Дневен ред за 13. седница закажана за 17 април 2024 година

Уставниот суд на 17 април 2024 година (среда) со почеток во 9:30 часот ќе ја одржи 13. седница со дневен ред на која се предвидени 11 (единаесет) иницијативи за оценување на уставност и законитост и еден предлог за одлучување со нацрт-одлука.

1. Реферат У.бр.50/2023

Оспорен: Член 2 став 1 во делот „кои ги управува Управата за јавни приходи“, став 2 во делот „доколку истите со закон се доверени да ги управува Управата за јавни приходи“ од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 145/2007, 21/2008, 88/2008, 159/2008, 23/2009, 76/2009, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 166/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016, 35/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 79/2020, 290/2020 и 247/2022) и членовите 53 до 78 од Закон за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015 и 23/2016)

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски од Скопје

Од наводите на иницијативата:

Според наводите во иницијативата, со оспорените законски одредби се пропишува паралелна постапка за присилна наплата на даночните долгови, односно две различни постапки на присилна наплата на даночните долгови, една за видовите даноци на централно ниво, пропишана со Законот за даночна постапка, а друга за локалните даноци, пропишана со Законот за даноци на имот. Според подносителот, со ваквото уредување на постапките за присилна наплата на даночните обврзници, се работи за различен третман на правата и обврските на даночните обврзници, физички и правни лица и за нивно доведување во сосема различна фактичка и правна положба.

2. Реферат У.бр.76/2023

Оспорен: Член 136 став 1 во делот „став 2 од“ од Законот за лекови и медицински средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 28/2021, 122/2021 и 60/2023)

Подносител на иницијативата: Игорчo Точев од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба од Законот упатува на примена на одредба којашто е избришана со измените и дополнувањата на Законот и истата повеќе не е во правниот промет со што се повредува начелото на владеење на правото.

3. Реферат У.бр.198/2023

Оспорен: Член 93 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018, 233/2018 и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020, 86/2020, 136/2020 и 154/2023)

Подносител на иницијативата: Здружение на граѓани – Но Пасаран, КСОМ од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба законодавецот го попречува уживањето на правото на застарување, затоа што во оспорената одредба од Законот за извршување, во ниту еден став не се споменува рокот на траење на извршување и застареност, додека во Законот за облигационите односи тоа децидно било прецизирано. Се наведува дека сите граѓани се дискриминирани бидејќи им е одземено правото на застарување, без оглед дали се должници или доверители и дека законот се коси со европските рокови на застареност. Притоа подносителите наведуваат повеќе европски држави со примери за роковите на застареност изразена во години.

4. Реферат У.бр.115/2024

Оспорен: Член 76 став 1 точка 7 во делот „различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на судијата“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) и член 91 алинеја 6 во делот „различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител“ од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020)

Подносител: Илко Петров

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите од Законот за судовите и Законот за јавно обвинителство особено во делот што се однесува на „различното толкување на правото и фактите не може да преставува основ за утврдување на одговорност на судијата или на јавниот обвинител“ и смета дека одредбите им давале слобода на судиите и јавните обвинители при одлучувањето пристрасно да носат одлуки, а за тоа да не бидат повикани на одговорност само затоа што имале слобода во толкувањето на одредбите, а тоа според одредбите кои се оспоруваат не подразбирало нестручно и несовесно вршење на функциите. Се наведува дека од оспорените одредби произлегува дека судија или јавен обвинител може да бидат казнети само ако се докаже дека земале поткуп или донеле одлука без никакво образложение, со што не е обезбедена еднаквост на граѓаните пред законот.

5. Реферат У.бр.91/2021

Оспорени акти: Одлука за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво-Тремник“ Општина Неготино бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година („Службен гласник на Општина Неготино“ бр. 13 од 2001 година) и Одлука на Општина Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник) Општина Неготино („Службен гласник на Општина Неготино“ бр.3 од 2017 година)

Подносител на иницијативата: Друштво за производство и земјоделие ДУБРОВО ДООЕЛ с. Дуброво, Неготино, претставувано од управителот Љатив Бејаз од Велес, -застапенo преку полномошник адвокат Јованче Цилаков од Велес.

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорената Oдлука е донесена спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Советот на општина Неготино немал можност со своја одлука да вршат изменување и дополнување Генералните урбанистички планови. Подносителот на иницијативата укажува на закон од 2005 година, а оспорената одлука е од 2001 година и наведува дека според Законот за просторно и урбанистичко планирање од 28 јуни 2005 година со членот 22 став 3 се уредува стручната расправа во нацрт на просторниот план на Републиката, просторен план на регион и просторен план за подрачје од посебен интерес и се определува органот кој ја врши стручната расправа, а со истата одредба не била дадена можност општината, односно Советот на општината да донесува акти во вид на предлог – одлуки за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план.

6. Реферат У.бр.135/2022

Оспорен акт: Одлука за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година бр.27-6567/1 од 07.06.2022 година, донесена од Советот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр.7/2022 од 06.08.2022 година)

Подносител на иницијативата: Дуња Туртурова и Бојан Милошевски, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесениот Регулациски план на ГУП кој има важност за градска четврт ЈИ 03 содржи нерегуларности, односно предвидена е намена B (јавни институции), спротивно на постоечкиот и важечки ДУП каде што за тој простор е предвидена намена Б (комерцијални и деловни намени). Се наведува дека со донесувањето на Регулацискиот план на ГУП, противзаконито и противуставно е извршена пренамена на одреден простор кој бил предвиден за постоечки и сеуште важечки ДУП како простор за градење деловни/станбени објекти и се менува во простор за изградба на јавни институции. Според подносителите  одлуката на Советот на Град Скопје ги доведува во нееднаква положба граѓаните и институциите кои имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Аеродром, да не можат да ја реализираат намената и правото загарантирано со важечкиот ДУП.

7. Реферат У.бр.173/2023

Оспорен акт: Колективен договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.269/2019) во целина и посебно член 341 од истиот колективен договор

Подносител на иницијативата: Синдикат на полиција во Македонија

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи бил објавен после уставниот и законски рок од осум дена од денот на неговото донесување со што е во спротивност со член 52 став 2 од Уставот и член 232 став 1 и 2 од Законот за работните односи.

8. Реферат У.бр.40/2023

Оспорен акт: Правилник за наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2014)

Подносител на иницијативата: Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека целиот Правилник има тенденција да утврди процентуална исплата од имотот на стечајната маса на стечајниот управник, спротивно на членот 30 од Уставот кој гарантира право на сопственост на секој граѓанин, како и спротивно на членот 449 од Законот за облигациони односи. Се наведува дека за управувањето со стечајната маса стечајниот управник поднесува трошовник за реално сторени трошоци согласно тарифа, но исплатата на реални трошоци заедно со процентуален износ на награда и е противуставно затоа што тоа според подносителот е неосновано задирање во сопственоста на доверителите и стечајната маса.

9. Реферат У.бр.58/2023

Оспорен акт: Правилник на Советот на Општина Македонска Каменица бр. 08-358/1 од 27.02.2023 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.19 од 15.03.2023)

Подносител на инициајтивата: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Mакедонска Каменица

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека Правилникот којшто ослободува од плаќање на комунална такса за јавно осветлување на територијата на Општина Македонска Каменица е неуставен и спротивен на Законот за локална самоуправа бидејќи е доставен непосредно пред седница, без претходна консултација со општинската администрација. Според наводите, оспорениот Правилник не е заснован на Законот на комуналните такси за да може да се применува и да произведува правно дејство. Се оспорува член 5 кој предвидува да се рефундираат/вратат веќе уплатените средства за комунална такса за јавно осветлување на лицата/правните субјекти во рок од 30 дена од поднесување на барањето итн.

10. Реферат У.бр.85/2024

Оспорен: Член 52 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2022 и 21/2024)

Подносител на иницијативата: Бојан Петровски од Битола

Од наводите во иницијативата:

Со оспорената одредба од Правилникот, според подносителот, издавањето на лиценца за испитен центар на праворангираните правни лица за секој испитен центар односно избор на само едно лице на конкурост (прворангираниот), се создава монополска положба на пазарот спротивно на слободата на пазарот и претприемништвото загарантирана со член 55 од Уставот. Тој смета дека со избор на повеќе лица на конкурсите за испитни центри би се елиминирана злоупотребената монополска положба на актуелните испитни центри со што би се подобрил и квалитетот на истите.

11. Реферат У.бр.119/2023

Оспорен акт: Одлука на Советот на Општина Македонска Каменица бр. 08-1317/1 од 30.06.2023 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.26/2023)

Подносител на иницијативата: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека Советот на Општина Македонска каменица на 30.06.2023 година донел Одлука спротивна на Одлуката за усвојување на Буџетот на општината, бидејќи со неа се усвоило да се додели финансиска помош на заедница на сопственици на посебни делови на станбена зграда Кула 2. Според подносителот паричните средства се користат за покривање на трошоците за поправка и сервисирање на лифтот во износ од 415.618 денари. Се наведува дека во Буџетот не е предвидена таква ставка за финансирање.

12. Предлог за одлучување по У.бр.298/2020

Оспорен: Член 230 од од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018).

Подносител на иницијативата: Игор Спировски, адвокат од Скопје, како полномошник на Славко Размилиќ, Зорка Златановиќ, Јадранка Мршиќ и Димитар Пејчиновски

Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.298/2020 од 11 мај 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 230 од Законот бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот. Уредувањето во оспорената одредба дека највисоката пензија за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 52 став 1 на овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати, според Судот, претставува прекумерно органичување и лимитирање на сопственоста за кое не постои јавен интерес утврден во закон, кое нешто е спротивно на член 30 став 3 од Уставот. Воедно, според Судот одредбата може да се доведе под сомнение и по однос на нејзината согласност со членот 9 и членот 54 од Уставот а како претставува дискриминација и ограничување на правото на сопственост по основ на имотната положба без постоење на уставно оправдан случај. Одредбата доведува до ситуација осигурениците од првиот столб, под исти услови и иста висина на остварена плата и уплатени придонеси да остварат далеку помала пензија од осигурениците од вториот столб.