Издвоено мислење по предметот У.бр.170/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), по моето гласање против решението за неповедување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 2 во делот “освен во матичната земја” од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен Весник на Република Македонија” бр. 67/1992 и бр.8/2004), го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста, на член 8 став 2 во делот “освен во матичната земја” од Законот за државјанството, на Седницата одржана на 02.07.2014 година.
Сметам дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со Уставот, поради што требаше да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека одлуката на Судот е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 2 и 3 (слободно изразување на националната припадност и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок), член 9 став 2 (начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите), и член 51 став 1 (во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот..) од Уставот на Република Македонија.

Согласно промените од член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, член 8 од Законот за државјанство “Службен Весник на Република Македонија” бр. 8/2004) гласи:
Иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од членот 7 став 1 точки 2 и 10 на овој закон.

Иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, на националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.”

Основен критериум некое лице да се смета за иселеник е лицето да заминало од Република Македонија како државјанин на Република Македонија, што значи подоцна да го изгубило државјанството и лицето да заминало во друга држава освен во матичната земја.

Од ваква поставена рамка се подразбира дека некое лице било државјанин на Република Македонија, додека е државјанин на Република Македонија лично поднесува барање за отпуст од државјанство на Република Македонија поради прием на друго државјанство. По утврдување на сите законски услови за отпуст надлежното Министерство донесува решение дека на одредено лице му престанува државјанство на Република Македонија по пат на отпуст. Од друга страна, државата на приемот по барање на апликантот т.е. странецот ако тој ги исполнува условите за добивање на нивното државјанство по добивање на наведеното решение за отпуст со претходна дадена гаранција донесува решение за прием на одредено лице во нивно државјанство.

Само за илустрација како пример ќе ја наведеме постапката во Република Хрватска: Министерство за внатрешни работи, во врска со барањето за прием во Државјанство на Република Хрватска, врз основа на член.25 став.1 од Законот за државјанство на Република Хрватска и врз основа на чл.202 од Законот за Општа управна постапка, издава ГАРАНЦИЈА дека одредено лице…., државјанин на Република Македонија ќе биде примен во државјанство на Република Хрватска ако биде отпуштен од државјанството на Република Македонија или ако достави доказ дека ќе добие отпуст од државјанство на Република Македонија поради прием на државјанство на Република Хрватска. Гаранцијата важи со добиениот отпуст односно гаранција дека лицето ќе добие отпуст од досегашното државјанство. Гаранцијата важи 2 години.

Значи апликантот државјанин на Р.Македонија кој аплицирал за прием на Хрватско државјанство по добивање на наведената гаранција се обраќа до надлежните органи во Република Македонија со барање за отпуст од државјанство на Република Македонија поради прием во државјанство на Република Хрватска. Во моментот на поднесување на документи за прием во државјанство на Република Хрватска именуваниот се уште е државјанин на Република Македонија. Пред органите за отпуст од државјанство именуваниот аплицира како државјанин на Република Македонија. По спроведената постапка и гаранцијата од Република Хрватска, а ако се исполнети и други претпоставки од соодветниот закон се донесува решение за отпуст од државјанство на Република Македонија поради прием во државјанство на Република Хрватска.

Апликантот т.е. државјанинот на Република Македонија и при поднесување на барање за прием во државјанство на Република Хрватска и во постапката за отпуст од државјанство на Република Македонија е исклучиво државјанин на Република Македонија. Во двете постапки тој поседува само едно единствено државјанство, а тоа е државјанство на Република Македонија. Тој од Република Македонија се иселува како државјанин на Република Македонија се со цел за да биде примен во државјанство на Република Хрватска. Тој по добивање на отпустот од државјанство на Република Македонија продолжува со започнатата постапка за прием во државјанство на Република Хрватска. Потоа постапката се продолжува во Република Хрватска и на крајот надлежните органи во Република Хрватска донесуваат решение за прием во државјанство на Република Хрватска. Вакви постапки за стекнување на државјанство по основ на отпуст, се предвидени и во други држави.

Од тука произлегува дека Македонскиот државјанин кој аплицира за прием на друго државјанство во трета држава (Република Хрватска, Република Турција и т.н) и во текот на цела постапка за отпуст од државјанство на Република Македонија е исклучиво државјанин на Република Македонија се до конечното решение за прием на друго државјанство.

Со членот 8 став 1 Законот за државјанство на Република Македонија се определени привилегирани услови за стекнување на државјанство на Република Македонија за иселеници од Република Македонија, како и на нивни потомци до прво колено, при што не е потребно да ги исполнуваат условите предвидени од член 7 т.2 и 10. Привилегираните услови за стекнување со државјанство на иселеници од Република Македонија се дел од сувереното право на државата која има голем одлив на населението, да се грижи за иселениците кои и покрај тоа што го изгубиле државјанството на Република Македонија по нивното заминување во друга држава, ја задржале ефективната поврзаност со Република Македонија како нивна матична држава.

Ако основаната подлога претставуваат наведените аргументи тогаш зошто се разликува иселеник во својата „матична држава„ и „иселеник„. Зошто државата нема еднаква грижа кон сите иселеници кои и покрај тоа што го изгубиле државјанството на Република Македонија по нивното заминување во друга држава, ЈА ЗАДРЖАЛЕ ЕФЕКТИВНАТА ПОВРЗАНОСТ СО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Да претпоставиме дека во истиот момент односно исти период двајца браќа државјани на Република Македонија поднесуваат барање за отпуст од државјанство на Република Македонија заради прием на едниот во државјанство на Република Хрватска, а на другиот во државјанство на Република Турција.

Двајцата се деца од исти родители кои останаа во Република Македонија, со завршени училишта во Република Македонија, поседуваат или поседувале имоти во Република Македонија, со исти другари и двајцата со исти чувства ја задржале ефективната поврзаност со Република Македонија.

И двајцата се иселиле од Република Македонија како државјани на Република Македонија. Пред иселувањето и едниот и другиот ги исполнувале сите сопствени должности кон сопствената држава Република Македонија. Единствена разлика помеѓу овие браќа е дека едниот се иселува во една, а другиот во друга држава. Во нашиот пример едниот во Република Хрватска, а другиот во Република Турција. И по извесно време и двајцата што се иселиле од Република Македонија согласно со член 8. ст.1 поднесуваат барање за прием во државјанство на Република Македонија како иселеници. На едниот брат кој се иселил во Република Хрватска ќе му се признава статусот на иселеник, а на другиот брат кој се иселил во Република Турција нема да му се признава правото на прием во државјанство на Република Македонија поради тоа што дотичниот од Република Македонија не се иселил како државјанин на Република Македонија туку се иселил како државјанин на Република Турција и дека Република Турција на именуваниот му преставувала матична држава. Иако на именуваните родители кои се државјани на Република Македонија ниту нивните предци никогаш не биле државјани на Република Турција, дека нивната матична држава им е Република Македонија без негова волја на тој што се иселил во Република Турција се утврдува дека негова матичната држава му е Република Турција, а на другиот брат што се иселил во Република Хрватска се констатира дека матичната држава му е Република Македонија.

Од наведеното законско решение произлегува дека едно лице се иселува од својата матична земја во својата матична земја. Дека пред да се стекне со друго државјанство тој од Република Македонија се иселувал како државјанин на дотичната земја. Од тука произлегува дека само културно, јазичната или пак национална врска со одредена држава законодавецот зема за право за некои лица да му наметнува матични држави. И ако пред стекнување на дотичното странско државјанство, именуваниот никогаш ниту престојувал ниту живеел во дотичната „матична земја,, ниту неговите родители или поблиски членови имале или имаат ефективна врска со неговата сега „матична држава„

За наведените поими, карактеристики и значења на иселеник, матична држава, нација, народ и т.н. претходниот судија на Уставниот суд на Република Македонија гос. Зоран Сулејманов во своето издвоено мислење научно, аргументирано дава точна дефиниција, дистинкција меѓу иселеник, матична држава и други поими. Само да наведам дека потполно се согласувам со издвоеното мислење од гос. Сулејманов од 12.12.2005 година.

И по истекот од 20 години од донесувањето на Законот за државјанство на Република Македонија и 10 години од донесувањето на измените на истиот закон се уште нема точна дефиниција што се смета за иселеник. Актуелната дефиниција е неприфатлива, таа е конфузна, контрадикторна, произволна и оттаму неприфатлива во правниот поредок во земјава и во странство. Нема законска подлога иселеник да се врзува за лица кои се иселуваат од Република Македонија во која и да е држава, “освен во матичната земја.” Тоа значи дека одредено лице од својата матична земја се иселува во својата матична земја.

Споредни анализи во оваа област се регулираат поинаку од нашата регулатива. Ќе наведам неколку примери од повеќе земји и тоа:
Имено во Законот за државјанство на Република Србија ( Закон о државјанству Републике Србије Сл. гласник РС бр. 135/2004 И 90/2007) во член 18 предвидува дека: Иселеник и неговото потомство можат да бидат примени во државјанство на Република Србија ако навршиле 18 години живот, дека не им е одземена деловната способност ако поднесуваат писмена изјава дека Република Србија ја сметаат како сопствена држава. ( член 18 став 1) „Исељеник и његов потомак могу бити примљени у држављанство Републике Србије ако су навршили 18 година живота и није им одузета пословна способност и ако поднесу писмену изјаву да Републику Србију сматрају својом државом“.

Под иселеник, во смисла на став 1 од овој член се смета лицето кое се иселило од Република Србија со цел постојано да живее во странство, (член 18 став 3). „Под исељеником, у смислу става 1. овог члана, сматра се лице које се иселило из Републике Србије са намером да стално живи у иностранству“.

Во Законот за државјанство на Црна Гора (Zakon o Crnogorskom državljanstvu” Sl.List Crne Gore”, бр. 13/08 од 26.02.2008, 40/10 од 22.07.2010, 28/11 од 10.06.2011) во член 10 предвидува: Црногорскиот иселеник и член на неговото семејство до третиот степен на сродство по права линија може да стекнува државјанство на Црна гора со прием ако законски и непрекинато престојува во Црна Гора најмалку две години и ги исполнува условите од член 8 став 1…)

„Crnogorski iseljenik i član njegove porodice do trećeg stepena srodstva u pravoj liniji može steći crnogorsko državljanstvo prijemom ako zakonito i neprekidno boravi u Crnoj Gori najmanje dvije godine i ispunjava uslove iz člana 8 stav 1 …„.
Закон за државјанство на Република Словенија (Zakon o državljanstvu Republike Slovenije – ZDRS (Uradni list RS, št. 1/91-I z dne 25. 6. 1991),. Во членот 12. предвидува дека: …..

Надлежниот орган може, ако тоа е во согласност со националните интереси, да донесе одлука да државјанство на Република Словенија можат да добијат словенечките иселеници и нивните потомци до четвртото колено во права линија, ако навистина живеат во Република Словенија најмалку една година пред денот на приемот, значи странецот ќе има уреден статус и ги исполнува условите во точките 1, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 од првиот став од член 10 од овој закон.

„Pristojni organ lahko, če je to v skladu z nacionalnim interesom, po prostem preudarku sprejme v državljanstvo Republike Slovenije osebo, ki je izgubila državljanstvo Republike Slovenije na podlagi odpusta ali odreka državljanstvu v skladu z določbami tega zakona ali v skladu s predpisi, ki so urejali državljanstvo na območju Republike Slovenije pred sprejemom tega zakona, če oseba dejansko živi v Sloveniji neprekinjeno šest mesecev pred vložitvijo prošnje, če ima urejen status tujca in če izpolnjuje pogoje iz 1., 4., 6., 7., 8., 9. in 10. točke prvega odstavka 10. člena tega zakona“.

Во законот за државјанство на Р. Албанија нема посебна одредба за стекнување на државјанство со приредување како иселеник.(Ligj Nr. 8389, datë 5.8.1998 Per Shtetesine Shqiptare)

Во Хрватска оваа материја е регулирана со законот за Државјанство на Хрватска (Зakon o hrvatskom državljanstvu NN 53/91, 70/91, 28/92, 113/93, 4/94, 130/11) во членот 11.

Иселеник и неговите потомци до 3 степен на сродство по права линија и нивните брачни другари можат со природување да стекнат државјанство на Република Хрватска и ако не ги исполнуваат претпоставките од член 8 став 1 точка 1,2,3 од овој закон.
Иселеник од став 1 на овој член се смета лицето кој се иселил од Република Хрватска со намера постојано да живее во странство.

„Iseljenik, njegovi potomci do 3. stupnja srodstva u ravnoj liniji i njihovi bračni drugovi mogu prirođenjem steći hrvatsko državljanstvo iako ne udovoljavaju pretpostavkama iz članka 8. stavka 1. točke 1., 2. i 3. ovoga Zakona.
Iseljenik iz stavka 1. ovoga članka je osoba koja se iselila s područja Republike Hrvatske u namjeri da u inozemstvu stalno živi„.

Оваа проблематика ја предвидува и Турскиот Закон за државјанство Türkiye Vatandaşlık Kanunu закон број 5901 од 29.05.2009 година.

Во член 13 и 14 се предвидува стекнување на државјанство како повратник и тоа: постојан престој како со претходен услов и без постојан престој како претходен услов.

Во членот 13 се предвидува. Повторно стекнување на турско државјанство без постојан престој доколку нема пречки за националната безбедност долу наведени лица можат повторно со одлука на советот на Министри да стекнат државјанство на Република Турција без да имаат престој во Република Турција.

„Türk vatandaşlığının ikamet şartı aranmaksızın yeniden kazanılması
Madde 13- (1) Millî güvenlik bakımından engel teşkil edecek bir hali bulunmamak şartıyla aşağıda belirtilen kişiler Türkiye’de ikamet etme süresine bakılmaksızın, Türk vatandaşlığını Bakanlık kararıyla yeniden kazanabilirler„.

Повторно стекнување на државјанство на Република Турција со престој.

Согласно со членот 34 од законот за Државјанство на Република Турција државјаните што изгубиле државјанствата согласно со членот 29 од законот, доколку немаат пречки за национална безбедност со престој од 3 години можат да бидат повторно примени во државјанство на Република Турција.

„Türk vatandaşlığının ikamet şartına bağlı olarak yeniden kazanılması
Madde 14 (1) 29 uncu madde uyarınca Türk vatandaşlığı kaybettirilenler Bakanlar Kurulu kararıyla, 34 üncü madde uyarınca Türk vatandaşlığını kaybedenler Bakanlık kararıyla, millî güvenlik bakımından engel teşkil edecek bir halinin bulunmaması ve Türkiye’de üç yıl ikamet etmek şartıyla Türk vatandaşlığını yeniden kazanabilirler“.

Од сите анализи на споредбени закони, заеднички е дека сите го предвидуваат условот за стекнување на државјанство по пат на природување и дека секоја држава им дава тежина на сопствените иселеници. Дел од нив го дефинираат поимот иселеник, а дел од нив не го дефинираат поимот иселеник. Кај сите кои го дефинираат поимот иселеник заедничко е дека за иселеник се смета граѓанин или државјанин кој се иселил од сопствената држава со намера да живее во странство.

И на крајот оваа материја е регулирана со Европската Конвенција за државјанство донесена во Стразбур на 6 ноември 1997 година ратификувана од страна на Собранието на Република Македонија 23 јануари 2002 година.

Постапката за повторно стекнување на државјанство се предвидува во членот 9 од Конвенцијата и таа гласи: ,,Секоја држава пристапничка ќе овозможи, во случаите и според условите предвидени во внатрешното законодавство, повторно стекнување на државјанство од страна на поранешни државјани со законски и постојан престој на нејзината територија“, Во Англиската верзија зборовите ,,ЌЕ ОВОЗМОЖИ“, стои „facilitate„ што во превод би требало да значи олеснување, а не овозможување. Во српскиот изворен превод на конвенцијата стои да „olakša„ да олеснува и во оригинален турска верзија стои „kolaylık sağlar„ да олеснува. Оттука, многу е очигледна разликата во преводот што создава забуна во толкувањето и применувањето на нормата. Во македонската верзија стои дека државата ќе овозможи. Тоа значи дека некој ако аплицира таа ќе овозможи повторен прием.

Напротив во конвенцијата стои дека таа има обврска да го олеснува приемот на повратниците односно иселениците.
Ми се поставува прашањето дали со членот 8. став 2 од актуелниот Закон за државјанство на Република Македонија на иселениците од Република Македонија им се олеснува постапката за прием во државјанство или им се отежнува? Според понуденото решение „освен матична држава,, на мислење сум дека на граѓаните спротивно на наведената конвенција им се отежнува повторниот прием во државјанство на РМ на иселениците подеднакво без разлика на нивното национално потекло или местото на иселување,, матични држави“.

Од тука сметам дека со оспорената норма спротивно на наведените уставни одредби и меѓународни конвенции оваа материја се регулира поинаку од вообичаените одредби од законите на другите држави и Европските стандарди.

Според тоа, ми се поставува прашањето што се подразбира под поимот стекнување на државјанство по потекло од Законот за државјанство? На мислење сум дека тоа отсекогаш се однесувало на државјанството на родителите на иселеникот, а не на националноста на родителите на иселеникот. Согласно со член 4 и 5 од Законот за државјанството, детето го стекнува државјанството на своите родители, не поради нивната националност, туку поради нивното државјанство, без оглед на тоа каде е родено и каде тоа, односно неговите родители живеат. Доволно е да се докаже дека еден од родителот на детето е државјани на Република Македонија и тој по автоматизам добива македонско државјанство. Во вакви случаи по службена должност се утврдува дека детето е државјанин на Република Македонија.

Исто така според мене се поистоветува државјанството со националната припадност на граѓанинот. Државјанин на Република Македонија може да биде и човек кој не се изјаснил на која националност припаѓа. Согласно со Уставот на Република Македонија граѓаните не се должни да се изјаснат за својата национална припадност. Ако некој ги присилува или бара национално да се изјасни, барањето преставува повреда на уставните загарантирани права.

Да претпоставиме дека некој бара иселување во Република Турција, дека не го владее турскиот јазик или пак го владее турскиот јазик, а не се изјаснува како припадник на Турската националност или заедница во која живее, а и е државјанин на Република Македонија, а според законодавецот дали на именуваниот Република Турција му е матична држава. Кои се елементите или претпоставките за една држава биде матична држава на едно лице. Дали е тоа национална поврзаност, ефективна поврзаност, припаѓање на една култура или пак владение со јазикот или не владение со јазикот на матичната држава и така натака, преставува битие за МАТИЧНА ДРЖАВА. Од практичен аспект има примери дека некој се изјаснува дека е припадник на турската заедница во Република Македонија, а не го владее Турскиот јазик, некој пак го владее Турскиот јазик но не се чувствува како припадник на Турската заедница, дека некој нема никаква ефективна врска со Република Турција, дека на неговите родители, поблиски и на неговите предци матичната држава име е Македонија, а од друга страна со акт и без аргументи на него ќе му се наметне матична држава, држава во која се иселува иако тој тоа, физички, морално, национално и ефективно не го чувствува, односно таа држава не ја чувствува како своја матична држава.

Од наведените одредби произлегува дека не се потребни никакви објективни околности, како на пример: мајчиниот јазик, културните, верските обичаи, традицијата, бојата на кожата итн., односно дека тие околности не се релевантни за утврдување на националниот идентитет на лицето воопшто, а тоа значи, ниту тогаш кога тоа се појавува во својство на иселеник.
Во овој контекст, наведениот член 8 став 2 од Законот создава дополнителни проблеми што реално може да се очекуваат од неговата примена во ситуации кога се работи за лица: иселеници од мешани бракови или кога повеќе крвни сродници би се иселиле во различни земји од кои само некои во тн. матични земји. Проблеми се појавуваат и во врска со нивните деца ако родителите се од различно национално потекло и други објективни разлики, што создава дополнителен проблем при утврдување на „матична држава„ на лицето.

Според нашето законодавство и начинот на толкување на поимот „матична држава„ се создава дополнителен проблем во случаите кога едно лице е припадник на една заедница или националност а припадниците на истата заедница се распространети во повеќе држави се поставува објективното прашањето на лицето која му е „матична држава„. Или поконкретно кажано дали на припадникот од турската заедница во Република Македонија матичната држава му е само Турција, Азербејџан, Туркменистан или некоја друга држава во која живее побројно турско население.

Дека поимот „матична држава„ и „иселеник„ не се соодветно толкувани и применувани во Република Македонија произлегува и од одлуките на Врховниот суд на Република Македонија. Според поранешната практика на Врховниот суд на Република Македонија, Судот секогаш ги уважуваше како основани индивидуалните тужби на граѓаните кои барале македонско државјанство како иселеници. По донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија со кој се изврши измената на член 8 став 2 од Законот за државјанството на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, тужбите на подносителите иселеници започна редовно да ги одбива како неосновани.

Поради погоре наведеното сметам дека член 8 став 2 од Законот за државјанство на Република Македонија е во спротивност со:
– член 8 став 1 точка 2 од Уставот на Република Македонија според која една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е “слободното изразување на националната припадност”.
– член 9 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, со член 4 став 1 (втора реченица) од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, како и со член 1 став 2 од Законот за државјанството.
– член 32 од Документот на ОБСЕ од Копенхаген од 29. 06. 1990 во кој се вели: “припадноста на националното малцинство е право на личен избор.” и
– Спротивен е и со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од која произлегува дека: “Секој припадник на национално малцинство има право слободно да избере да биде или да не биде третиран како таков, а никаква штета не смее да произлезе од таквиот избор или од вршењето на правата поврзани со тој избор.”
Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби, на меѓународните акти и компаративни согледувања, силните аргументи за несогласност на оспорената одредба со Уставот и околноста што Судот не поведе постапка по однос на оспорениот член, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното решение за не поведување на постапка.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.170/2013