Дневен ред за 4. седница на Уставниот суд

Уставниот суд ќе ја одржи 4. седница на 1 февруари, среда во 9:30 часот, со дневен ред на кој е предвидено да се расправа по две иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

  1. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

У.бр.129/2022

Оспорен: Точка 37 од став 1 на член 132 од Законот за безбедност на храна.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Оспорената одредба предвидува глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако не ги отстрани констатираните неправилности утврдени со решението, наведува подносителот. Се наведува дека не е пропишана состојбата на утврдени неправилности и поради тоа оваа одредба може да доведе до неконзистентно толкување при нејзина примена. 

У.бр.2/2021

Оспорен:Член 12 став 6 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 87/2020).

Подносител на иницијативата: Македонско здружение на млади правници Скопје преку адвокатка Павлина Зефиќ

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека Правилникот е штетен за осудените лица и предизвикува правна несигурност бидејќи е пропуштена можност министерот за правда подетално да го уреди прашањето на регресирање и прогресирање на осудените лица во полиберална група со донесување на општ акт како што е сторено со прашањата за распоредување, класификација и разместување на осудени лица согласно член 19 став 2 и став 3 од Законот за извршување на санкции. Во иницијативата се наведува дека на одредена категорија лица им е ускратена можноста за користење на таа погодност. 

II- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

У.бр.316/2020

Подносител на барањето: Антонијо Милошоски од Кичево, застапуван од Петро Јанурa, адвокат

Оспорени акти: Обвинителен акт КО.бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство  Скопје  поднесен  до Основниот кривичен суд Скопје и Решение 11 К-ООА бр.96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје- Кривичен оддел.

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека му е повредено правото на недискриминација односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од суција за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје. Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт КО.број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето лицето Антонијо Милошоски, кој бил претеник од редовите на најголемата опзициона партија ВМРО ДПМНЕ.