Дневен ред за 2. седница на Уставниот суд од 2023 година

  Уставниот суд ќе ја одржи 2. седница на 18 јануари во 9:30 часот, со дневен ред на кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и три барања за заштита на слободи и права. 

I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.У.бр.28/2022

Оспорен: Член 44 став 2 од од Законот за социјалната заштита

Подносител на иницијативата:Благоја Новески 

Од наводите во иницијативата:       

Оспорениот став 2 на член 44 од Законот, според наводите во иницијативата бил во спротивност со член 9 став 2 од Уставот бидејќи оспорената законска содржина ја ограничувала можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста.

2.У.бр.50/2022

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна македонија”, бр.288 од ден 21.12.2021 година/член 134 став 2)

Подносител на иницијативата: Старбаг АГ Подружница Старбаг Скопје преку законски застапници Игор Максимовиќ и Владан Видиќ

Дел од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата  смета дека оспорениот закон го повредува членот 8 од Уставот и бара од Уставниот суд да донесе одлука за дополнување на оспорениот член со нова дејност- градежништво, пред се’ градење на проекти кои се странски инвестиции со цел развој на патната инфраструктура на земјата. Во иницијативата подносителот бара да му се даде право на градење во недела. 

3.У.бр.79/2022

Оспорен: Член 10 од Законот за изменување и дополнување на законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија бр.199/14”). 

Подносител: Зоран Видевски и Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и законски застапник Павле Беловски преку адвокатот Горан Андревски.

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека со оспорениот член се овозможува повратно дејство со кое на конкретно лице му е направена значителна штета, повредени му се слободите и правата и е ставен во понеповолна положба пред Уставот и законите, бидејќи членот 10 предвидува изземање на вработените кои ќе остварат право на пензија во рок од 10 години од денот на отпочнување на примена на законот. Ова според подносителот е противправна категоризација на вработените со ист статус и иста правна состојба да можат подеднакво да ги остваруваат стекнатите права од работен однос. Подносителот наведува дека вработените на кои им се укинуваат правата според оспорениот закон, веќе се стекнале со права и обврски од работен однос според условите и правилата кои биле предвидени со тогашните закони. Според тогаш бараните законски услови, вработените веќе биле подложени на вреднување по однос на стручни и работни компетенции и квалификации за стекнување на конкретното работно место и звање во хиерархијата на работни места. Во иницијативата се наведува дека со вака оспорената одредба се создава правна ситуација од можно губење на стекнато право од работен однос. Подносителот смета дека оспорената одредба е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот кој предидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок кога е поволно за граѓаните. 

4.У.бр.55/2022

Оспорен: Членот 3 од Законот за изменување на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/22).

Подносител: Јове Кекеновски

Содржина на оспорената одредба: 

Бодовите на плата во делот на образованието за државниот службеник со ниво на квалификациите VI Б, односно стекнати 180 кредити според ЕКТС, кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнувањето со примената на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14), ќе се вреднуваат со 56 бода.

Од наводите во иницијативата: 

Со оспорениот член според подносителот се изедначуваат две категории на вработени, односно тие со VI Б или стекнати 180 кредити и оние со VI A кои имаат 240 кредити, бидејќи се вреднуваат со 56 бода. Ова во иницијативата е наведено како спорно бидејќи се изедначуваат две категории кои имаат различно ниво на квалификации/образование и според подносителот е спротивно на членот 32 од Уставот според кој секој вработен има право на соодветна заработувачка и смета дека  остварувањето на правата и нивната положба се уредени со закон и колективни договори. 

II- БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

У.бр.74/2021

Подносител на барањето: Илир Рушани од с.Зајас, Кичево

Според подносителот на барањето на 25 декември 2019 година Собранието на Република Северна Македонија бил избран кандидат кој не ги исполнувал законските услови и условите наведени во огласот и ова тврдење според подносителот го утврдила и Државната комисија за спречување на корупција(Одлука бр.12-88/10). Подносителот во иницијативата наведува дека бил дискриминиран по основ на политичка припадност.

У.бр.171/2020

Подносител на барањето: Влатко Сајковски 

Подносителот бара да се утврди дискриминација по однос на политичка припадност, според него сторена од страна на Собранието преку Одлука и две пресуди, една од Основниот суд Кичево и втората донесена од Апелациониот суд Гостивар. 

Според наводите на подносителот на барањето, Собранието на Република Македонија со Одлука од 13.10.2016 година, извршила именување на Претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен каде и тој бил еден од членовите на Комисијата. Се наведува дека на четворица членови иако им истекол мандатот продолжиле со работа, а Владата со допис предложила разрешување на целокупниот состав поради непокажување особени резултати во работењето. По дописот од Владата, членовите биле разрешени со оспорената Одлука на Собранието.

У.бр.54/2020

Подносителка на барањето: Емилија Петковска застапувана од адвокатка Весна Јовановска.

Подносителката на барањето   наведува дека Решение на Основниот суд Битола од 23.12.2019 година и Решение на Апелациониот суд Битола  биле засновани на дискриминаторска основа поради нејзините лични својства бидејќи со донесените одлуки на судот и е оневозможен еднаков третман и остварување на правата во судска постапка само поради нејзините лични својства како индивидуа – жена која била во вториот месец од бременоста.