У.бр.92/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеjа 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 1 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014).

2. Здружението на граѓани за заштита на човековите права „Здравје со игла не влегува“ од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, овие одредби биле спротивни на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 25, член 39 став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Со пропишувањето на ригорозните мерки и казни од оспорените одредби, произлегувало дека Република Македонија не била демократска, ниту социјална држава, иако според член 1 став 1 од Уставот, била суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според иницијативата со оспорените законски одредби се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот.

Со оспорената одредба на член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, се повредувала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, бидејќи според содржината на истата, обврската за вакцинација се однесувала само за лица од определена возраст, а не за сите. Според наводите во иницијативата од друг спорен агол, истата била непрецизна и нејасна бидејќи не било дефинирано и определено кои се тие лица од определена возраст, што значело дека со неа се повредувала правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот на иницијативата, смета дека со наведените одредби се повредувале член 11 став 1 и член 12 став 1 од Уставот, со кои било предвидено дека слободата, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Исто така, и според член 39 став 2 од Уставот граѓаните имале право и должност сами да го чуваат и унапредуваат сопственото здравје и здравјето на другите. Оттука, иницијаторот смета дека државата не може да биде позаинтересирана и позагрижена од самите родители за своето дете и неговото здравје, поради што неуставно било од уставно правен аспект граѓаните да се присилуваат, прекршочно казнуваат и мајките да не можат да остварат, односно да го изгубат веќе оствареното право на родителски додаток само затоа што ќе го одбиеле задолжителното вакцинирање. Според иницијативата, право е на граѓанинот, а не на законодавецот да одлучи дали ќе се врши потребното вакцинирање, или пак не.

Во постапката за утврдување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести (каде меѓу другото, била содржана и одредбата која сега се оспорува), од страна на Владата на Република Македонија биле повредени член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 на Уставот на Република Македонија, иако согласно Уставот и законите Владата имала должност во своето работење да ги почитува законите и подзаконските акти кои ја уредувале нејзината организација и работа.

Ова било сторено на начин што од Владата и Министерството за здравство не биле почитувани член 8 став 1 точка 7, член 20 став 2 и 5 и член 68-а од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија. Имено, според член 8 став 1 точка 7 од овој акт, министрите имале право и должност задолжително да вршат проценка на влијанието на предлозите на закони, освен законите чие донесување се предлагало по итна постапка.

Како дел од таа проценка била и консултацијата со граѓаните преку Единствениот електронски регистар на прописи (ener.gov.mk) и преку интернетската страница на Министерството за здравство. Доколку им била дадена можност на граѓаните да се изјаснат, можеби би дале доволно добри аргументи за непотребноста на законот, а посебно за непотребноста за воведувањето на „и хуман папилома вирус (ХПВ)“ како задолжителна вакцина.

Со повредата на процедурите, правниот поредок станувал бесмислен и се повредувало владеењето на правото. Транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните биле важни столбови во една современа демократска држава, а во спротивност постоело анархија, безвластие и самоволие што било спротивно на владеењето на правото. Почитувањето на процедурата во едно современо демократско правно општество било потреба за да може да дојде до израз владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните и да ги заштити од арбитрарноста и самоволието на власта при донесувањето на законите.

На крајот, се предлага оспорената одредба да се поништи, а до донесувањето на конечна одлука, да се донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седница утврди дека со член 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/ 2014), во членот 33 став 2 сврзникот „и“ се заменува со запирка, точката се заменува со запирка и се додаваат зборовите „и хуман папилома вирус (ХПВ)“ и членот 33 став 2 гласи „Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус, инфлуенца тип Б (ХИБ), вирусен хепатитис Б“ и хуман папилома вирус (ХПВ)

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 99/2015 од 7 јули 2016 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.149/2014). Оспорениот член бил ценет vis a vis истите одредби од Уставот на кои и сега во конкретната иницијатива се повикува подносителот на иницијативата.

Имено, во наведеното решение по направената уставно судска анализа, Судот утврди дека таквото ограничување е дозволено и пропорционално во однос на резултатот кој се постигнува и е неопходно и легитимно во едно демократско општество бидејќи има за цел заштита на јавната сигурност, здравјето, правата и слободите на другите лица, при што користа од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминува последиците од вмешувањето (ограничувањето) на уставните права на поединците.

Во врска со тоа дека со законскaтa задолжителнoст на вакцинацијата, се повредувало правото на родителите да изберат да не го вакцинираат своето дете, според Судот, преку ваквата задолжителност се спречуваат здравствени ризици по здравјето на детето како единка, но и по здравјето на другите деца како популација во општеството која е најизложена на заразните болести. Со ова не се негира правото на родителите за избор, туку се остварува правото на здравствена заштита на детето, но и правото на здравствена заштита на другите деца.

Овие права секогаш имаат предимство над правото на родителите за избор. Притоа, треба да се има предвид дека согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која е ратификувана од Република Македонија, државите-членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Оттука, оспорувањето на квалитетот на одделни вакцини не може да биде причина за уставно проблематизирање на оспорените одредби, бидејќи тоа е прашање на медицинската наука и здравствената политика на државата, а не на уставно – судска оцена.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став во наведеното решение, сметаме дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.92/2015
01.12.2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски