У.бр.92/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеа 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1 точка 6 од Законот за патни исправи на граѓаните на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/1992, 20/2003, 46/2004, 19/2007, 84/2008, 51/2011 и 135/2011).

2. Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија застапувано од Слаѓана Тасева од Скопје и Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта преставуван од претседавачот на Управниот одбор Rob Kushen и Тефик Махмут од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1 точка 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, поднесена од Транспаренси Интернешнл застапувана од Слаѓана Тасева од Скопје оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеите 1 и 11, член 27 ставовите 2 и 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија од причини што со неа се врши повреда на основните граѓански и политички слободи и права за кои Уставот дава гаранција дека ќе бидат заштитени.Со оспорениот член засегнато е правото на граѓаните на Република Македонија за слободен престој ,влез и излез од територијата на Република Македонија од причини што нејзиното ограничувачко дејство нема оправдување во ниеден од случаите предвидени со Уставот кога законодавецот има право да отстапи од дадените гаранции заради заштита на безбедноста на Републиката,водењето на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Според наводите на подносителите на втората иницијатива поднесена од Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта преставуван од претседавачот на Управниот одбор Rob Kushen и Тефик Махмут од Скопје, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 27 став 2 и 3, член 54 став 2 од Уставот на Република Македонија.Воедно подносителите на иницијативата наведуваат дека со оспорениот член се повредувал член 2 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, член 12 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права како и член 13 од Универзалната декларација за човековите права.

Понатаму, подносителите наведуваат дека Уставот дозволува суспендирање на остварување на уставно загарантираните слободи и права и привремено ограничување (воена и вонредна состојба) на слободите и правата,меѓутоа предвиденото ограничување предвидено во оспорената одредба и покрај фактот што е привремен карактер било противуставно.

Воедно, подносителите се повикуваат и на ставот на Европскиот суд за човекови права и наведуваат пример кој се однесува на забрана на бугарски државјанин да ја напушти територијата на Бугарија и одземање на пасошот во период од 2 години заради прекршување на законите за имиграција на Соединетите Американски Држави,при што Судот утврдил повреда на член 2 Протокол 4 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните

3. Судот на седницата утврди дека според член 37 од Законот, поднесеното барање за издавање на пасош или виза, ќе се одбие и нема да се издаде пасош или виза ако:
1) против лицето кое бара издавање на пасош или виза е поведена кривична постапка на барање од надлежниот суд;
2) лицето кое бара издавање на пасош или виза е осудено на безусловна казна затвор додека не ја издржи казната,
3) тоа го побара центарот за социјална работа во врска со вршењето надзор над родителското право и работите со старателството, согласно со Законот за семејството;
4) е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка согласно со членовите 44 и 45 од овој закон
5) на лицето му престанало државјанството на Република Македонија или лицето не е државјанин на Република Македонија.

Во оспорениот член 37 став 1 точка 6 од Законот, покрај наведените основи поради кои на лицето нема да му се издаде пасош или виза е предвиден и основот според кој лицето е присилно вратено или протерано од друга држава поради постапување спротивно на прописите за влез и престој во таа држава.

4.Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

По повод порано поднесена иницијатива, Судот ја оценувал уставноста на член 37 став 1 точка 6 од Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија, од аспект на неговата согласност со уставните одредби кои и во сега поднесената иницијатива се посочени и со Одлука У.бр.189/2012 од 24 јуни 2014 година, го укинал истиот, оценувајќи дека оспорената законска одредба не е во согласност со Уставот.

Имено, Судот оценил дека за да една држава, на сопствен државјанин кој поседува валидна патна исправа му го ограничи правото, односно слободата да ја напушти сопствената земја, треба да постојат навистина сериозни и исклучителни околности, какви што се впрочем оние наведени во членот 27 од Уставот. Оспореното ограничување иако е предвидено со закон, е прекумерно и непропорционално и не може да се подведе под дозволените ограничувања на ова право од членот 27 став 3 од Уставот на Република Македонија. Од тие причини Судот утврдил дека оспорената одредба од член 37 став 1 точка 6 Законот за патни исправи на граѓаните на Република е спротивна на членот 27 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на фактот што Уставниот суд ја укинал сега оспорената законска одредба, со што всушност истата е отстранета од правниот поредок, односно истата не е дел од правниот систем, во конкретниов случај постојат процесни пречки за одлучување по истата, поради што, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата се отфрла.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.92 /2013
8 октомври 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева