Дневен ред за седницата закажана на 21 септември 2022 година

Уставниот суд на 21 септември во 09:30 часот ќе ја одржи XXIX-та седница со дневен ред на кој се предложени три иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и едно барање за заштита на слободи и права. 

1.Реферат У.бр.143/2021

Оспорен: Членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи(„Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021).

Подносител: Илија Русев

Од наводите во иницијативата: 

Во инцијативата се наведува дека со измената на Законот за работни односи се повредува уставното начело на еднаквост и начелото за владеењето на правото и правната сигурност, при што во конкретниот случај одредени стопански и нестопански дејности како здравството, универзитетите, судството се ставени во поповолна ситуација, и на посреден начин се заобикува Законот за работни односи, односно се отвора можност со друг закон поинаку да се регулираат односите поврзани со престанок на договорот за вработување. Подносителот наведува дека со сите горенаведени тврдења се прави нееднаков третман на работниците.

2.Реферат У.бр.38/2022

Оспорен: Член 87 став 2 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014,199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020, 215/2021).

Подносител: Владан Цибрев 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одредба службениците остваруваат различна основна плата за иста работа на исто работно место и препознава директна повреда на членот 32 став 3 од Уставот кој меѓу другото предвидува дека секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место. 

3.Реферат У.бр.47/2022

Оспорен: Член 22 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2013)

Подносител: Игорчо Точев 

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот на иницијативата во периодот кога бил креиран оспорениот член 22 став 1 од Законот, во членот 117 став 4 од целината на Законот не постоеле зборовите: „кај истиот работодавач“. Се наведува дека со оспорената одредба се надополнува содржината на членот 117 став 4 која ниту суштински ниту содржински не ги содржи зборовите на кои се повикува. Сето ова според подносителот е спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

II-БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

Оспорени:  Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година  на Основниот Куманово и  Решение ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје,

Подносители: Живко Јаќимовски и Радица Јаќимовски застапувани од Бенита Белешкова, адвокатка од Скопје

Од наводите во барањето:

Во барањето е наведено дека Живко Јаќимовски е единствен сопственик на недвижен имот во Куманово со кој се стекнал  на 26 септември 2018 година. Со споменатото Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година  на Основниот граѓански суд Скопје било усвоено тужбеното барање на негов сосед од Куманово, кој бил татко и близок роднина на членови на политичка партија на Србите и затоа бил со подобра социјална и општествена политичка позиција. Според наводите во барањето Живко Јаќимовски од Скопје му го нарушил последното мирно, фактичко и непосредно совладение над опишаниот наведен имот кој бил во сосопственост на повеќе сосопственици, помеѓу кој бил и подносителот на барањето.