Заклучни согледувања од работата на Уставниот суд на Република Македонија во 2009 година

1. Уставниот суд во 2009 година, постапувал по 423 предмети (385 предмети во 2008), од кои 290 примени во 2009, а 133 се пренесени како незавршени од 2008 година.

Преку одржаните 42 седници, една јавна и три подготвителни седници и неколку консултативни разговори Судот заврши 282 предмети, а 141 предмет со одделна нивна разработка се префрлени за решавање во 2010 година. За одбележување е што од овие незавршени предмети, само пет предмети се од 2008 година, од кои три се веќе решени, останува еден за кој расправата беше одложена и лустрацијата, за која е поведена постапка. Се надеваме дека тоа зборува за ефикасност и ажурност на Судот, кој речиси и да нема заостанати предмети.

Најчест предмет на заштитувани вредности во минатата година беше оценката на уставноста на законите – 191 предмети (во претходната биле 164).

Од вкупно решените предмети 51 завршиле со одлука за укинување на закони и други прописи односно на оддделни нивни одредби; со одлука за поништување завршиле 7 предмети, со решение за неповедување на постапка завршиле 133 предмети, со решение за отфрлање на иницијативите, односно барањата завршиле 80 предмети и на друг начин завршиле 10 предмети.

Од изнесените податоци произлегува дека Судот во 194 предмети одлучил мериторно, од кои 58 биле интервентни одлуки, со кои се укинати или поништени одредби од закони или подзаконски акти, поради тоа што Судот оценил дека тие не биле во согласност со Уставот односно со законот. Во однос на вкупниот број на решени предмети (282) тоа значи дека 20 % или приближно 1/5 од вкупно решените предмети биле интервентни одлуки на Судот.

Во однос на поднесувањето на иницијативите и барањата до Судот, најбројни се граѓаните како поединци или преку нивни здруженија, Од 290 поднесени иницијативи, 243 иницијативи се од граѓани, од кои добар дел (114) се од нам добро познатиот господин Стамен Филипов.

Како што веќе нагласив од вкупно 282 решени предмети, во 183 предмет на оспорување биле закони. Судот во 41 предмети донел укинувачка одлука, во 3 предмети Судот донел поништувачка одлука, во 100 предмети одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон, 33 предмети во кои биле оспорени закони ги завршил со решение за отфрлање на иницијативата, во 3 случаи постапката била запрена, а 3 предмети биле завршени по административен пат.

Оспоруваните прописи се скоро од сите области, од економската и социјалната сфера, од областа на локалната самоуправа, од образованието, културата и од политичката сфера.

Предмети кои на некој начин посебно ја одбележаа работата на Уставниот суд во 2009 година се побројни. Би издвоил неколку од нив и тоа не по интензитетот на реакциите и желбите за „коментари“ туку според хронологијата на нивното донесување. Имено, би ги посочил: изедначување на условите за старосна пензија на жените судии и јавни обвинители (У.бр.124/2008); одговорност за даночен долг на други лица (застапник и застапувано лице), достава на даночен управен акт и други прашања од даночната постапка (У.бр.152/2008); експропријација за приватни потреби (У.бр.200/2007); исправка на закон со кој се изменува законскиот текст (У.бр.184/2008); право на паричен надоместок за трето дете (У.бр.199/2008 и У.бр.16/2008); задолжителен притвор во случај кога е донесена осудителна пресуда на казна затвор од пет или повеќе години (У.бр.63/2008); верско образование во основните училишта (У.бр.202/2008); работа во услови на штрајк во судовите (У.бр.173/2008); парично обештетување наместо годишен одмор (У.бр.200/2008); екстерно проверување на успехот на учениците во основното и средното образование (У.бр.226/2008); право на жалба во постапката за управни спорови (У.бр.231/2008); правни последици од осуда предвидени во Царинскиот закон и нејасни и непрецизни одредби во истиот (У.бр.1/2009); нееднакви услови за определување на плата по основ на минат труд во судската служба и државните службеници (У.бр.206/2008).

Тргнувајќи од карактерот и содржината на иницијативите поднесени особено во втората половина на 2009 година, а кои, се уште, не се разгледувани во Уставниот суд, мислам дека интересот на јавноста посебно ќе биде насочен кон проблемите што се покренати со таквите иницијативи, а кои се однесуваат на прашања од општествено економската и социјалната сфера, особено за вработувањето и работните односи, како и за пензиското и инвалидското осигурување. Законите од овие области иако биле чест предмет на иницијативи, тој интерес продолжува во разни аспекти на преоценување на одделните сегменти во овој систем.

Хронолошки гледано, пред Судот чекаат на решавање повеќе иницирани прашања што се однесуваат на законите со кои се уредуваат прашањата што се однесува на: експропријација (за катните гаражи); за Собранието на Република Македонија; финансирањето на политичките партии; платите на судиите; приватизацијата на градежното земјиште; финансирање на изборната кампања; облигационите односи; за градењето; референдумот и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните; работните односи; пензиското и инвалидското осигурување; превозот во патниот сообраќај, одлуката за задолжително изучување на македонскиот јазик за учениците Албанци во основното образование, како и внатрешните работи и прашањето за лустрацијата по кој предмет е поведена постапка.

Придржувајќи се на Деловникот, како и на воспоставениот начин на работа на Уставниот суд, овие прашања, веќе во првото тромесечие од оваа година, ќе се најдат на одлучување пред Судот.

2. Една обопштена анализа на работата на Уставниот суд на Република Македонија во последните 10 години (2000 – 2009) преку примени и завршени предмети укажува дека:

а) Бројот на примени предмети од година во година перманентно во континуитет благо расте. Така од 205 во 2002 година, овој број во 2008 достигнува 270 предмети, а веќе во 2009 година овој број е 290 предмети, од кој 190 се закони, односно нивни одредби.

б) Бројот на предмети во работа, исто така, расте. Така ако овој број во 2000 година е 296, во 2008 е 385, а во 2009 година 423 предмети.

в) Оценката на уставноста на законите, во овој број зазема доминантно место. Така, ако во 2003 година се оценувани 89, во 2006 година 140, во 2007 година 155, во 2008 година 164, а во последната година тој е 191. Тоа значи дека оценката на уставноста на законите или на нивните одредби исто така, е во постојано покачување.

г) Интервенциите на Уставниот суд односно завршувањето на предметите во работа со одлука за укинување или за поништување на противуставни и противзаконити прописи и нивни одредби, покажува, исто така, нагорен тренд.

Имено, ако такви интервентни одлуки во 2000 година биле 40 од кои закони 13, во 2005 година биле 33 од кои закони 16, во 2007 година 63 од кои закони 43, веќе во 2008 година се завршени со одлука 70 од кои 40 се закони. Во последната 2009 година интервентните одлуки се 58, од кои над 44 се закони или нивни одредби.

Заклучоците што произлегуваат, или поточно, што можат да произлезат од таквите податоци се разновини и многубројни, кој во основа се однесуваат на бројни субјекти и упатуваат на развојот на правната држава и не само на неа. Во основа укажуваат и на степенот на остварувањето на Уставот и неговата заштита.

Уставниот суд, ги следи и анализира причините и детерминантите на постојаното зголемување на потребата од негово дејствување во заштитата на уставноста и законитоста, притоа, раководејќи се од фактот дека со почитување на Уставот се обезбедува правна сигурност, стабилност на системот и неговите институции и се гради довербата во државата.

3. Што се однесува до другите активности на Уставниот суд на Република Македонија, накратко би сакал да се задржам на меѓународната соработка на Уставниот суд. Од активностите во оваа сфера посебно би го нагласил учеството на Уставниот суд на Република Македонија на Првата светска конференција за уставна правда што се одржа во Кејп Таун во Јужноафриканската Република.

На конференцијата учествуваа делегации на уставни судови, уставни совети и врховни судови со уставно-судска надлежност од повеќе од 90 земји од светот од сите континенти, кои расправаа за влијанието на уставното судство врз општеството и врз развојот на судската практика за човековите права на глобално ниво. Светската конференција покажа дека уставното судство станува светски феномен и дека се повеќе и повеќе земји во светот имаат востановено уставно судска контрола преку специјализирани уставни судови или совети, водени од желбата и потребата да се обезбеди почитување на Уставот и законите од страна на извршната и законодавната власт и заштита на човековите слободи и права.

Уставниот суд и во текот на 2009 година ја остваруваше редовната соработка со Конференцијата на европските уставни судови, учествуваше на подготвителниот состанок за XV Конгрес што ќе се одржи во 2011 година, како и соработката со Венецијанската комисија.

Од настаните од областа на меѓународната соработка што не очекуваат во оваа година би ги издвоил: Регионалната тркалезна маса на уставните судови од регионот на тема „Независност на уставното судство“, што ќе се одржи во јуни во Охрид и на која покрај претседателите и судии од уставните судови од соседството, се очекува да присуствува претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста.

Во текот на месец мај во прва билатерална посета на Уставниот суд на Република Македонија доаѓа делегација предводена од претседателот на Уставниот суд на Република Турција.

Уставниот суд остварува контакти и соработка со поголемиот број од уставните судови од Европа.

4. а) За одбележување, исто така, е тоа што во текот на 2009 година Уставниот суд работеше во комплетен состав, што овозможи тој со поглеми усилби и успешно, според наше мислење, да ја извршува својата уставно утврдена функција.

Во оваа прилика би сакал да укажам, особено поради зачестените реакции на одлуките на Уставниот суд и квалификациите за политичко одлучување и партиско делување на Уставниот суд, дека Уставниот суд истите со индигнација ги отфрла и укажува дека и понатаму ќе биде доследен во остварувањето на неговата надлежност – заштита на уставноста и законитоста.

Впрочем, Уставниот суд по својот карактер не е дневно-оперативен орган и неговите напори за афирмација на правната држава не смета да ги подведува на актуелните дневни политички интереси, туку напротив, преку својата работа да обезбеди Уставот да ја добие својата смисла и да стане вистинска брана од арбитретноста и самоволието. Негова задача е низ својата работа да ја штити уставноста и законитоста и да ги обезбеди трајните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија.

Според моето мислење, Судот со своите одлуки не врши „тектонски“  пореметувања и промени, туку со својата работа влијае на нормативниот поредок, тој е коректив на еден дел на органите на власта и значаен актер во заштитата на Уставот и утврдениот поредок со него. Со Уставот, овој орган е поставен како гарант за остварувањето на владеењето на правото и реален фактор за контрола во толкувањето, остварувањето и извршувањето на Уставот и законите.

Мислам дека, меѓу другото, застојот во остварувањето на покоренити реформи, бројните слабости во функционирањето на институциите на системот, големиот степен на партизација на бројни сфери на општествениот живот, неефикасната и нецелосната одговорност, организираниот криминал и тешкото справување со истиот и слично – има резултат, се разбира негативен на процесот на владеењето на правото, а со тоа и на заштитата на уставноста и законитоста.

Потребата од нагласена самостојност и независност на Уставниот суд, како и се понагласената потреба од голема професионалност, чесност и одговорност на судиите од овој Суд, се прашања кои заслужуваат посебен интерес.

Тешко на таква држава ако има непрофесионален, неодговорен, исплашен и послушен Уставен суд – кој на ја врши својата уставна функција.

Уставниот суд е тој кој ќе одлучи дали една оспорена одредба е уставна или неуставна. Доколку таквата одлука се допушти да ја преземат политичките партии или нивните гласоговорници – тогаш нема никаква, а не само правна држава.

Улогата на секој уставен суд, во која било држава, е да го применува и штити Уставот на таа држава, таков каков што е.

б) Во последниве месеци во јавноста често можат да се слушнат дискусиите околку прашањето за тоа дали одлуките на Уставниот суд можат да се коментираат. Ниту јас ниту некој од моите колеги во Уставниот суд никогаш немаме изјавено дека одлуките на Уставниот суд не смеат да се коментираат.

Впрочем самиот факт што сите одлуки на Уставниот суд се објавуваат во Службен весник и на интернет страницата на Судот која практично на дневна база се ажурира, зборува за тоа дека целокупната работа на Уставниот суд, па и неговото одлучување е максимално транспарентна и отворена за судот на јавноста, под тоа подразбирајќи ја и можноста јавноста да го искажува своето мислење и коментар за одлуките на Судот. Кога велам коментар, под ова подразбираме коментирање на одлуките на Уставниот суд со правни аргументи, а не со политички изјави кои имаат за цел да го дискредитираат Уставниот суд како институција или одделни негови членови. Ваквите изјави не се ништо друго туку отворен притисок врз Уставниот суд со цел да се измести неговата улога.

Според тоа, не е проблем дели постои притисок, туку дали ќе се потпадне на него. Според самостојната и независна уставна позиција и улога на Судот, во принцип не се признава притисок. Меѓутоа, во реалноста тој постоел и постои изразен преку: некомплетирањето на Судот скоро една година, одделни повици за неспроведување на одлуки на Судот, барање за рекомпонирање на неговата улога, етикетирање и дисквалификација на одделни судии, јавни протести пред Судот проследени со недолични изрази на ниска политичка култура и слично.

Почитувани дами и господа,

Уставниот суд својот легитимитет го црпи од Уставот, а не од желбите и очекувањата на политичко-партиските фактори, било од позицијата, било од опозицијата. Судот не очекува аплаузи за својата работа, особено не од оние чии акти ги оценува, укинува или поништува. Уставниот суд не може да биде дежурен кривец за слабостите во функционирањето на правната држава.

Затоа и во оваа прилика повторно би им порачал на политичките партии битката помеѓу себе да ја водат со политички средства, на политички план и да ги придобиваат определбите на граѓаните кон своите програми и да го остават Уставниот суд да си ја врши својата уставно определена надлежност. Самостојната и независна уставна позиција на Судот во принцип не признава притисок. Тој очигледно постои, но Судот како во своето 46-годишно постоење така и сега бил навикнат на секакви притисоци, но секогаш опстојувал.

5. На крајот, со ризик нешто и да повторам, не можам а да не се осврнам на катадневните оценки и критики на поставеноста и работата на Уставниот суд.

Од една моја најискрена новогодишна желба упатена до Вас, средствата за јавно информирање – да нема притисоци врз вашата и нашата работа од било кој и било кога, се запали фитилот и се отиде во крајност. Најнапред преку тоа дали има или нема притисок, потоа дали може или не да се коментираат одлуките на Уставниот суд. Во натамошните скоро два месеца, се изнедрија премногу чујни и нечујни експерти и квази-експерти, коментираат ли коментираат, квалификуваат и дисквалификуваат, одлуки и судии.

Се изнесуваат ставови и даваа оценки на невидено, се даваат идеи за се и сешто. Се оди дури до таму – да се пласираат идеи дека Уставниот суд на Република Македонија е кочницата за општествениот развој на државата, дека таа институција е предодредена да ја руши македонската држава. Ве молам, не само што е глупо – туку е и грдо. Не ретко Судот се ставаше или се земаше како „маркер“ за одмерување на рејтингот на позицијата или опозицијата.

Демократско право е на секој граѓанин да се бори за остварување на принципот на уставноста и законитоста. Ако секој може да поднесе иницијатива, секој може да го каже и своето мислење за епилогот од една постапка. Меѓутоа, едно е слободата на мислењето и нејзиното јавно изнесуввање, а сосема друго е давањето на квалификации со дисквалификации да се осуети или избегне извршувањето на судската одлука.

Не Судот, Уставот го утврдува принципот дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни (член 112 став 3).

Ние сме правници – професионалци, а не политичари. Тешко не погодуваат упростените партиско-политички етикетирања и групирања искажани на адреса на Судот и уставните судии.

Верувам дека никој од уставните судии не ќе се доведе во таква неодговорна, недостојна и мизерна положба која се коси со дигнитетот и авторитетот на судија на еден ваков висок суд.

Лично за себе, целиот свој работен век, почнувајќи од крајот на 1969 година, го посветив на уставно-судската проблематика. Секогаш сум се трудел да внесам голема енергија, храброст, иницијативност, знаење и творештво. Тоа сум го правел чесно и професионално, ниту сум сакал, ниту сега на крајот на кариерата не ми паѓа на памет да се врзувам за некакви политичко-партиски групации. Ниту, пак ќе дозволам тоа некој друг да го прави на моја адреса.

* * *

Како што е веќе најавено, Вие , по завршување на прес Конференцијата, ќе го добиете Освртот за работата на Уставниот суд на Република Македонија во 2009 година, како и воведот кон овој осврт.

Ќе ни биде задоволство јас и моите колеги да одговориме на прашања кои се од Ваш интерес, а се однесуваат на нашата работа.

Ви благодарам!

Д-р Трендафил Ивановски

Скопје, 18 февруари 2010 година