Врз основа на одредбите на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), а во врска со Одлуката на Уставниот суд У.бр.146/2019 од 9 декември 2020 година, со која се укинуваат ставовите 2 и 3 од членот 25 од Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.65/2007 и 133/2016), претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари, гласајќи против цитираната Одлука, го издвојуваат и писмено го образложуваат своето:
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
По повод иницијативата поднесена од Гоце Делчев Тодев, претседател на независниот грански синдикат на полиција, Уставниот суд на седницата одржана на 9 декември 2020 година, со мнозинство гласови ја донесе Одлуката У.бр.146/2019. Со предметната Одлука, Судот со мнозинство гласови се определи за укинување на ставовите 2 и 3 од членот 25 од Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници, коешто Упатство е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр.65/2007 и 133/2016.
По повод донесената одлука, тројца судии на Уставниот суд најавија издвоено мислење и тоа: претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари. Во издвоеното мислење ги наведуваме следните решавачки факти и околности за кои сметаме дека донесената одлука е во спротивност со определбите на Уставот на Република Северна Македонија.
Во образложението на наведената Одлука, покрај другото се наведува дека според одредбите на членот 65 од Законот за внатрешните работи, правата и обврските од работниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно одредбите на овој закон, како и врз основа на одредбите содржани во Законот за полиција, како и прописите во областа на работните односи и Колективниот договор на Министерството.
Со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.
Прашањето за тоа кои подзаконски акти ги донесува министерот за внатрешни работи се уредени со членот 128 од Законот за полиција. Притоа, покрај другите подзаконски прописи, според став 1 алинеја 9 на овој член, министерот донесува подзаконски пропис за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници.
Во Законот за полиција се предвидува дека министерот за внатрешни работи донесува подзаконски пропис за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници. Во таа смисла, министерот за внатрешни работи согласно овластувањето од Законот, го донесе и предметното Упатство за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници, објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр.65/2007 и 133/2016.
Според содржината на членот 25, произлегува дека полициските службеници кои времено заминуваат од подрачната организациона единица на службен пат, годишен одмор, боледување, во странство или слично, се јавуваат пред заминувањето и по враќањето на својот непосреден раководен полициски службеник. Дискутабилна беше содржината на ставовите 2 и 3 од предметното упатство, за кои Судот се определи да ги укине. Од ставовите 2 и 3 произлегува дека прво, полициските службеници од ставот 1 на овој член кои сакаат да патуваат во странство заради приватна потреба поднесуваат барање во писмена форма до непосредниот раководен полициски службеник заради добивање одобрение за патување во странство. Второ, во случај на одбивање на барањето од ставот 2 на овој член, причините за тоа писмено се образложуваат од страна на непосредниот раководен полициски службеник.
Во образложението на Одлуката се подвлекува дека со ваквата определба се повредувале одредбите на членот 27 од Уставот, во кои, покрај другото, се гарантира правото на слободно движење на територијата на Републиката, како и правото на секој граѓанин слободно да го избира местото на своето живеалиште. Ваквото гарантирано право со Уставот на земјата се гарантира и уредува и со Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права. Поточно, со одредбите на членот 2 од Протоколот бр.4 од наведената Конвенција се предвидува дека секое лице кое законски се наоѓа на територијата на една држава има право слободно да се движи во неа и слободно да го избере своето место на престојување, како и слободно да ја напушти земјата во која престојува, вклучувајќи ја и својата земја.
Врз основа на изнесеното образложение на укинувачката одлука во издвоеното мислење истакнуваме, како што следува.
Со одредбите содржани во ставовите 2 и 3 на членот 25 од предметното упатство, воопшто не се повредува правото на слободата на движење коешто право претставува уставна материја и со Устав се гарантира. Во самиот Устав и одредбите содржани во членот 27 од истиот, се подвлекува дека ова право може да се ограничи со закон и тоа единствено во случаевите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривичната постапка или заштита на здравјето на луѓето.
Од содржината на ставовите 2 и 3, коишто ставови се укинуваат, не произлегува фактичка состојба која упатува на еден заклучок дека станува збор за ускратувањето на правото на слободно движење. Напротив, кога се анализираат содржините на ставовите 1, 2 и 3 од членот 25 од Упатството, произлегува дека со нив се уредуваат две ситуации. Првата ситуација се однесува кога полициските службеници кои времено заминуваат од подрачната организација на службен пат, годишен одмор, боледување, во странство и слично, се јавуваат пред заминувањето и по нивното враќање на својот непосреден раководен полициски службеник. Другата ситуација се однесува кога полициските службеници сакаат да патуваат во странство заради приватна работа. Во овој втор случај, тие поднесуваат барање во писмена форма до непосредниот раководен полициски службаник заради добивање на одобрение за патување во странство. Понатаму, во вториот случај, ако барањето се одбива од непосредниот старешина, полицискиот службеник писмено се известува со образложение од страна на непосредниот раководен полициски службеник.
Со ваквата регулатива се уредуваат меѓусебните односи на полициските службеници кои имаат статус на службени лица. Остварувањето на надлежностите на Министерството за внатрешни работи бара максимална ангажираност и професионалност од страна на работниците, како службени лица вработени во наведеното министерство. Во тој контекст, непосредните старешини неминовно треба да поседуваат во секое време точни информации за достапноста на службените лица и во случаите кога не се на работа. Ова особено кога се има во предвид природата на работните задачи на полициските службеници, за чие остварување е од исклучително значење навремено реагирање во конкретни ситуации. За таа цел раководните лица во Министерството за внатрешни работи потребно е во секое време да бидат запознаени за местото во кое се наоѓаат, престојуваат или патуваат. Нивната достапност во итни и неодложни ситуации, посебно ја налага заштитата на безбедноста на државата.
Врз основа на изнесеното, сметаме дека уставно загарантирано право за слобода на движење на граѓаните не се доведува во прашање и во случаите кога службените лица поднесуваат барање за патување во странство за приватна работа. Ова дотолку повеќе што од содржината на ставот 3 од членот 25 од Упатството произлегува дека во случаите кога барањето за патување ќе биде одбиено, службеното лице добива посебно известување во писмена форма што упатува на заклучок дека позитивната регулатива предвидува правна заштита на конкретното право, правото да се добие одобрение за патување во странство за приватна работа, а за кое право, службеното лице смета дека е повредено.
Претседател на Уставниот суд,
Сали Мурати
Судии на Уставниот суд,
д-р Осман Кадриу
Насер Ајдари