Дневен ред за 14. седница закажана за 23 април (вторник) во 9:30 часот

На 23 април(вторник) 2024 година Уставниот суд ќе ја одржи 14. седница со почеток во 9:30 часот.  Предвидени се осум иницијативи за оценување на уставност  и законитост и четири предлози за одлучување по предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата на некоја од претходните седници. 

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

  1. Реферат У.бр.32/2023

Опорен: член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка

Подносител на иницијативата: Трајче Митевски, адвокат од Кавадарци

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорениот член се овозможува исклучиво на нотарите да составуваат договори за физичка делба во форма на нотарски акт иако според член 53 од Уставот и член 3 од Законот за адвокатурата тој смета дека правото му припаѓа на адвокатот кој е овластен да ја состави приватната исправа, додека нотарот само ја солемнизира. 

  1. Реферат У.бр.93/2024

Оспорен: Делот „член 10 став 3 на“ од член 57 став 2 од Законот за одбрана

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел од законската одредба упатува на примена на одредба што не е дел од правниот промет коешто не е во согласност со начелото на владеење на правото.  

  1. Реферат У.бр.94/2024

Оспорен: делот „за електронско управување“ од член 41 став 3 од Законот за општата управна постапка

 Подносител: Игорчо Точев

 Од наводите во иницијативата:

 Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел се упатува на примена на одредби од пропис што престанал да важи и не е повеќе дел од правниот поредок што е спротивно на начелото на владеење на правото.

  1. Реферат У.бр.45/2023

Оспорен: Одлука за ДУП бр.07-8027/6 од 12.09.2007 година донесен од Општина Куманово

Подносител: Марјан Симовски

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Одлука е противуставна бидејќи како оспственик на катастарска парцела дознава за промената која е направена со ДУП-от дури откако се врши промена на намената на градежната парцела која од намена „индивидуално домување”, се променува во „сообраќајница и паркинг”. 

  1. Реферат У.бр.36/2024

Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Градско од 19.07.2006 година

Предметот е отворен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

  1. Реферат У.бр.44/2024

Оспорен: Член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци од 18.06.2019 година

Предметот е отворен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

  1. Реферат У.бр.77/2024

Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Ранковце од 18.07.2006 година

Предметот е отворен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

  1. Реферат У.бр.181/2023

Оспорен: Одлуката за основање на друштво со ограничена одговорност со бр.08-31/11 од 24.08.2023 година

Подносител: Државен инспекторат за локална самоуправа

Од наводите во иницијативата: 

Одлуката за основање на друштво со ограничена одговорност  од страна на Советот на општина Вевчани, според подносителот не е во согласност со членот 22 од Законот за локална самоуправа, каде се утврдени надлежностите на општините. 

  1. Реферат У.бр.149/2024

Оспорен акт: Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 донесено на 29.03.2024 

Подносител на иницијативата:  Билјана Ванковска-Цветковска (Независен претседателски кандидат) и Политичка партија Левица

Од наводите: 

Подносителите сметаат дека распределбата на минутажата за платено политичко рекламирање е заснована на законската одредба од член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, кој е неприменлив за претседателските избори 2024 година бидејќи оваа одредба ја уредува медиумската миунтажа за платено политичко рекламирање на партиите, која им следува во изборна кампања, а не на претседателските кандидати.

Се наведува дека принципот на еднаквост за сите кандидати би бил задоволен доколку вкупното време за платеното политичко рекламирање од 9:30 минути биде поделено на сите седум кандидати по 81.5 секунди за секој поединечно, како што бил примерот за претседателските избори во 2019 година. 

II- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

У.бр.21/2022 

Судот треба да донесе конечна одлука по предметот откако на 3. Седница одржана на 24 јануари 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

-Одлука за усвојување на урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од Урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 објавен во службен гласник за општина Маврово и Ростуше донесена на ден 26.02.2015 година.

-Одлука за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никофорово и Анови објавена во службен гласник за општина Маврово и Ростуше на ден 19.07.2001 година.

Судот во оваа фаза од постапката  меѓу другото изрази сомнеж дека Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никифорово и Анови објавена во 2001 година во моментот на донесувањето ја немало потребната согласност од надлежниот орган, односно од Министерството за транспорт туку е прибавена три месеци подоцна. 

Во однос на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Маврово донесена во 2015 година, Судот исто така изрази сомнеж дали мислењата кои се прибавени од надлежните органи се во согласност со Законот за градење, Законот за заштита на води и Законот за заштита на природата кои тогаш биле во важност. 

Судот ја отфрли иницијативата за испитување на уставност и законитост на Одлуката за отстапување со стопанисување на водоводот од кој се снабдува хотел Радика во Леуново донесена во 2019 година бидејќи нема надлежност за постапување, односно поради фактот дека оваа Одлука има карактер на поединечен, конкретен акт во кој се утврдени меѓусебните права и обврски меѓу давателот и корисникот на услугите и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото. 

Подносител на иницијативата: Драган Пешевски, адвокат од Скопје

У.бр.37/2023

Оспорен: Одлука за давање согласност на одлуката за утврдување на цени на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад донесена од страна на Советот на Општина Свети Николе на 27.10.2022 година.

Подносител на иницијативата: Владимир Гилев

Од наводите: 

Подносителот наведува дека со оспорената Одлука за над 100 проценти се зголемува цената на услугата во услови кога е намален бројот на станари во куќите и становите. Притоа се наведува дека не се исклучуваат семејствата што рециклирааат и не се дава можност за селектирање и штедење. Подносителот смета дека Одлуката е во спротивност со членот 9 од Уставот според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата, како и спротивна на член 24 од Законот за комунални услуги бидејќи нема цена на услугата по m2 по член на домаќинството. 

У.бр.38/2023

Оспорен: Одлука за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје

Подносител на иницијативата: Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје

Од наводите: 

Се наведува дека Одлуката е во спротивност со член 8, 51 и член 117 од Уставот, односно владеењето на правото, правна заштита на сопственоста и локалната самоуправа. Исто така е наведено дека Одлуката е во спротивност со Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, како и со Законот за локалната самоуправа. Според подносителката спорно е што просторот во сопственост на Град Скопје се дава под закуп по предлог на директорот и со одлука на установата, а бидејќи станува збор за недвижен имот сопственост на Град Скопје, одлука треба да донесе само сопственикот, односно советот на Градот Скопје, се наведува во инцијативата. Подносителката оспорува и член кој предвидува средствата по основ на закупнина да се уплатуваат на сметка на установата, бидејќи наведува дека тие средства остварени од закупот на стварите во општинска сопственост се приход на буџетот на Град Скопје, а не на установите и поради тоа е наведено дека овој член од Одлуката е во директна спротивност со член 7 од Законот за локална самоуправа. 

  1. У.бр.49/2024 

На 22 февруари Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 25 алинеја 5, точка 9.„Автентично толкување на општ акт“ и членовите 100, 101 и 102 содржани во поглавјето VIII. „Постапка за донесување на општите акти“ од Деловникот на Советот на Општинa Македонски Брод („Службен гласник на Општина Македонски Брод“ бр.1/2005 и 5/2019) и воедно одлучи и да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на одредбите од оспорениот акт.

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.