У.бр.87/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 во делот:„потпретседател на Владата“ од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ” брoj 36/1990 и “Службен весник на Република Македонија” брoj 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013 и 139/2014).

2. Политичката партија ЛЕВИЦА, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Уставот на Република Македонија, во делот III. Организација на државната власт, во точка 3. Влада на Република Македонија, воопшто не предвидувал државна функција „Потпретседател на Влада“. Членот 89 од Уставот оставил можност организацијата и начинот на работа на Владата да се доуреди со закон. Но, и Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000) не ја предвидел функцијата потпретседател на Влада.

Сепак, Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, во член 14 предвидувал функција потпретседател на Влада, иако таа функција можела да биде предвидена само со Законот за Владата, и за оваа функција определил коефициент за пресметка на плата 4.00. Оттаму, овој дел од членот 14 од Законот требало да се избрише.

Оваа корекција во делот на определениот коефициент за утврдување на плата, ќе го изедначел статусот на т.н. потпретседатели на Владата со членовите на Владата (министри), чиј коефициент за пресметка на плата изнесувал 3,7.

Во поткрепа на наведеното, се укажува на Одлуката на Уставниот суд, У.бр.67/1993 од 24.11.1993 година, со која е укинат член 4 од Законот за Владата на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на СРМ“ бр. 38/1990), во делот кој се однесува на потпретседателите на Владата.

Со оваа иницијатива се бара измена на наведениот закон, поради противуставната одредба која ја содржи, како и да се изедначи коефициентот за плати и надоместоци на т.н. потпретседатели на Владата со останатите министри во Владата, како единствено законско решение согласно Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 14 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, коефициентот за утврдување на плата за претседател на Уставниот суд на Македонија, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, изнесува 4,00.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт (став 1). Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (став 2).

Според член 89 став 1 од Уставот, Владата ја сочинуваат претседател и министри. Согласно став 6 на истиот член, организацијата и начинот на работа на Владата се уредува со закон.

Во согласност со член 90 став 3 од Уставот, Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 3 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016), Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Според став 2 на истиот член, при предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор.

Согласно член 15 од Законот, Претседателот на Владата ја претставува Владата.

Во член 16 од истиот закон е пропишано дека:
(1) Претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици.
(2) Претседателот на Владата го заменува неговиот заменик.
(3) Претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека во Република Македонија, Владата, како носител на извршната власт, ја сочинуваат претседател на Владата и министри, кои ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици, претседателот на Владата го заменува неговиот заменик, а претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности.

Со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се определува и платата на претседателот на Владата и министрите, како функционери кои ги избира Собранието (член 1).

Согласно член 13 од Законот, коефициентот за утврдување на платата за претседател на Република Македонија, претседател на Собранието и претседател на Владата, изнесува до 4,50.

Според член 14 од овој закон, коефициентот за утврдување на платата за претседател на Уставниот суд на Македонија, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, изнесува 4,00.

Според член 15 од истиот закон, коефициентот за утврдување на платата на член на Владата, изнесува до 3,70.

Од анализата на овие одредби од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, произлегува дека законодавецот определил коефициент за утврдување на плата на претседателот на Владата, на потпретседателот на Владата и на членовите на Владата.

Меѓутоа, од одредбите на Уставот и Законот за Владата, произлегува дека Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри и дека не постои функција потпретседател на Влада. Оттука произлегува дека со Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се утврдува коефициент за утврдување на плата за функција која не постои во Република Македонија.

При анализата на одредбите од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, во однос на наведеното прашање, Судот го имаше предвид следното:

Законот е донесен на 26 октомври 1990 година и истиот е објавен во „Службен весник на СРМ“ бр.36 од 8 ноември 1990 година, а влегол во сила на 16 ноември 1990 година.

Законот е изменуван и дополнуван повеќе пати, при што е интервенирано и во членот 14 од Законот. Така, со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/1997 од 23.05.1997 година, помеѓу другото, во член 14, зборовите: “потпретседателот на претседателот на Социјалистичка Република Македонија” се бришат. Меѓутоа, ниту во наведените измени и дополнувања на Законот, ниту во сите подоцнежни измени и дополнувања, законодавецот не интервенирал во делот кој се однесува на определување на платата на потпретседател на Владата, иако таква јавна функција не е предвидена со Уставот на Републиката и со Законот за Владата.

Притоа, треба да се има предвид дека Уставниот суд на Република Македонија, со своја Одлука У.бр.67/93 од 24 ноември 1993 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 75/1193), го укинал членот 4 од Законот за Владата на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на СРМ“ бр. 38/1990), во делот кој се однесува на потпретседателите на Владата. Во образложението на Одлуката стои дека наведениот закон за Владата бил донесен пред Уставот на Република Македонија, а дека основ за неговото донесување бил Амандманот LXXVI точка 1 став 2 од Уставот на СР Македонија од 1974 година, во кој било предвидено дека Владата на СР Македонија ја сочинуваат претседател, еден или повеќе потпретседатели и членови (министри). Меѓутоа, според член 89 од Уставот на Република Македонија, Владата ја сочинуваат претседател и министри, при што не се предвидени потпретседателите. Па со оглед дека со оспорената законска одредба бил утврден поинаков состав на Владата од составот предвиден со Уставот, а не се решава организационо прашање, Судот оценил дека одредбата не е во согласност со уставните одредби и ја укинал.

Во таа смисла, според актуелниот Закон за Владата на Република Македонија, донесен 2000-та година, Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри, што е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се определува коефициент за плата на потпретседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, па произлегува дека овој дел од Законот е неприменлив, поради што Судот оцени дека основано се поставува прашањето дали ваквата законска регулатива е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Наводите во иницијативата за тоа дека е потребно да се изедначи коефициентот за плати и надоместоци на т.н. потпретседатели на Владата со останатите министри во Владата, како единствено законско решение согласно Уставот, Судот оцени дека не е прашање од надлежност на Уставниот суд, кој согласно своите уставни надлежности, не нормира односи, туку само ја цени согласноста на постојните законски одредби со Уставот. Нормирањето на односи, на што се сведува ваквото барање, е во надлежност на законодавецот.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, за член 14 од Законот, во делот:„потпретседател на Владата“ основано може да се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 89 став 1 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.87/2017
20 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски