јасно утврдени критериуми, Владата не ги зеде во предвид ниту матичните лекари ниту пензионерите како лица со низок доход, а без за истото да наведе свое оправдано решение.

Оспорената уредба со законска сила донесена од Владата не е во насока на спречување на општата опасност, односно е надвор од целта за воведување на вонредна состојба и спречување на ширење на епидемијата, поради што истата не е легитимна и оправдана.

Сите европски и меѓународни стандарди велат дека постоењето на вонредната состојба не смее да значи привремено укинување на владеењето на правото, ниту пак државата е овластена во време на вонредна состојба да не ги почитува начелата на уставност и законитост коишто се основа на владеењето на правото, бидејќи тоа и во вонредна состојба е предвидено како главен и траен столб врз кој опстојува и функционира секоја демократска држава. Во конкретниот случај, различното постапување со граѓаните кое се манифестира во оневозможување на сите лица да остварат право на финансиска помош овозможена од Владата од буџетските средства на државата, претставува дискриминаторско постапување кон граѓаните по основ на општествен и имотен статус, возраст, положба во општеството, припадност на група.

Со Решението У.бр.195/2020 од 8 јули 2020 година, мнозинството судии го прифатија ставот на Владата која ги става во дискриминаторска положба мнозинството граѓани, наспроти малцинството таргетирани граѓани, со што го повреди начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Со наведеното решение со кое Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, Уставниот суд не даде свои аргументи за наводите во иницијативата со која се наведува постоење на дискриминација на граѓаните. Кога Судот носи решение за неповедување на постапка за оценување на уставноста, неопходно е потребно да наведе зошто не ги прифаќа наводите во поднесената иницијатива. Недозволиво е Судот во своето решение да не даде одговор на она што се наведува и тврди во иницијативата од страна на подносителот, односно да наведе зошто не држат наводите во иницијативата. Тоа во Решението не е наведено, односно не е направена анализа на наводите со кои се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената уредба.

Во конкретниот случај, со оспорената уредба со законска сила, Владата ја злоупотреби позицијата на законодавец и не ги почитуваше неопходните начела на пропорционалност, начелото на поделба на власта и заштита на човековите права.

Доколку Уставниот суд утврдеше неуставност на наведената уредба со законска сила ќе спречеше да настапи незадоволство и поделба помеѓу граѓаните – оние кои добиле и оние кои не добиле финансиска помош од буџетските средства на државата, а граѓаните кои подеднакво ги трпат последиците од настанатата пандемија ќе можеа да добијат минимална помош за справување со последиците.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,
Елена Гошева

Решение У.бр.195/2020