Издвоено мислење по предметот У.бр.144/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.144/2013 донесено на 18.06.1014 година за неповедување на постапка за оценување на член 147 став 3 во во целина и посебно деловите: „или по негова вина предвреме ја напушти установата која го упатила на специјализација од ставот 1 од овој член не може да биде помала од десеткратниот износ на вредноста на специјализацијата“ и „во моментот на напуштањето на установата“ од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014 и 43/2014) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд меѓу другото, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот горенаведен член во делот во кој се утврдува начинот на пресметка на минималната вредност на средствата што треба да се вратат во случај на предвремено прекинување или по вина на специјализантот прекинување на специјализацијата заради како што е наведено “доволно јасната и прецизна законска рамка која како таква дава правна сигурност во правните односи во кои влегуваат здравствената установа и специјализантот при склучување на договорот за специјализација“. Воедно, Судот смета дека прашањето за висината на надоместокот не спаѓа во прашања од уставно-судска надлежност, туку е прашање на целисходност.

Наспроти така искажаниот став, сметам дека оспорениот член 147 став 3 од Законот, како целина и посебно оспорените делови не се доволно јасни и докрај правно изведени норми, и како такви не даваат правна сигурност во правните односи во кои влегуваат здравствената установа и специјализантот при склучување на договорот за специјализација, од каде оваа одредба може да се стави под сомнение по однос на нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

Од анализата на оспорениот член 147 став 3 од Законот, произлегува дека се уредува утврдувањето на начинот на пресметка на минималната вредност на средствата што треба да се вратат во случај на предвремено прекинување или по вина на специјализантот прекинување на специјализацијата. Евидентно дека се работо за склучување на работен однос кој е директно врзан со облигационен договор, чија максимална вредност не е утврдена. Појдовна основа за пресметка на минималната вредност, (која, како што е регулирано не може да биде помала од десеткратниот износ на вредноста на специјализацијата) е вредноста на специјализацијата што ја плаќа здравствен работник вработен во приватна здравствена установа, други правни лица или невработено лице во моментот на напуштање на установата.

Во одредбата не е предвидено допрецизирање, сразмерност или соодветна пропорционалност во враќањето на вредноста на специјализацијата, во зависност од времето поминато на специјализација, што значи дека de facto е ирелевантно дали здравствениот работник ја прекинал специјализацијата на првиот ден или на последниот ден од специјализацијата, бидејќи секогаш ќе биде обврзан да врати најмалку десет пати поголем износ на вредноста на специјализацијата. Од друга страна, која е максималната рамка не е познато, што исто така претставува правна несигурност за специјализантите кои се субјекти во склучените договори.

Воедно, треба да се има предвид дека согласно член 140 став 1 од Законот, специјализацијата и супспецијализацијата се спроведуваат преку теоретска настава и практична обука со одредено времетраење во соодветните високообразовни и здравствени установи. Според ставот 2 од членот 140 од Законот, надоместокот за спроведување на теоретската настава и практичната обука и за полагање на специјалистичкиот испит од ставот 1 на овој член го определува Владата на предлог на министерот за здравство врз основа на висината на материјалните трошоци за спроведување на специјализацијата и надоместоците за лицата ангажирани во спроведувањето на теоретската настава и практичната обука, а на товар на установата што ги упатува на специјализација, согласно со програмата за потребите од специјалистички кадри.

Врз основа на членот 140 став 2 од Законот, Владата на Република Македонија донела Одлука за надоместокот за спроведување на теоретската настава и практичната обука и за полагање на испит за специјализации, односно супспецијализации од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.123 од 2 октомври 2012 година), во која е утврдена висината на надоместокот за специјализација.

Според тоа, надоместокот е определен во распон од 2000 до 16000 евра во денарска противвредност, во зависност од видот на специјализацијата и нејзиното времетраење, што значи дека минималниот десеткратен износ на вредноста на специјализацијата што би требала да се врати би се движела од 20.000 до 160.000 евра во денарска противвредност.

Заслужува да се спомене дека законодавецот во образложението на Предлог-Законот не навел никакви образложени причини за ваквото законско решение.

При постоење на вакво законско овластување за определување на висината на надоместокот за специјализација останува нејасно зошто како појдовна основа се зема вредноста на специјализацијата што ја плаќа здравствен работник вработен во приватна здравствена установа, други правни лица или невработено лице во моментот на напуштање на установата, а законското овластување од членот 140 став 2 од Законот нема влијание при определувањето на вредноста на специјализацијата.

За споредба, согласно член 11 од Правилникот за специјалистичко усовршување на докторите по медицина („Народне новине“ бр.150/2008…..84/2011) донесен од министерот за здравство и социјална сигурност на Република Хрватска, здравстената установа и специјализантот склучуваат договор за меѓусебните права и обврски, меѓу кои и износот на штетата во случај на откажување на договорот, со тоа што одредбата прави разлика дали договорот се прекинува пред полагање на специјалистичкиот испит или по полагање, но пред истекот на договорената обврска за работење во установата. За висината на специјализацијата, во оваа одредба, други параметри не се дадени. Меѓутоа, во членот 12 од Правилникот е определено дека трошоците на специјализацијата опфаќаат: бруто плата на докторите, трошоци на менторството, трошоците на здравствената установа во која се обавува специјализацијата и други трошоци, при што трошоците на здравствената установа во која се обавува специјализацијата се утврдени во висина на четворен пресметковен износ. Предвидено е трошоците да ги сноси подносителот на предлогот за одобрување на специјализацијата (установата од која потекнува специјализантот, други правни лица, или пак самиот специјализант), а на здравствената организација изложена на трошок и се исплаќа износ сразмерен на траењето на делот на специјалистичкото усовршување. И покрај ваквото уредување на ова прашање, состојбите во практиката предизвикале водење на поголем број на спорови.

Би сакала да нагласам дека од уставен аспект не сметам дека треба да се проблематизира самиот принцип на враќање на средствата на специјализацијата, но воедно сметам дека висината на средствата што треба да се вратат, треба да биде што е можно попрецизно, пореално нормативно утврдена, со земање предвид на околностите од секој индивидуален случај што ќе овозможи градуална проценка на средствата што треба да се реституираат, а преку што ќе се обезбеди владеење на правото и меѓусебна согласност на Уставот со сите останати прописи. Во спротивно, впечаток е дека вака a priori драконски регулираното прашање наведува на востановување на – од облигационен аспект – изразено штетен договор, кој востановува лихварски однос помеѓу работодавачот и корисникот на специјализацијата. Исто така, впечаток е дека вака нормираната одредба заради очебијната диспропорционалност на финаснсиската обврска (сума) која специјализантот би требал да ја врати, наспроти реално потрошените средства, повеќе цели кон нагласување на строгата казнена димензија на евентуалното кршење на договорот, наместо соодветно димензионираното обесштетување на давателот на средствата.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.144/2013