Издвоено мислење по предметот У.бр.125/2011

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.125/2011 од 10 октомври 2012 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното решение, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 7-б од Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр. 62/2006, 150/2010), со која е предвидено во управниот спор странките сами да ги поднесуваат трошоците што ги предизвикале со свое дејствие.

Мнозинството на судии сметаат дека специфичностите на управно-судската постапка во однос на другите судски постапки го оправдуваат решението на законодавецот за надоместување на трошоците во оваа постапка да се применуваат посебни правила, кои се различни од правилата на другите судски постапки. Јас исто така тргнувам од специфичностите на управно-судската постапка, но не се согласувам со наведениот став на мнозинството од причина што сметам дека сите специфичности на оваа постапка (наведени во решението на Судот), не и го одземаат нејзиниот фундаментален карактер на судска постапка во која независен орган – суд одлучува не само за законитоста на актите, туку и за правата и интересите на граѓаните односно странките во постапката. (во т.н. спорови на полна јурисдикција во кои судот ја решава и самата управна работа одлучувајќи на тој начин за конкретни права и интереси на странката).

Бидејќи постапката по управните спорови во суштина е судска постапка, и во неа според моето мислење, доаѓаат до израз истите начела на судските постапки, како што се начелото на усменост, јавност, расправност, начело на рамноправност на странките, начелото на утврдување на материјалната вистина преку изведување на докази за фактите што се спорни помеѓу страните. Начелото на рамноправноста на странките од своја страна значи дека странките во постапката треба да ги остваруваат своите прави и обврски под еднакви процесни услови и тоа важи не само во поглед на учеството во постапката, предлагање на доказите, туку и во поглед на обврската за надоместок на трошоците на постапката, во смисла на тоа што онаа страна што ќе го загуби спорот, да биде должна да и ги надомести трошоците на спротивната страна. Оттука и кога државата, во својство на тужена страна во управниот спор ќе го загуби спорот, таа треба да и ги надомести трошоците на спротивната страна, односно на граѓанинот кој се јавува како тужител.

Иако очигледно, целта на законодавецот со оспорената одредба била во оваа постапка да не се применат правилата за надоместокот на трошоците што важат за парничната постапка, одредбата, онака како што е формулирана не може да ја оствари таа цел, од причина што од неа не произлегува јасно упатување дека во случај на поништување на поединечниот акт од страна на судот, тужителот е тој што треба да ги надомести трошоците.

Оспорената одредба според мое мислење е нејасна и двосмислена и како таква не го задоволува барањато за прецизност на правните норми како еден од елементите на начелото на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, законот во оспорената одредба предвидува странките (значи и тужителот-граѓанинот и тужениот-државниот орган) сами да ги поднесуваат трошоците што ги предизвикале со свое дејствие, без при тоа да определи кои се тие трошоци што се предизвикани со дејствие на странката. Оттука зарем не може да се постави следното прашање: дали кога органот на управата молчи, па странката поради тоа покренува управен спор, или пак кога судот во постапката за управните спорови ќе го поништи решението на органот на управата како незаконито, дали во тој случај целата управно-судска постапка не ја предизвикал органот на управата со своето непостапување или постапување за кое судот утврдил дека не било во согласност со законот? Зошто во таков случај, кога е очигледно дека постапката по управниот спор ја предизвикал државниот орган, спротивната странка, тужителот односно граѓанинот да биде должен да ги надомести сите трошоци на постапката, иако тој го добил спорот? Ова особено кога станува збор за одржување на расправа пред судот (кога и всушност настануваат стварни трошоци за сведоци, вештаци, адвокати и сл.) за што (согласно измените на членот 30 од Законот за управни спорови), секогаш одлучува Судот, независно од волјата на странките.

Ставот што го прифати мнозинството судии со ова Решение, според мое убедување не значи ништо друго освен ставање во заштита и привилегирана позиција на тужениот орган, како орган на власта, за сметка на позицијата на граѓанинот како тужител во управниот спор. Ова становиште е сосема спротивно и на ставот кој овој Суд го изрази во Решението У.бр.44/2012 од 26 септември 2012 година, со кое не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 157 од Законот за парничната постапка и член 17 од Законот за државното правобранителство. Во тоа Решение Судот го истакна следново: „Неспорно е дека кога државниот правобранител учествува во постапките пред судовите, и за него, како и за другите странки и учесници во постапката, настануваат определени трошоци. При тоа, кога државата учествува во парничната постапка и е застапувана од државниот правобранител, таа не се јавува во својство на власт – империум, туку во својство на странка која согласно законот има свои овластувања и должности. Оттука, кога Република Македонија како рамноправна странка во постапката ќе загуби спор, таа на спротивната странка и ги надоместува трошоците во постапката. Кога државата како странка во постапката го добива спорот, таа исто така има право на надоместување на трошоците во постапката од спротивната странка“.

Доколку Судот доследно ја следеше својата сосема скорешна уставно-судска практика, во овој конкретен случај требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 7-б од Законот за управните спорови.

Претседател
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Решение У.бр.125/2011