Издвоено мислење по предметот У.бр.151/2009

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Одлуката У.бр.151/2009 од 16 декември 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Според моето мислење, укинатата одлука на Советот на општина Македонски Брод не претставува општ акт односно пропис, па поради тоа Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост.

Содржината на укинатата одлука повеќе од експлицитно покажува дека се работи за акт за располагање со средства на општината во една конкретна ситуација, односно за конкретен акт од сферата на материјално-финансиското работење со којшто се врши отуѓување на специфицирана опрема што и припаѓа на општината на точно определени лица. Ваков акт, во ниту една позната теорија на правото, не може да се подведе под општ нормативен акт или пропис и, според мене, тоа не треба понатаму да се докажува. Во овој контекст, го респектирам обидот во Одлуката на Судот да се направи конструкција во која телефоните и лап-топите се третираат како “компензација за надоместок“ за советниците, но не гледам на каков начин тоа би можело да биде релевантно, прво, за прифаќање дека одлуката е за нешто друго, а не за отуѓување на телефони и лап-топи како имот на општината и, второ, за квалификацијата на укинатата одлука на општината како општ нормативен акт и за прифаќање на надлежноста на Судот.

Како што сум истакнувал во други издвоени мислења, при утврдувањето на својата надлежност задача е на Судот да ги идентификува суштинските обележја на правните акти коишто, понекогаш и без потребната форма, потпаѓаат под контрола на уставноста ако воспоставуваат општи правила на однесување. Разликата во мислењата што тука сакам да ја истакнам е од принципиелна и суштинска природа и се однесува на стандардот за разликување на прашања со уставна важност, од прашања на дневна примена, правилна или неправилна, на прописите. Тој стандард, кога јасно се препознава, ја одредува и функционалната физиономија на Уставниот суд. Имено, укинатата одлука на општина Македонски Брод може да биде од интерес за органите што ја контролираат примената на прописите за материјално-финансиско работење, коишто се критериумот за нејзината евентуална незаконитост како конкретен акт за располагање со општинскиот имот. Јас не се согласувам со стандардот Уставниот суд да прифаќа надлежност за оценување на законитоста на еден акт за купување и подарување на мобилни телефони, лап-топи и слично, а да не прифаќа надлежност за акти на органи на Републиката со коишто, без оглед на формата, се нормира траењето на мандат на функционер што е утврден со Уставот (како што беше одлуката на Судскот совет за продолжување на мандатот на Претседателот на Советот) или се менуваат услови за избор на определени јавни функции, или да не се прифаќа надлежност за оценување на подзаконски прописи со меѓународни договори ратификувани со закон што се дел од внатрешниот правен поредок. Заштитата на уставноста во вакви суптилни, но уставно релевантни случаи, би бил навистина значаен потфат.

Длабоко убеден дека еден акт за отуѓување на општински телефони и лап-топи на определени лица без надомест, колку и да е незаконит, не може да се квалифицира како општ нормативен акт, сметам дека не постоеја основи Уставниот суд да ја прифати надлежноста во овој предмет.

Скопје, 18.12.2009

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Одлука У.бр.151/2009