Издвоено мислење по предметот У.бр.116/2009

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.116/2009 од 11 ноември 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Oспорените ставови од членовите 53 и 55 од Законот се дел од основниот текст на Законот донесен во 1998 година и тие изразуваат јасна концепција на законодавецот за тоа кој ќе одлучи за судбината на имотот на здружение односно фондација во случај на нивен престанок, а не може да се исполнат условите утврдени со статутот за начинот на користење на имотот и средствата – тоа е соодветното министерство, а потоа и комисија на Владата како жалбен орган.

Со измените и дополнувањата на Законот во 2007 година, меѓутоа, законодавецот, за решавање на истата ситуација, промовира една друга концепција, имено, дека врз основа на решението на Централниот регистар за престанок на здружението односно фондацијата, во случаи во кои не може да се исполнат условите утврдени со статут за начинот и поделбата на имотот, заинтересираното лице поведува постапка пред надлежниот суд за начинот на кој ќе се користи имотот на здружението односно фондацијата (изменети и дополнети членови 52 и 54). Ваквото решение е суштински напредок во регулирањето на ова прашање и целосно е во согласност со владеењето на правото.

Јасно е, меѓутоа, дека овие две концепции не може да одат заедно и е загадочно зошто оспорените одредби напросто, и консеквентно, не биле избришани од Законот.

Во светлината на истовременото постоење на овие две концепции што меѓусебно се исклучуваат, во Решението се пристапува кон конструкција на след од, најпрво судски, а потоа управни процесни дејствија за да се оправда овластувањето на извршната власт да одлучи кому, на кое здружение односно фондација, ќе му го пренесе имотот од оние што престанале да постојат. Како што се наведува, мнозинство судии смета дека целта на законодавецот со оспорените одредби била да го заштити имотот на одредено здружение, односно фондација кои престанале, а притоа за тој имот не се јавило заинтересирано лице во судска постапка да се разреши ова прашање! Ваков процедурален след Законот воопшто не пропишува. Оспорените одредби од членовите 53 и 55 не го условуваат овластувањето на министерствата со непостоење на заинтересирано лице, туку со ситуација кога имотот на здружение или фондација што престанале не може да се распореди според налозите утврдени во статутот на тие субјекти. Тоа е истиот услов за надлежноста на судот во смисла на изменетите и дополнети членови 52 и 54 од Законот. Ваквото резонирање сугерира дека судската односно управната надлежност за одлучување во вакви ситуации не се определува само според природата на односите, туку и во зависност од тоа дали во случајот се јавиле заинтересирани лица за решавање на тие односи, како и дека за едно исто прашање може да постои истовремена судска и управна надлежност. И двете работи, меѓутоа, правно не може да се образложат. Ако постои јавен интерес имотот на престанатите здруженија и фондации во овие ситуации да се распореди на користење дури и кога за таа цел не се јавиле заинтересирани лица, тоа не е основ за пренесување на надлежноста од суд на управен орган. Впрочем, ништо не го спречува соодветното министерство да поведе постапка пред судот како “заинтересирано лице“, во јавен интерес, за распоредување на имотот на здруженија и фондации што престанале да постојат. Мислам дека не треба да докажувам дека ако една работа е во судска надлежност, таа не може да биде истовремено и во управна надлежност.

Оваа концепциска противречност на Законот и нејзиното премостување на изнесениот начин во решението, за жал, го одвлекува вниманието од суштинскиот проблем, а тој не е дали целите на законодавецот биле добри и дали оспорените одредби добро им служат, туку тоа што со оспорените одредби се дава овластување на органи на извршната власт да располагаат со имот на субјекти во сфера којашто се означува како “невладин сектор“ и во која извршната власт не смее да има одлучувачки овластувања. Со тие одредби органите на извршната власт се поставуваат како супститут на титуларот на овластувањето за одлучување за имотот на невладината организација по нејзиното престанување – а тоа се органите на овие организации кога го донесуваат статутот – односно како титулар на право на располагање со определен имот од посебна природа и за посебни цели. Според оспорените одредби, одлучувањето на министерствата за ова прашање дури ни формално нема карактер на некаво објективно, непристрасно распоредување на имотот, со оглед на тоа што не постојат никакви критериуми што би зборувале во прилог на тоа (не постои, на пример, конкурс, критериуми за утврдување приоритет на заинтересирани здруженија и слично), туку е прашање на дискреција на органот со која длабоко се завлегува во сферата на слободата на здружувањето од аспект на мешањето на јавната власт во цивилната сфера, но и од аспект на потенцијално загрозување на правото на еднаквост пред законот на субјектите во таа сфера. Без оглед на степенот на зачестеност на ваквите ситуации во реалниот живот, оспорените одредби во принцип му прибавуваат на соодветното министерството серизна моќ за финансиско инволвирање и влијание во невладиниот сектор, што според суштинското читање на членот 20 од Уставот, не може да се оправда. Оттука, според моето мислење, единствениот уставно и врз владеењето на правото заснован начин за решавање на ситацијата што ја регулираат оспорените одредби е за судбината на имотот на здруженијата и фондациите да се одлучува во објективизирана и непристрасна постапка пред независен орган или тело. Ниту министерството или комисија на Владата се независни органи во оваа смисла (дури и кога работат во совршена согласност со закон), ниту дискрецијата која им е дадена со Законот може да го задоволи барањето за објективност и непристрасност. Судот, секако, е таков орган.

Врз основа на изнесеното, сметам дека постоеја основи Судот да поведе постапка и во крајна ллинија да ги укине оспорените одредби од Законот, со што, покрај нивното елиминирање од правниот поредок како неуставни одредби, ќе се отстранеше и концепциската противречност на Законот во поглед на надлежноста за одлучување за ова прашање.

Скопје, 19.11.2009

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Решение У.бр.116/2009