Издвоено мислење по предметот У.бр.1/2022

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.1/2022 со кое Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 75-ѓ, 76-д, 78 и 78-а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006, 136/2008,148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018,140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 42/2020, 74/2021 и 215/2021), писмено го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. По повод иницијативата поднесена од Павле Трајанов од Скопје, за оценување на уставноста на членовите 75-ѓ, 76-д, 78 и 78-а од Изборниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006, 136/2008,148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018,140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 42/2020, 74/2021 и 215/2021), Судот на седницата одржана на 5 јули 2023 година со мнозинство гласови го донесе Решението У.бр.1/2022. Според мое мислење, наводите во иницијативата беа основани, поради што гласав против и со почит ја искажувам мојата несогласност со аргументите од предметното решение.

2. Подносителот на иницијативата смета дека оспорените членови од Изборниот законик се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 5, член 9, член 16 ставови 1-5 и член 51 од Уставот. Имено, одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик во кои биле регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизирале четири политички партии со што директно се загрозувал политичкиот плурализам, дискриминирајќи ги кандидатите кои имале поинакви политички уверувања и оневозможувајќи им еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена. Во наводите се наведува дека на тој начин политичките партии се ставаат во нерамноправна положба, бидејќи се обезбедува 80% од бесплатниот рекламен простор само на четири политички партии, додека на сите останати само 20% од вкупниот број на рекламни паноа и билборди.

Оттука, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста, односно со истите се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар и изнесувањето на идеи и програми коешто директно влијае на изборниот процес бидејќи граѓаните се оневозможени на рамноправен начин да се запознаат со политичките понуди на сите учесници во изборниот процес. На тој начин со фаворизирањето на само четири политички партии се губи обележјето на плуралистичкиот изборен систем.

Член 75 став 2 од Изборниот законик предвидува дека учесниците во изборната кампања имаат право на еднаков, рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето. Но, подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од Законот е во колизија со наведениот член од Изборниот законик со што истите се инкомпатибилни со нашиот демократски уставен поредок и како такви го загрозуваат политичкиот плурализам како дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во иницијативата подносителот укажува на компаративните анализи од другите земји според кои истите имаат воведено целосна забрана за платено политичко огласување на радио и телевизија и за време и надвор од изборите. Таквата забрана всушност упатува на заклучок дека радиодифузните медиуми имаат сẻ уште огромно влијание врз формирањето на јавното мислење и дека времето за емитување политичко-пропагандни пораки на телевизија е скапо, така што помалку моќните политички субјекти не можат да си дозволат огласување. Тоа би довело и до нарушување на плуралистичката јавна дебата и преголема присутност на одредени ставови во јавната сфера.

3. Мнозинството судии при носењето на својата одлука се повика на следниве аргументи од предметното решение „Од анализата на оспорените и други одредби од Изборниот законик коишто се однесуваат на медиумското претставување, изборните плакати и рекламните паноа и билборди, како дел од медиумското претставување, според Судот, произлегува дека законодавецот, во рамките на уставното овластување да го уреди начинот и условите за избор на пратеници утврдил конкретни критериуми неопходни за исполнување на условите за медиумско претставување и платено политичко рекламирање. Имено, законодавецот, како критериум според кој ќе се врши медиумско рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии во изборниот процес, определил тоа да бидат разумната времена рамка за платено политичко рекламирање за учесниците во изборниот процес согласно постигнатиот успех, кој се изразува преку вкупниот број на освоени гласови во последниот изборен циклус и обезбедување на рамноправноста помеѓу истите. Финансиските средства за платено политичко рекламирање, според оспорените одредби, исто така, се распоредуваат согласно процентот на освоени гласови на учесниците во изборниот процес.

Според Судот, токму од содржината на оспорените одредби произлегува дека рекламниот простор што политичките партии го добиваат во медиумите, како и средствата за финансирање на политичките партии се распоредуваат во зависност од бројот на избирачки гласови што истите ги добиле во последниот изборен процес.

Тоа значи дека законодавецот, со определувањето на наведениот критериум по кој ќе се врши медиумското рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии и кандидати во изборниот процес, ги опфатил сите политички партии и кандидати за пратеници, учесници во тој процес, на кој начин се создадени услови сите да бидат соодветно претставени и застапени во изборната кампања.

Притоа, според така определениот критериум – резултатите на последните избори за пратеници, односно бројот на добиените избирачки гласови, е објективен, јасен, прецизен и јавно достапен, ја одразува волјата на гласачите, големината на избирачкото тело, и несомнено е поврзан со изборниот процес, што обезбедува правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, што е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Имено, со утврдениот критериум за распределба на рекламниот простор, според Судот, им се дава можност на сите политички субјекти во Републиката кои се учесници во изборниот процес да ја запознаат јавноста со нивните ставови и идеи, коешто се врши соодветно на потребите на гласачкото тело, односно им се дава можност на учесниците во изборната кампања да ги промовираат своите програми, ставови и кандидати. Поради тоа, Судот оцени дека на тој начин не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните предвиден во член 9 од Уставот, како и слободата на информациите, утврдена во член 16 од Уставот.

Во иста насока, според Судот треба да се цени и определбата за различно времетраење на медиумското претставување на политичките партии, односно соодветната распределба на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Републиката во изборната кампања.

Имено, при пропишувањето на овие правила, законодавецот се водел од резултатите на последните избори за пратеници, односно од бројот на добиените избирачки гласови, што е објективен критериум којшто овозможува сите учесници во изборниот процес да бидат рамномерно, соодветно, избалансирано и непристрасно претставени, со што не се доведува во прашање начелото на владеењето на правото, како и начелото на еднаквост. Притоа, конкретната определба за времетраењето на медиумското претставување на политичките партии врзано со тој критериум (45%-45%-7%-3%), и истовремено конкретната распределба на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Републиката во изборната кампања (45%-45%-7%-3%), кои децидно се наведени во оспорениот член 76-д од Изборниот законик, исто така врзано со тој критериум, е прашање на проценка на законодавецот, а не прашање за чија целисходност треба да одлучува Уставниот суд.

При градењето на ставот во врска со конкретните оспорени одредби, Судот го имаше во вид ставот кој овој суд го изрази во Решението У.бр.16/2016 од 29.03.2017 година, донесено по повод оценувањето на уставноста на член 75-ѓ став 1 и член 76-а ставовите 2, 8 и 11 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016), како и во Решението У.бр.169/2020 од 14 октомври 2020 година со кое Судот оценил дека член 75-ѓ ставови 1 и 12, член 76-а став 2, член 76-д став 4 и член 78-а ставови 4 и 5 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и Службен весник на Република Северна Македонија бр.98/2019 и 42/2020) се во согласност со Уставот.

Уставниот суд тргнувајќи, пред сẻ од член 1 од Уставот со кој се уредува дека Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, како и од член 2 според кој во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, оцени дека оспорените членови од Изборниот законик како јасни и прецизни не можат да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 3 и 5, членовите 9, 16 и 51 од Уставот.”

4. Како што веќе претходно и во други издвоени мислења го имам истакнато својот став, разликата во мислењата што тука сакам да ја потенцирам е од принципиелна и суштинска природа и се однесува на стандардот со уставна важност, односно во толкувањето на темелните вредности на Уставот.

Во конкретниот случај, сметам дека мнозинството судии имаше погрешен пристап при толкувањето на оспорените законски одредба vis a vis темелните вредности на нашиот уставен поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, принципот на еднаквост утврден во член 9 од Уставот, како и член 20 од Уставот со кој се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на политичките уверувања и слободата на основање на политички партии.

Уставниот суд како чувар на Уставот е должен да се грижи за остварување на највисоките темелни вредности, начела и гаранции на уставниот поредок. Владеењето на правото претставува таква темелна вредност од која произлегуваат бројни начела и принципи коишто го формираат нејзиното битие, особено правната сигурност којашто подразбира законите да бидат во согласност со устав, а сите други прописи со устав и закон со што се обезбедува хармонија, усогласеност и конзистентност во уставно-правниот поредок. Таа во суштина претставува вредност којашто има императив да ги гарантира, обезбедува и афирмира сите останати темелни вредности, уставни принципи, начела и норми. Односот помеѓу владеењето на правото и темелната вредност политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, принципот на еднаквост утврден во член 9 од Уставот, како и член 20 од Уставот со кој се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на политичките уверувања и слободата на основање на политички партии е суштински. Имено, само преку владеењето на правото и само преку усогласеноста на законските решенија со уставните вредности и норми може да се ефектуираат, афирмираат и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, и уставните гаранции на принципот на еднаквост, како и да биде загарантирана слободата на здружување заради остварување и заштита на политичките уверувања и слободата на основање на политички партии.

Еднаквоста како принцип, подразбира дека со еднаквите се постапува еднакво, а со нееднаквите нееднакво. Различниот третман помеѓу исти категории на лица или субјекти кои се наоѓаат во идентична правна и фактичка состојба по однос на нивните права, претставува повреда на овој уставен принцип. Во член 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Политичкиот плурализам и слободните и демократските избори како темелни вредности се каузално поврзани и се сметаат за основа на секој демократски поредок. Слободните и демократските избори се процеси преку кои граѓаните имаат можност да изберат свои претставници и да учествуваат во одлучувањето за политиките и правилата на општеството. Во контекстот на слободните и демократските избори, политичкиот плурализам овозможува различни политички партии и групи да се натпреваруваат за гласовите и поддршката на граѓаните. Сите граѓани имаат право да изразат својот избор преку гласање, без обиди за интимидација или притисок, и со гаранција за таен глас. Ова овозможува граѓаните да го изразат својот политички пристап и преференци, да бидат активни учесници во политичкиот процес преку членување и активизам во политички партии, кандидирање, волонтирање, промоција на своите идеи и учество во изборните кампањи. Со тоа, се создава конкуренција и отвореност на политичкиот процес, што влијае на политичкиот плурализам и ги засилува демократските институции и демократскиот развој. Политичкиот плурализам е суштински спротивен на политичкиот монизам, каде што една партија доминира во политичката сцена, во таа смисла дури и политичкиот дуализам, тријализам е спротивен на концептот на плурализмот. Една од основните предности на политичкиот плурализам во демократијата е тоа што овозможува разновидност на политички предлози и идеи. Различните политички партии и групи имаат различни визии за политиките и решенијата кои се потребни за општеството. Преку конкуренцијата на изборите, граѓаните имаат можност да го изберат најдобриот политички пристап според нивните вредности и интереси.

Политичкиот плурализам во својата суштина претставува форма на натпревар помеѓу политичките партии, кои со својата понуда на политички идеи, предлози решенија за општествените, јавните потреби, настапуваат на слободни и демократски избори. Играчите „политичките партии” се натпреваруваат едни со други за да ги промовираат нивните интереси. Спецификите на оваа „форма на натпревар” се што истиот осигурува дека ниеден „играч” нема да стане доминантен, бидејќи разноликоста и плурализмот создаваат структура на полиархија (владеење на многумина), која е социјалниот еквивалент на принципот на проверки и рамнотежи (checks and balances) во демократското уредување. Плурализмот го промовира либералното разбирање на компетициска демократија, а конкуренцијата создава победници и губитници. Затоа од суштествено значење за плурализмот е резултатот од слободните и демократските избори, да биде резултат до кој е дојдено низ процес во кој сите засегнати страни (играчи-политички партии) имале еднакви и фер шанси да ги промовираат и понудат своите идеи и предлози до граѓаните, со што би се афирмирала и слободата на здружувањето (во политички партии како едно од основните права на граѓаните гарантирано со Уставот за остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и другите права и уверувања на граѓаните). Кога станува збор за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и претходно го имам изнесено својот став според кој позитивноста е само едната страна на уставните права, односно, нивната реална или фактичка страна, а покрај тоа, тие поседуваат идеална димензија. Причината за ова е тоа што уставните права, особено оние кои се однесуваат на човековите слободи и права, се права запишани во Уставот со намера да се позитивизираат во „најголема можна мерка”. Идеалниот карактер на човековите права не исчезнува откако ќе се трансформираат во позитивни права, таа е присутна и по нивната позитивизација. Токму потрагата по идеалната димензија, со барања за оптимизација во „најголема можна мерка“, налага од законодавецот, особено од уставните судии сериозно да ја разберат и идеалната и реалната димензија на правото.

Доколку правилно и во претходно наведениот контекст се толкува плурализмот и слободните демократски избори како темелна вредност на нашиот уставен поредок, јасно произлегува дека начинот на кој законодавецот интервенира со оспорените одредби во конкретниов случај во т.н „политички натпревар” е уставно проблематичен односно некомпатибилен со наведената темелна вредност на нашиот уставен поредок. Имено, ограничувањето и влијанието на политичкиот натпревар и резултатот од него на начин што политичките партии се ставаат во нерамноправна положба, бидејќи се обезбедува 80% од бесплатниот рекламен простор само на четири политички партии, додека на сите останати само 20% од вкупниот број на рекламни паноа и билборди, не е во духот на принципите на демократскиот плурализам и легитимните очекувања на граѓаните, во фер амбиент и со еднакви правила за сите да го користат уставно загарантираното право на слобода на политичкото здружување и дејствување преку политички партии. На тој начин законодавецот не само што не обезбедил фер и еднакви правила за политички натпревар, туку со оспорените одредби за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизира четири политички партии со што директно се загрозува политичкиот плурализам, ги става во нееднаква положба, оневозможувајќи им еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена. На ваков начин по мое длабоко уверување се нарушуваат основните постулати на плурализмот, се загрозува основното уставно начело на еднаквоста, односно со истите се внесуваат нееднакви и нефер правила на игра во политичкиот натпревар и во просторот за изнесувањето на идеи и програми што директно влијае на изборниот процес бидејќи граѓаните се оневозможени на рамноправен начин да се запознаат со политичките понуди на сите учесници во изборниот процес. Со оспорените одредби се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот.

Во тој контекст за мене се неприфатливи горенаведените аргументи на мнозинството судии во однос на оспорените и други одредби од Изборниот законик коишто се однесуваат на медиумското претставување, изборните плакати и рекламните паноа и билборди, како дел од медиумското претставување. Имено, во согласност со мојата анализа, законодавецот употребувајќи го уставното овластување кое неспорно го има, да го уреди начинот и условите за избор на пратеници прави повреда на повеќе темелни вредности на нашиот уставен поредок. Со критериумот кој законодавецот го избрал според кој ќе се врши медиумско рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии во изборниот процес, каде определил тоа да бидат разумната времена рамка за платено политичко рекламирање за учесниците во изборниот процес согласно постигнатиот успех, кој се изразува преку вкупниот број на освоени гласови во последниот изборен циклус и обезбедување на рамноправноста помеѓу истите, законодавецот во суштина ги става политичките партии во нееднаква положба.

Така определениот критериум – резултатите на последните избори за пратеници, односно бројот на добиените избирачки гласови, по мое уверување е апсурден, необјективен и дискриминирачки. Резултатот од претходни избори ја одразува волјата на гласачите, големината на избирачкото тело, во период што изминал, врз основа на политичка понуда и програми од партиите што се случила во минатото, вообичаено изборните циклуси се на секои четири години. Во временски интервал од четири години, природата на политичките процеси се со таква динамика и променливост, непредвидливост, со што состојбата во моментот на нов изборен процес, може да биде драматично променета. Можно е постојни политички субјекти да претрпат измени во смисла да згаснат, можна е појава на нови политички субјекти итн. Во таква реалност се поставува прашањето дали новоформиран политички субјект кој во моментот по јавни анкети можеби ужива голема поуларност ќе има фер и еднакви услови за политички натпревар со вакви законски решенија? Дали новоформираниот политички субјект односно граѓаните со вакви законски решенија ќе може во целост да ги оствари со Устав загарантираните права на слобода на здружување, за остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и другите права и уверувања? Секако дека одговорот е – не! Критериумот, резултат од последните избори, ги става во нееднаква положба и политичките субјекти кои учествувале и во тој политички натпревар, на начин што се фаворизираат четири партии кои тогаш освоиле најголем број гласови, кои од тој резултат до следниот изборен циклус, можеби не ги исполниле изборните ветувања, ги изневериле очекувањата на гласачите, а некои политички субјекти кои учествувале во тој политички натпревар, го зголемиле своето членство и ја зголемиле довербата и поддршката кај гласачите, но овие вториве ќе бидат оневозможени во изборниот натпревар да учествуваат под еднакви услови.

Претходно истакнав дека за плурализмот од суштествено значење е резултатот од слободните и демократските избори, да биде резултат до кој е дојдено низ процес во кој сите засегнати страни (играчи-политички партии) имале еднакви и фер шанси да ги промовираат и понудат своите идеи и предлози до граѓаните, со што би се афирмирала и слободата на здружувањето на граѓаните во политички партии како едно од основните права на граѓаните гарантирано со Уставот за остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и другите права и уверувања на граѓаните. Критериумот избран од законодавецот во конкретниов случај е во целост спротивен со суштествената природа на плурализмот, слободните и фер и демократски избори, но истовремено истиот ги става во нееднаква положба граѓаните кои во согласност со член 20 од Уставот, се оневозможени во „најголема можна мера” да ги остваруваат правата кои им се загарантирани со Уставот, со што се повредува уште една темелна вредност на нашиот уставен поредок, владеењето на правото и неговиот конститутивен принцип, правната сигурност.

Во иницијативата подносителот укажува на компаративните анализи од другите земји според кои истите имаат воведено целосна забрана за платено политичко огласување на радио и телевизија и за време и надвор од изборите. Таквата забрана всушност упатувала на заклучок дека радиодифузните медиуми имале сẻ уште огромно влијание врз формирањето на јавното мислење и дека времето за емитување политичко-пропагандни пораки на телевизија е скапо, така што помалку моќните политички субјекти не можат да си дозволат огласување. Тоа би довело и до нарушување на плуралистичката јавна дебата и преголема присутност на одредени ставови во јавната сфера. Сметам дека ваквите ставови на подносителот на иницијативата, се неосновани, затоа што согласно член 16 од Уставот „Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета“. Понатаму во член 110 алинеја 3 од Уставот, е определено дека Уставниот суд меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Слободата на здружувањето е едно од основните права на граѓаните гарантирано со Уставот. Гарантирајќи ја слободата на здружувањето Уставот во членот 20 став 1 ги определил и целите на ова здружување кои можат да бидат за остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и другите права и уверувања на граѓаните. Во ставот 2 на член 20 од Уставот, се утврдуваат организационите облици на здружувањето на граѓаните со јасно разграничување дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и да основаат политички партии. Начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани и фондациите и на политичките партии како одвоени облици на здружување се уредени со посебни закони. Целовитоста на овие уставни норми, упатуваат на неоходноста политичката понуда да биде достапна до граѓаните преку платено политичко огласување на радио и телевизија и за време и надвор од изборите. Но, начинот на кој истото е уредено, и особено финансирањето на политичкиот маркетинг со јавни буџетски средства, во контекст на претходно изнесените аргументи, без дилема упатува на заклучок за тешки повреди на Уставот и до нарушување на пиларите на плурализмот.

Надвор од наводите во иницијативата во конретниот случај, но исто така во контекст на релевантноста на претходно изнесените уставно правни аргументи, сметам и во повеќе наврати (вклучително и во расправата по оваа иницијатива) го имам изнесено својот став дека идентични повреди на темелните вредности на Уставниот поредок како и на членовите 9 и 20 од Уставот, се прави и со Законот за финансирање на политичките партии со кој се уредува начинот и постапката за обезбедување на финансиските средства, располагање со средствата за тековната работа и дејствување на политичките партии, како и начинот на контрола на финансирањето и финансиското материјално работење на политичките партии. Според тој закон, политичките партии се финансираат од јавни и приватни извори на финансирање. Јавните извори за финансирање на политичките партии се финансиски средства предвидени во Буџетот на Република Северна Македонија. Финансирањето на политичките партии и утврдувањето на висината на средствата кои се издвојуваат од јавните извори на финансирање на политичките партии, критериумите по кои финансирањето се прави односно начинот на распределување на буџетските средства, ги загрозува и претставува упад во плурализмот и слободните и демократски избори како темелна вредност, ја загрозува уставната гаранција на слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на нивните политички права и уверувања, ја повредува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Со сега оспорените законски одредби кои се однесуваат на финансирањето на политичките кампањи, како и со анализираните законски решенија надвор од конкретниот предмет за финансирањето на политичките партии, врз основа на критериуми за кои се определил законодавецот и во двата случаи, политичките субјекти, а преку нив граѓаните се ставени во нееднаква положба. Со вакви уставно проблематични решенија недвосмислено се влијае на идниот изборен процес, бидејќи некои партии се ставени во привилигирана и поповолна положба од другите кои не се опфатени со законските критериуми, со што не се создаваат еднакви и фер услови сите да бидат соодветно претставени и застапени во изборната кампања. Ваквите законски решенија задираат во постулатите на плурализмот и слободните и фер и демократски избори, што е спротивно и на принципите на неопходноста и нужноста во едно демократско општество.

5. Во контекст на изнесеното, сметам дека Судот требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 75-ѓ, 76-д, 78 и 78-а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006, 136/2008,148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018,140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 42/2020, 74/2021 и 215/2021), и суштински да ја испита неговата уставна оправданост и согласност со темелните вредности на Уставот, односно со одредбите од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 5, како и со член 9 и 20 од Уставот.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Конечно решение У.бр.1/2022