Издвоено мислење по предметот У.бр.123/2012

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.123/2012 донесено на 05.02.2014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 45 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012 и 24/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот член 45 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012 и 24/2013) образложувајќи дека: “Согласно уставните и законските одредби надоместот не може да биде понизок од пазарната вредност на експроприраната недвижност“ и дека од анализата на содржината на оспорениот член 45 став 1 од Законот јасно произлегува дека за востановеното право на службеност се плаќа надомест кој опфаќа намалена пазарна вредност на послужната ствар и штета што е настаната со востановувањето на правото на службеност. Надоместот од ставот 1 на овој член се утврдува во секој конкретен случај од страна на овластен проценувач согласно со Законот за процена.

Притоа, се смета дека законодавецот ги нормирал законските рамки според кои административно може да се одземе или ограничи сопственоста на физичките и правните лица, заради реализација на јавен интерес кој е утврден со закон.

Исто така, мнозинството на судии смета дека определувањето на надоместот за недвижност на која е востановена службеноста прво се зема како основа пазарната вредност на недвижноста и се определува обемот на нејзината намалена вредност која треба да се даде како надомест за востановената службеност, со која е предизвикана намалената вредност на недвижноста, што значи дека не е отстапено од уставно гарантираното право на праведен надомест кој не може да биде помал од пазарната вредност. Надоместот на недвижноста се вреднува според проценката на овластен проценувач согласно Законот за процена.

Сметам дека за да се даде елабориран одговор на иницијативата, прашањето би требало да се разгледа како во контекст на целиот Закон, така и на конкретните решенија кои тој ги регулира. Ова затоа што член 30 од Уставот на Република Македонија децидно наведува дека: „Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.(став 1) Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. (став 2) Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. (став 3) Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност. (став 4)“.

Конкретно, Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012 и 24/2013) го уредува одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а кој интерес е заради градење на објекти и изведување на други работи (член 1); определува во кои случаи се утврдува јавниот интерес (член 6); наведува дека при потполната експропријација право на сопственост заснова Република Македонија или единиците на локалната самоуправа и градот Скопје (член 9); наведува дека за експроприраната недвижност припаѓа праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста, а која вредност се утврдува согласно методологијата, правилата и стандардите на Законот за процена (член 18); определува дека надоместокот за експроприраната недвижност и трошоците на постапката паѓаат на товар на предлагачот на експропријацијата (член 19 став 1); и дополнително го заштитува сопственикот на експроприраниот имот со член 20 став 1 од Законот, регулирајќи дека ако при експропријацијата преостанатиот дел од недвижноста е значително намален а со тоа се намалил економскиот интерес на сопственикот него да го користи, може да се експроприра и тој преостанат дел на барање на сопственикот.

Од друга страна, Законот ја одредува и непотполната експропријација како ограничување на правото на сопственост или имотните права на земјиште во сопственост на физички и правни лица или на единиците на локалната самоуправа, преку востановување на правото на службеност и други ограничувања на правото на сопственост (член 10). Член 11 наведува дека со востановувањето на правото на службеност може трајно или на определено време да се ограничи правото на сопственост или имотните права на земјиште врз основа на одобрен проект за инфраструктура од инвеститорот на линиска инфраструктурна градба, а заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес. Членот 3 од Законот го дефинира терминот “линиски инфраструктурни градби„ како јавен пат, железничка инфраструктура, далновод, нафтовод, продуктовод, гасовод, топловод, водовод, канализација, телекомуникациски водови и други објекти кои можат да бидат надземни и подземни и чија изградба претставува јавен интерес утврден со закон. Надоместокот на востановеното право на службеност и трошоците за постапката паѓаат на товар на инвеститорот на линиската инфраструктурна градба (член 19 став 2).

За разлика од пазарната вредност која Законот ја гарантира за експроприраната недвижност, како и пазарната вредност на закупнината за тој вид недвижности која се гарантира при определување на надоместокот за другите ограничувања на правото на сопственост (член 46), единствено за надоместокот за службеност Законот во оспорениот член 45 наведува дека “За востановеното право на службеност се плаќа надоместок кој опфаќа намалена пазарна вредност на послужната ствар и штета што е настаната со востановувањето на правото на службеност“.

Со оглед на императивноста на членот 30 став 4 од Уставот, сметам дека декларативното гарантирање на праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност за правото на службеност како еден од видовите на ограничување на сопственоста треба да биде експлицитно на таков начин регулирано и во Законот, вклучително и оспорената одредба.

Повеќе од јасно е дека во случаите кога се работи за службеност ќе постои потреба да се направи проценка која се разликува од случај до случај за тоа на колку ќе биде проценет надоместокот, но сепак токму поради фактот дека тој надоместок неизбежно ќе варира, законската одредба не би смеела однапред да имплицира дека секој поединечен случај обврзно ќе биде вреднуван преку намалена пазарна вредност, тоест дека Законот имплицира таа a priori во сите случаи да мора да биде намалена. Онака како што е оспорената одредба актуелно поставена, стартно се определува дека пазарната вредност на сопственоста која се става под службеност според Законот мора да биде намалена, па според тоа не се остава на пазарната законитост да ја определи цената, туку законодавецот неа однапред ја “руши„ со што впечатокот е дека го оштетува сопственикот на недвижноста. Ова е посебно проблематично ако се земе предвид дека во пракса ќе се јават и примери на трајна службеност, што може да доведе и до трајно обезвреднување на стекнатиот дел од недвижноста а со тоа и трајно намалување на нејзината реална пазарна вредност. Притоа, сопственикот на недвижноста не се заштитува дополнително како во член 20 од Законот, што се однесува на експропријацијата.

Правото на службеност (servitutes или стварно право на туѓа ствар) е официјално востановување на право врз туѓа сопственост, но тоа треба да се прави со најмало оптеретување и отежнување на сопственоста на другиот. Во овој случај од значење е што се работи за постоење на висок степен на јавен интерес заради изградба на линиски инфраструктурни градби како што наведува законодавецот во образложението за донесување на Законот, но сепак Законот мора да гарантира постоење на баланс помеѓу јавниот интерес и бројните индивидуални интереси на сопствениците на недвижностите врз кои се востановува правото на службеност. Неминовно, при снажно присуство на јавниот интерес кога е во прашање изградба на линиски инфраструктурни градби државната интервенција е разбирлива, како дел од дејствијата кои секоја модерна држава ги прави, но таа треба да се сфаќа и применува единствено во склад со Уставот.

За компарација, ова прашање го третираше и Уставниот суд на Полска кој меѓу другото, го разгледувал Законот за изградба на автопатишта. Третирајќи го прашањето на компензација за било какво намалување на вредноста на сопственоста Судот го употребува терминот “праведна компензација„ заради флексибилноста која тој термин ја поседува, задржувајќи го понатаму тој став во својата судска пракса. Таквото намалување на вредноста на сопственоста според Судот, е определено преку пазарната вредност на земјиштето. Судот наведува дека правилото на праведна компензеција кое е содржано во член 21 од Полскиот Устав, е универзално по своето значење и треба да биде употребувано во секој случај кој се однесува на инволвирање во правото на сопственост за специфична цел која е од јавен интерес.

Одлука на Полскиот Уставен суд, К 37/02, 25 ноември 2003 година, цитирана во трудот на Miroslaw Gdesz, “Compensation for Depreciation of the Property Value According to Polish Land-Use Law“, Washington University Global Studies Law Review, Volume 5, Issue 3 Symposium on Regulatory Takings in Land-Use Law: A Comparative Perspective on Compensation Rights, 2006.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.123/2012