У.бр.62/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 213-в став 3 од Законот за работните односи „Службен весник на РМ“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013 и 170/2013).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Асоцијацијата „Магна Карта“ претставувана од Димитар Апасиев од Велес, Движење за социјална правда „Ленка“ претставувано од Богољуб Павловски од Скопје, и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници претставуван од Тамара Чаусидис од Скопје, со Решение У.бр.62/2013 од 5 март 2014 година поведе постапка за оценување уставноста на членот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во Законот за работните односи, во делот XVIIII насловен како „Синдикати и здруженија на работодавачи“,се уредени прашањата на основањето на синдикатите и здруженијата на работодавачи, доброволноста на нивното членство, заштитата, здружување на повисоки нивоа, статутите на овие асоцијации, правната способност и запишувањето во регистар кој се води во Министерството за труд и социјална политика, постапка за упис во регистарот, имот на синдикактот и здружението на работодавачите, судска заштита на членските права, судска заштита на правото на здружување, синдикални претставници и нивна заштита, престанок на дејствување на синдикатите и здруженијата на работодавачите, забрана на дејствување на синдикатот и здруженијата на работодавачите и други прашања.

Во делот XIX „Колективни договори“ од Законот се уредуваат прашањата кои се однесуваат на видовите на колективни договори, учесници во склучувањето на колективен договор, репрезентативноста на синдикатот и на здружението на работодавачи, услови за определување на репрезентативност на синдикатот, орган надлежен за утврдување на репрезентативноста,барање за утврдување на репрезентативност,постапката по барањето и други прашања поврзани со колективното договарање.

5. Понатаму, Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„бр. 130/20009) по членот 213 се додаваат шест нови наслови и шест нови члена, меѓу кои и насловот „Барање за утврдување на репрезентативост„ и член 213-в.

Во членот 213-в било предвидено дека:
(1) Барање за утврдување на репрезентативност до Комисијата доставува синдикат, односно здружение на работодавачи на повисоко ниво.
(2) Со барањето се поднесуваат и докази за исполнување на условите за репрезентативност, и тоа:
1) решение од уписот во регистарот на синдикати, односно решение од уписот во регистарот на здруженија на работодавачите;
2) список на членовите на синдикатот кои плаќаат членарина заверен од страна на овластен претставник на синдикатот и работодавачот, и пристапници на членовите, односно доказ за членство на работодавачите во здружението на работодавачите;
3) список на склучени колективни договори или колективни договори на кои им пристапил синдикатот, односно здружението на работодавачи;
4) список на синдикати – членки на синдикатот по гранки, односно оддели, односно список на работодавачи членки по гранки, односно оддели и
5) список на локалните синдикати – членки, односно работодавачи по општини со седиште и адреса.
(3) По завршувањето на постапката за утврдување на репрезентативноста, пристапниците од ставот (2) на овој член се враќаат на синдикатите.
(4) Работодавачот е должен, на барање на синдикатот да издаде потврда со списокот на членовите на синдикатот кои се вработени кај него и плаќаат членарина.

Тргнувајќи од анализата на наведениот член произлегува дека при утврдување на репрезентативност на сидикатот освен списокот на членовите на синдикат кон барањето за утврдување на репрезентативност било потребно до Комисијата да се достават и пристапници на членовите, при што согласно ставот 3 од истиот член по завршување на постапката пристапниците од ставот 2 на член 213-в се враќале на синдикатот.

6. Судот, исто така утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ бр.11/2012 ) било предвидено дека во членот 213-в став 2 точка 2 зборовите„ и пристапниците на членовите“ се бришат.

Со наведените измени на Законот за работните односи членот 213-в поместен во поднасловот „Барање за утврдување на репрезентативност е предвидено:
(1) Барање за утврдување на репрезентативност до Комисијата доставува синдикат, односно здружение на работодавачи на повисоко ниво.
(2) Со барањето се поднесуваат и докази за исполнување на условите за репрезентативност, и тоа:
1) решение од уписот во регистарот на синдикати, односно решение од уписот во регистарот на здруженија на работодавачите;
2) список на членовите на синдикатот кои плаќаат членарина заверен од страна на овластен претставник на синдикатот и работодавачот, односно доказ за членство на работодавачите во здружението на работодавачите;
3) список на склучени колективни договори или колективни договори на кои им пристапил синдикатот, односно здружението на работодавачи;
4) список на синдикати – членки на синдикатот по гранки, односно оддели, односно список на работодавачи членки по гранки, односно оддели и
5) список на локалните синдикати – членки, односно работодавачи по општини со седиште и адреса.
(3) По завршувањето на постапката за утврдување на репрезентативноста, пристапниците од ставот (2) на овој член се враќаат на синдикатите.
(4) Работодавачот е должен, на барање на синдикатот да издаде потврда со списокот на членовите на синдикатот кои се вработени кај него и плаќаат членарина.

Од анализата на наведениот член произлегува дека со измените на Законот за работните односи од 2012 година, обврската за доставување на пристапници на членовите на синдикатот за утврдување на репрезентативност престанала или поточно речено делот од член 213-в став 2 точка 2 „и пристапниците на членовите“ не е во правниот поредок.

7.Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

8. Со оглед на тоа, Судот оцени дека ставот 3 на член 213-в,а кој е оспорен со иницијативата, бил во функција на ставот 2 се до измените на Законот.Со направените измени, оспорениот став 3 на член 213-в ја изгубил својата функција односно станал неприменлив, од кои причини се повредува начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.62/2013
28 мај 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева