Дневен ред за 24. седница на Уставниот суд закажана за 21 јуни 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 24-та седница на 21 јуни (среда) во 9:30 часот со дневен ред на кој ќе се разгледува пет иницијативи за оценување на уставност и законитост

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.65/2022 и 90/2022

Подносител на иницијативата: Сузана Цветкова

Оспорен: Член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјална заштита („Службен весник на РСМ“ бр.104/2019, 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021 и 99/2022) и член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начин на издавање, продолжување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020)

Од наводите во иницијативата:

Според подносителката на иницијативата во членот 236 став 1 и 2 од Законот за социјална заштита кој ја регулира постапката за лиценцирање, образовните профили кои можат да се стекнат со општа лиценца за работа не кореспондираат со членот 194 став 1 од истиот закон бидејќи сите стручни работници во установите за социјална заштита наведени во членот 194 став1 и членот 197, освен правник, педагог, социјален работник и психолог се дискриминирани во постапката за лиценцирање.

2. Реферат У.бр.33/2023

Подносител на иницијативата: Владо Мицковски од Кичево

Оспорен: Член 46 став 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016, 233/2018), Закон за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020) и член 4 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2019)

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби се повредуваат член 30 став 3 и член 32 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, во смисла на тоа дека уредувањето на бесплатна работа на извршителите при извршување врз евидентирани носители на социјална помош и бесплатно изработување на одредени заклучоци, извршителите се ограничени од ползување на сопственоста и од остварување на егзистенција и правото на заработувачка.

3. Реферат У.бр.25/2023

Подносители на иницијативата: Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски, сите од Скопје

Оспорен: Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281/2022)

Од наводите во иницијативата:

Подносителите на иницијативата сметаат дека членот 2 од оспорениот правилник предвидува ретроактивна, односно повратна примена на одредбите на оспорениот правилник во однос на распределбата на авторските надоместоци. Во иницијативата, меѓудругото се наведува дека пресметката и исплатата на авторските надоместоци ќе се изврши до крајот на месец март во тековната година за претходната година согласно новиот систем на поентирање на делата воведен со член 1 од оспорениот правилник, а не според правилата кои биле во важност во периодот кога се емитувале авторските дела, односно според член 46 став 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/2014). Оттука, сметаат дека со оспорениот правилник се создава правна несигурност кај авторите на делата, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со кој се гарантира владеење на правото, бидејќи авторите на музичките дела основано очекувале распределба на авторските надоместоци според правилата што важеле за време на емитување на нивните дела. Исто така, според подносителите, оспорениот правилник е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, и на член 51 од Уставот, според кој законите мора да бидат во согласност со уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

4. Реферат У.бр.63/2023

Подносител на иницијативата: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица

Оспорен акт: Одлука на Советот на Општина Македонска Каменица бр.08-547/1 од 15 март 2023 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.19/2023)

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука е спротивна на член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, со кои се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои, владеењето на правото и локалната самоуправа, како и член 62 став 3 од Законот за локална самоуправа, од причини што побарал да се запре објавувањето на оваа одлука во службеното гласило како спротивна на член 62 став 3 од Законот за локалната самоуправа и не постоела ставка во Буџетот за исплата на средства по основ одобрување на финансиски средства во износ од 30.000,00 денари на Ловечко друштво „Хантер Бизиково Каменица“ Македонска Каменица, за спонзорство.

5. Реферат У.бр.13/2023

Подносител на иницијативата: Анета Батева од Скопје

Оспорен акт: Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев 2. бр.120/2022 од 29.11.2022 година

Од наводите во иницијативата:

Подносителката смета дека со ова Решение направена е поведа на слободите и правата бидејќи судот при донесувањето на истото, покрај позитивните законски и уставни одредби, одлучил во корист на странката со поголема општествена и имотна положба, а со тоа било повредено владеењето на правото и начелото на еднаквост. Меѓудругото, подносителката наведува дека судот, со погрешна примена на законските норми ја заштитувал странката која била во подобра општествено имотна положба од друго физичко лице на кое му било одземено правото да учествува во постапка која се однесувала на неговиот имот.