Издвоено мислење по предметот У.бр.19/2014

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.19/2014 донесено на 12.11.2014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 од Законот за финансиска дисциплина (“Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот член 6 став 2 од Законот за финансиска дисциплина (“Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013) образложувајќи дека овој оспорен став е во согласност со Уставот бидејќи се врзува со одредбите на Законот за јавните набавки и со претходно буџетско планирање на средствата.

Наспроти овој став, сметам дека оспорената одредба е неуставна по однос на член 55 од Уставот на Република Македонија, кој ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1), обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Исто така, мора да се има предвид дека став 3 од истиот член таксативно ги наведува случаите во кои можат да се ограничат слободата на пазарот и претприемништвото, а тоа се зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Анализата на Законот за финансиска дисциплина покажува дека тој цели кон регулирање на ажурното остварување на паричните обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции на економските оператори како од приватниот сектор меѓусебно, така и меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор. Според член 3 став 2 одредбите на овој закон не се применуваат во случаите кога со посебен закон се утврдени рокови за исполнување на парични обврски на начин различен од утврдениот во овој закон.

Членовите 5 и 6 во своите први ставови имаат еднаков пристап кон сите субјекти, било да се работи за економски оператор од приватниот сектор или субјект од јавниот сектор, уредувајќи дека во деловна трансакција не може да се предвиди рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена. Но, понатаму во член 5 став 3 кој го уредува исклучокот од наведениот рок во став 1, се наведува дека во деловната трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор може да се предвиди рок подолг од 60 дена, но не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете страни. За разлика од тоа, оспорениот став 2 од членот 6 регулира дека по исклучок на наведениот во став 1 рок од 60 дена, кога се јавува како должник субјект од јавниот сектор, рокот за исполнување на паричната обврска може да биде подолг од 60 дена ако се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.

Видно од компарираните одредби, оспорениот став 2 евидентно обезбедува поповолен третман на субјект од јавниот сектор наспроти приватниот, по однос на рокот на кој воопшто не му е определена крајната временски прифатлива граница при реализацијата на финансиските обврски. Сметам дека недогледното пролонгирање на рокот во иднината, без негова конкретна операционализација која би обезбедила правна сигурност на субјектите – доверители е извор на сериозен недостаток на владеењето на правото. Ако е целта на законодавецот да се внесе ред и да се постави правна рамка во која сите субјекти еднакво би требале да се однесуваат и да постапуваат според неа, тогаш и пристапот на законот кон сите субјекти на пазарот би требал да биде еднаков, онака како што наложува Уставот.

Во случај целта на оспорената одредба да била прилагодување на финансиските обврски спрема природата на јавната набавка, тогаш сметам дека уште понагласено ирелевантно е кој е должник или доверител, односно дали субјектот припаѓа на јавниот или приватниот сектор. Субјектите од приватниот сектор, еднакво како и од јавниот, делуваат во истите пазарни услови, па можат да имаат повеќегодишни набавки а врзано со тоа да имаат потреба да ги планираат средствата. Затоа, би требало да бидат во своите права и можности еднакви како и субјектите од јавниот сектор, што значи сите да бидат подложни на иста финансиска дисциплина.

Сметам дека чинот на буџетското планирање не може да служи како оправдување за бенефициран третман по однос на исполнувањето на паричните обврски за субјект од јавниот сектор, со оглед на неговата не-нормативна природа. Флексибилноста и менливоста на планирањето не може да ја замени или надополни цврстата законска одредба која цели кон заштита на правото на доверителот, без оглед кој субјект е должникот. Исто така, чинот на планирање не може да биде сигурен гарант за исплатата заради ребалансните промени кои однапред не можат да бидат предвидени, а го ставаат доверителот во неповолна положба токму заради неговата долгорочна деловна поврзаност која го лимитира неговиот договорен капацитет. Планирањето не е во состојба да генерира ниту правна сигурност ниту еднаквост на субјектите на пазарот, туку Законот е тој кој мора тоа да го обезбеди и соодветно да го регулира.

Компаративните согледувања покажуваат поинаков пристап по однос на регулирањето на ова прашање. Конкретно, Република Србија во Законот за измирување на паричните обврски кога е рокот подолг од 60 дена, толеранцијата во наплатата ја врзува со природата на набавката, конкретно кога е должник субјект кој се бави со земјоделско производство во случаите кога набавката е за обавувањето на оваа основна дејност (член 3 став 7). Од дрга страна, членот 4 став 1 ги регулира случаите кога се работи за договор помеѓу јавниот сектор и стопанските субјекти и со кој е определен рок за измирување на паричните обврски не подолг од 45 дена. Исклучокот од став 1 на овој член во кој рокот на измирување на обврската е до 90 дена законот ја овозможува единствено кога должник е Републичкиот фонд за здравствено осигурување или негов корисник. Значи во ова законско решение е предвиден подолг но сепак краен рок во кој обврската мора да се подмири, при што стриктно и лимитирано се наведени областите за кои тој исклучок ексклузивно важи.

Слично, Законот за роковите за исполнување на паричните обврски на Република Хрватска во членот 3 став 1 определува дека рокот за исполнување на паричната обврска кога се во прашање субјект од јавното право како должник и претприемач како доверител го лимитира до 30 дена. Во став 2 од истиот член по исклучок се дозволува да се договори и подолг рок на исполнување на финансиската обврска но не подолг од 60 дена.

Крајно, земајќи ја предвид законската недореченост на член 6 став 2 која бездруго ќе креира правна несигурност на субјектите на пазарот, сметам дека оваа одредба требаше да се укине, како несогласна со член 55 од Уставот.

Судија на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.19/2014