Издвоено мислење по предметот У.бр.83/1992

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.83/1992 од 4 ноември 1992 година, не поведе постапка за оценување уставноста на Законот за воведување обврска при патување во странство, оценувајќи дека оспорениот Закон не е во несогласност со Уставот на Република Македонија. Сметајќи дека има основи за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот закон, односно дека тој не е во согласност со Уставот на Република Македонија, гласав против предлогот за усвојување на решението за неповедување на постапка и, во врска со тоа, во смисла на член 65 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на СРМ“ бр. 43/82), го издвојувам мислењето по овој предмет и го образложувам на следниот начин:

Прво, сметам дека обврската за плаќање при патување во странство не е, ниту по своите обележја, може да биде јавна давачка од која се намируваат јавните расходи, во смисла на член 33 од Уставот на Република Македонија, и дека поради тоа пропишувањето на оваа обврска не може да се смета дека е во рамките на овластувањето на Собранието на Република Македонија, утврдено во член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, да ги утврдува јавните давачки.

Исто така, сметам дека оваа обврска не може да се смета ни за такса за административните услуги што патниците ги добиваат од државните органи, затоа што според оспорениот закон плаќањето на оваа обврска е надвор и независно од било какви административни или манипулативни трошоци што ги прават државните органи во водењето евиденција и контрола на прометот на патници на државната граница. Поради тоа, сметам дека и по овој основ се надминати рамките на уставните одредби за овластувањата на Собранието да ги утврдува јавните давачки.

Второ, случаите во кои може да се ограничува слободата на движењето односно правото на граѓаните да ја напуштаат територијата на Републиката, како облик на уставно гарантирање на оваа слобода и ова право, можат да бидат утврдени единствено со Уставот и како такви со член 27 од Уставот се утврдени само безбедноста на Републиката, водењето на кривична постапка и заштитата на здравјето на луѓето. Уставот не содржи основи надвор од тоа со закон да се утврдуваат нови случаи на нивното ограничување. Понатаму, сметам дека ограничувањето на наведените слободи и права не мора да се изразува само преку забраната на нивното користење во определени случаи, односно само со физичкото спречување на движењето на граѓаните и нивното излегување од територијата на Републиката, туку и преку секој облик на условување или отежнување на нивното користење што не е непосредно поврзан со овластувањата на органите на Републиката да вршат евиденција и контрола на движењето на граѓаните на територијата на Републиката и на нејзината граница (работите поврзани со патните исправи и слично). Поради тоа, сметам дека со оспорениот закон на плаќањето при патување во странство му е даден карактер на незаобиколив услов без чие исполнување не е можно остварувањето на правото на граѓаните да ја напуштат територијата на Република, поради што, според последиците, тој услов е изедначен со забрана, и тоа надвор од случаите предвидени во Уставот.

Трето, повторно тргнувајќи од фактот дека нужна претпоставка за исполнување на условот за напуштање на територијата на Републиката е поседувањето на најмалку 30 германски марки, сметам дека на тој начин со наметнувањето на наведената обврска со оспорениот закон остварувањето на слободата на движењето непосредно се доведува во зависност од имотната положба на граѓаните. Имајќи предвид дека плаќањето на наведената обврска со ништо не е поврзана со реалните трошоци на патувањето, односно од тоа дека не се цена за никаква услуга при патувањето, ниту е трошок поврзан со остварувањето на овластувањата на државните органи за евиденција и контрола на прометот на патници, сметам дека со тоа граѓаните се доведуваат во нееднаква положба при остварувањето на слободата на движењето и правото на излегување од територијата на Републиката, и тоа со оглед на нивната имотна положба, што како основа за дискриминација изречно е забранет со член 54 став 2 од Уставот.

Четврто, сметам дека утврдувањето на видот на националната валута, независно од тоа дали е направено непосредно со Уставот или врз негова основа со закон, претставува начин на остварување на суверенитетот на Републиката во сферата на монетарните односи. Во таа смисла, израз на тој суверенитет е и утврдувањето на националната валута како единствено законско средство за плаќање, како и утврдувањето на исклучоците од тоа правило (член 1 од Законот за употреба на паричната единица на Република Македонија и членовите 37 и 38 од Законот на Народната банка на Република Македонија). Од фактот дека со наведените законски одредби, со кои се уредуваат односите поврзани со употребата на денарот како законско средство за плаќање, исклучените во кои средство за плаќање можат да бидат и странски валути се ограничени само на случаите поврзани со односи помеѓу домашни и странски субјекти, а не и помеѓу домашни лица меѓусебно, а уште помалку помеѓу граѓаните и државните органи, според моето мислење, произлегува дека на посреден начин преку наведените законски одредби, со предвидувањето обврската при патување во странство да се плаќа во странска валута, со оспорениот закон се повредува одредбата од член 1 од Уставот, според која Република Македонија е суверена држава со неделив, непренослив и неотуѓив суверенитет, ако и одредбата од член 60 од Уставот, според која Народната банка на Македонија е одговорна за стабилноста на валутата.

Поради изнесеното, а со оглед на тоа што обврската за плаќање при патување во странство не е, ниту по своите обележја, може да биде јавна давачка од која се намируваат јавните расходи, што оваа обврска според последиците претставува проширување надвор од со Уставот утврдените случаи на ограничувањето на правото на граѓаните да ја напуштат територијата на Републиката, што остварувањето на ова право се доведува во зависност од имотната положба на граѓаните и што со плаќањето на обврската со странска валута се нарушува монетарниот суверенитет на Републиката, сметам дека оспорениот закон не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

У.бр.83/1992
4 ноември 1992 година
Скопје

Претседател
на Уставниот суд на Република Македонија,
м-р Јордан Арсов

Решение У.бр.83/1992