Дневен ред за 6. седница на Уставниот суд која ќе се одржи на 15 февруари 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 6. седница на 15 февруари, среда во 9:30 часот, со дневен ред на кој е предвидено да се расправа по четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. У.бр.3/2022

Оспорен: Член 4, член 5 и член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.295/2021)

Подносител на иницијативата: Стопанска комора на Северна Македонија

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби, законодавецот излегол надвор од рамките на односите кои Законот ги уредува спротивно на другите правни прописи и со тоа се создавало правна несигурност и правна неусогласеност помеѓу законите и помеѓу Уставот и законите. Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби се вршело упад во Законот за работните односи во делот на плаќањето на работата и работното време, пропишувајќи различен правен режим за додатоците на плата и работното време во недела и на празници за вработените во трговијата на мало, како и упад во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа пропишувајќи други извори на финансирање за вршење на основните надлежности на општините од оние таксативно пропишани со овој закон. Како причини поради коишто ги оспорува одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, подносителот ги наведува слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, утврдени во членовите 8 и 55 од Уставот, владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите која е уставно загарантирана со членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

2. У.бр.101/2022

Оспорен: Член 23 ставови 2, 3 и 4 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020)

Содржина на оспорената одредба:

Член 23

(1) Урбанистичкиот план е на сила до донесување на нов урбанистички план.
(2) Ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине во целост, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на нов урбанистички план за истиот плански опфат по постапка од членот 21 од овој закон, а ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот по постапка од членот 31 од овој закон.
(З) Ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине врз основа на пропуст во постапката за донесување, донесувачот на планот може да го донесе истиот план со постапка што ќе се состои само од спроведување на делот од постапката за кој се однесува пропустот и истиот бил основ за укинувањето.
(4) Доколку при спроведувањето на постапката од ставот (3) од овој член произлезат и неопходни измени во планското решение, тогаш донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за донесување на нов урбанистички план по постапка од членот 21 од овој закон.

Подносител на иницијативата: Наташа Шурбановска од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, член 23 ставови 2,3 и 4 не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 ставови 1 и 2 и член 112 ставови 1 и 3 од Уставот поради тоа што ги загрозувал темелните вредности на уставниот поредок и му давал право на донесувачот на планот да ги толкувал одлуките на Уставниот суд, односно да ценел дали одлуките се однесувале на целиот или на дел од планот, кој бил основот за укинување на спорниот урбанистички план и во кој дел и обем бил укинат урбанистичкиот план.

3. У.бр.119/2022

Оспорен: Член 29 став 2 во делот „во втор степен формирана од страна на министерот за економија, при што претседателот на комисијата задолжително ќе биде од редот на раководните државни службеници во инспекциската служба кој нема да биде вклучен во вршењето на инспекцискиот надзор” од Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2008, 35/2011, 84/2012, 43/2014 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019)

Содржината на оспорената одредба:

Член 29

(1) Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Државниот инспекторат за техничка инспекција и Државниот пазарен инспекторат во согласност со нивните надлежности утврдени со закон.
(2) Против донесеното решение од ставот (1) на овој член, трговските друштва може да изјават жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението, до комисијата за решавање по жалби во втор степен, формирана од страна на министерот за економија, при што претседателот на комисијата задолжително ќе биде од редот на раководните државни службеници во инспекциската служба кој нема да биде вклучен во вршењето на инспекцискиот надзор.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите на иницијативата, оспорената одредба не била доволно прецизна и јасна, што не било во согласност со начелото на владеење на правото уредено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 51 став 1 од Уставот. Воедно, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот дел се пропишувало двостепеност на постапката и не бил во согласност и со став 2 од Амандман XXI од Уставот. Според наводите на иницијативата, со оспорениот дел се пропишувало надлежност на комисија за решавање по жалби во втор степен која ќе била формирана од страна на министерот за економија, за која во Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати не била јасна природата на истата, односно дали претставувала орган во состав или организациона единица или самостоен орган во состав на Министерството или орган на управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања

4. У.бр.170/2020

Оспорен: Член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65 годишна возраст” од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020 и 311/2020)

Содржина на оспорената одредба:

Член 44

Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Подносител на иницијативата: Билјана Јорданоска од Прилеп

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел: „најдоцна до 65 годишна возраст”, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и ставот 2, членот 9, членот 10, членот 11, член 29 став 1, членот 34, членот 35, член 39 став 1, членот 50 став 1 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите од 1 до 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, бидејќи оспорената законска содржина ја ограничувала можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста. Според наводите од иницијативата, одредбата од член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 26 годишна возраст” од Законот за социјалната заштита, создавала разлики помеѓу граѓаните по основ на возраста, која предизвикувала нееднакви можности и пристап до правата од сферата на социјалната заштита, конкретно правото на паричен надоместок заради попреченост, а со тоа и нееднакви можности во поглед на користењето на самиот надоместок, независно од тоа што и едните и другите се наоѓале во иста ситуација на попреченост согласно со член 44 став 1 од Законот, поради која тој надоместок и се обезбедувал, било таа попреченост да настапела пред 65 годишна возраст или по навршувањето на 65 годишна возраст.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. У.бр.92/2022

Подносител на барањето: Драги Лозановски од Скопје преку полномошник – адвокат Марија Келепуровска од Ресен

Оспорени поединечни акти: Пресуда 1СТ-ТС-37/20 од 06.10.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје, Пресуда ГЖ-4757/21 од 18.02.2022 година на Апелациониот суд во Скопје, и Решение Рев2 бр.225/2022 од 07.06.2022 година на Врховен суд на Република Северна Македонија.

Од наводите во барањето:

Подносителот во барањето наведува дека со Решението на Врховниот суд му било повредено правото за фер и правично судење од причина што Судот ја отфлил како ненавремена изјавената ревизија на барателот спротивно на одредбите од Законот за парничната постапка каде што рокот за изјавување ревизија за спорови кои што имаат вредност над 1.000,000,00 денари бил 30 дена од датумот на прием на второстепената пресуда. Подносителот на барањето смета дека му било ускратено правото на ефективен правен лек и истиот бил задолжен со исплата на огромна сума на пари која тој ја немал стекнато како имотна корист. Со ускратувањето на правото на вонреден правен лек биле настанати штетни последици врз подносителот на барањето, а неговиот имот бил предмет на извршување. Од овие причини предлага да се стави вон сила Решението на Врховниот суд и да му се определи нов рок за користење на правото за поднесување на вонреден правен лек. Во дополнувањето на барањето, кое е доставено по укажувањето од Судот, подносителот на барањето наведува дека со наведените судски одлуки му било повредено правото на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, предвидено во член 110 алинеја 3 од Уставот, без да наведе причини поради кои се бара заштита.