У.бр.85/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 24 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 236 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 30/2009, 149/2009, 16/2010, 50/10, 52/10, 124/2010, 158/2010 и 47/2011)

2. Движење за социјална правда „ЛЕНКА“ од Скопје и Асоцијација „МАГНА КАРТА“ Велес на Уставниот суд му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата на Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според подносителите на иницијативата до носењето на најновиот Закон за работните односи од 2005 година, штрајкот бил уреден со поранешниот сојузен југословенски Закон за штрајк (“Службен лист на СФРЈ”23/91) кој Закон, по осамостојувањето, бил преземен како републички, согласно Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија (“Сл.весник на РМ”12/93), а во него постоела одредба која што, го дефинирала штрајкот како „организиран прекин на работа од страна на работниците, заради остварување на економските и социјалните права и интереси по основ на труд“. Според членот 1 од наведениот закон, како овластени организатори на штрајк можеле да се јават и мнозинството работници кои не се синдикално организирани т.н. штрајкувачки „иницијативен или организационен“ одбор додека, пак, според новото законско решение, кое било правно недопустливо, легитимитетот да повикуваат нa штрајк го имаале само синдикатите и нивните здруженија на повисоко ниво т.е. им било дадено само на асоцијациите на работниците и нивните сојузи согласно член 236 од Законот. Тоа директно се косело со нашиот Устав кој што не признавал никакви евентуални „посредници“ при реализацијата на ова битно право за егзистенцијата на работниците.

Имено, со носењето на демократскиот Устав на Република Македонија од 1991 година, правото на синдикалното организирање и правото на штрајк не случаjно биле постулирани во два одделни члена 37 и 38, односно како две одвоени и сосем независни права, од подгрупата на „економско-социјални права“. Правото на штрајк, по својата суштина, било ексклузивно и исклучиво право на вработените, а не на синдикатите, да го изразат својот протест против условите за работа или висината на материјалната заработувачка. Недопустлив бил потегот ова неотуѓиво и индивидуално право да се „врзе“ за претходно оствареното колективно право на синдикално организирање, кое сега од 2009, дополнително, било обременето и со долги процедури на регистрација и признавање т.н. репрезентативност на синдикатите од страна на Министерот за труд и социјална политика, по предлог на новоформираната Комисија за утврдување на репрезентативност, според членот 213-а од Законот.

Според тоа, се забележувала малициозната тенденција на законодавецот да спои нешто што уставотворецот, свесно и намерно, го раздвоил. Со други зборови, ако еден работник не сакал да членува во ниту еден синдикат, од било кои причини кои не морал да ги образложува што, патем речено, било негово уставно загарантирано право на избор, бидејќи членството во синдикатот е право, а не обврска. Tоа не била доволна причина на овој работник, да не му било дадено правото да учествува или, пак, да организира штрајк кај работодавецот кај којшто работел „делумен штрајк“ или, пак, на повисоко ниво, на пример гранка, сектор и слично „генерален штрајк“ или, во крајна линија, и т.н. „штрајк на солидарност“.

На овој начин, според подносителите на иницијативата се повредувал еден од основните европски принципи на кои почивало и се градело современото работништво, а тоа бил принципот на спонтаност и флексибилност, како и начелото на самостојна организација на штрајкот, што подразбирало дека оваа форма на, условно речено, работничка непослушност или отпор како „намерен бојкот“ ја организирале самите работници изворно, директно и непосредно, а не нивните синдикални претставници т.е. самонаречените „синдикални лидери“ или, пак, корумпираните и често, партиски обоените синдикални раководства, кои во своите „политикантски манипулации и калкулации“ повеќе се грижеле за политичката коректност на своите потези, отколку за вистинските работнички проблеми кои реално постоеле.

Аrgumentum a fortiori, согласно нашиот Устав, кој оставил резерва во овој дел, правото на штрајк можело да се ограничи со закон, но само во „вооружените сили, полицијата и органите на управата“ чл. 38, ст. 2 од Уставот на Република Макеоднија. Оттука, преку едно нормативно и телеолошко правно толкување (interpretatio iuris) се доаѓало до следниов, рационален и логички, заклучок: бидејќи Законот за работни односи, по својата правна природа, е „општ закон“ (lex generalis) и се однесува на сите вработени лица, без оглед дали тие работат во јавниот или, пак, во приватниот сектор, евидентно било дека на една ваква рестриктивна одредба не и е местото во овој Закон и истата требало да се укине или поништи.

За крај, подносителите на иницијативата укажуваат на Европска конвенција за човекови права каде според членот 11 став 1, Дополнителениот Протокол бр. ХI, како и судската практика на Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа во Стразбур, синдикалната слобода ја поврзувале со општата слобода на здружувањето. Тоа значело дека работникот има право на слободен избор дали ќе биде или нема да биде член на било кој синдикат, а зачленувањето во синдикалната организација не смеело и не можело да биде дополнителен и неминовен услов (conditio sine qua non) за организирање, подготвување, повикување или учество во штрајк, како легитимен и институционален метод на работничка борба за остварување на постоечките права, или, евентуално за добивање поголеми права од работниот однос. Поради сето ова, сметаат дека оваа противуставна законска одредба, што побрзо требало да биде касирана, како мошне штетна и тенденциозна антиработничка и спротивна на член 8 став 1 алинеја 1 и 3, 35, 37, 38, 50 став 3, 54 ставови 1 и 3 од Уставот.

4.Судот на седница утврди дека според членот 236 став 1 од Законот за работните односи, синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, во согласност со закон.

5.Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 50 став 3 од Уставот, граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Врз основа на анализата на цитираните уставни одредби, на кои се повикуваат подносителите на иницијативата, произлегува дека прашањето поврзано со штрајкот е уредено во членовите 37 и 38 од Уставот, а останатите уставни одредби не се директно поврзани со правото на штрајк. Исто така, од содржината на наведените уставни одредби, произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основните економски и социјални права е уставно загарантирано, при што Уставот препушта со закон и со колективен договор да се уреди начинот на остварувањето на ова право, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите уставно гарантирани слободи и права. Во оваа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк во конкретните области, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк, но и другите со Уставот гарантирани слободи и права.

Во конкретниот случај Судот утврди дека со оспорената одредба не се уредува самото право на штрајк, туку начинот на неговото организирање, остварување преку организационите облици како што се синдикатите, односно здруженијата на повисоко ниво кои со законската одредба имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, во согласност со закон.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба не може да се доведе под сомнение по однос на уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.85/2010
24 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски