У.бр.49/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 60 став 3 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015 и 37/2016).

2. Здружението на приватни лекари во Република Македонија, застапувано од адвокатот Грозданчо Сутинов од Велес, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба, не била во согласност со слободата на пазарот и претприемништвото, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради тоа што ги ставала во нееднаква положба лицата кои основаат приватна здравствена установа (ПЗУ) со склучување на договор за закуп на простор во постојните јавни здравствени установи, во однос на оние лица коишто ќе основаат ПЗУ надвор од јавните здравствени установи.

Според оспорената законска одредба, по исклучок од ставот 1 алинеја 1 на овој член, во случај на основање на приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита или формирање на нов тим во постојна приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен согласно со овој закон, избраниот лекар или стоматолог, односно нововработениот доктор на медицина или доктор на стоматологија може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска, односно стоматолошка сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на приватната здравствена установа, односно од формирањето на новиот тим, се додека докторот на медицина или докторот на стоматологија во приватната здравствена установа не го изберат како избран лекар или избран стоматолог 700 пациенти, по што постои обврска да се комплетира тимот.

Во иницијативата се наведува дека во самиот закон не биле дадени исти услови, начин и други подробности како би можеле да се стават во еднаква положба избраните лекари коишто се основачи на ПЗУ со закуп на деловни простории во рамките на јавните здравствени установи, со оние ПЗУ коишто се основани надвор од јавните здравствени установи, што претставувало ставање во нееднаква положба и повреда на еднаквоста на сите граѓани во Република Македонија, поради што оспорената одредба била неуставна.

Со оспорената одредба се повредувало гарантираното право на слобода на пазарот и претприемништвото и владеењето на правото, затоа што ги ставала во поповолна состојба здравствените установи од примарна здравствена заштита кои дејноста ја вршат во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп, во однос на здравствените установи од примарна здравствена заштита кои дејноста ја вршат надвор од јавните здравствени установи.

Вака поставената одредба од Законот ги ставала во нерамноправна положба граѓаните или основачите на здравствените установи во просториите на јавни здравствени установи, со оние кои основаат или ќе основаат здравствени установи надвор од јавните здравствени установи, односно во приватен деловен простор, кои основале ПЗУ со сопствени средства, инвентар и простор, што укажувало на деградирање и ставање во нерамноправна положба споредено едни со други.

Со оспорената законска регулатива се повредувала слободата на работењето, односно директно се повредувало уставно загарантираното право дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со тоа што членот 55 од Уставот ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и дека сите субјекти се еднакви на пазарот со еднаква правна положба, тогаш ако се имало предвид дека со оспорената законска одредба биле дадени повеќе права на одделни лица за разлика од некои други лица на кои тоа право им било скратено и непризнаено, така формулираната законска одредба не давала гаранција за владеењето на правото, поради што произлегувало дека законската норма била контрадикторна на наведената уставна одредба, што укажувало дека не може да опстои во правниот поредок.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја касира оспорената законска одредба и да ја отстрани од правниот поредок, како спротивна на член 8 став 1 алинеите 3 и 7, членовите 9, 32, 35, 39, 51 и 55 од Уставот.

Исто така, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе Решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени или ќе бидат преземени врз основа на оспорената законска одредба, бидејќи се цени дека со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици за голем дел од избраните лекари и приватните здравствени установи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 60 став 3 од Законот за здравствената заштита, по исклучок од ставот (1) алинеја 1 на овој член, во случај на основање на приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита или формирање на нов тим во постојна приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен согласно со овој закон, избраниот лекар или стоматолог, односно нововработениот доктор на медицина или доктор на стоматологија може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска, односно стоматолошка сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на приватната здравствена установа, односно од формирањето на новиот тим, се додека докторот на медицина или докторот на стоматологија во приватната здравствена установа не го изберат како избран лекар или избран стоматолог 700 пациенти, по што постои обврска да се комплетира тимот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Со Законот за здравствената заштита се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствена дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност (член 1).

Според член 12 став 1 од овој закон, здравствената дејност е дејност од јавен интерес.

Во согласност со член 13 од овој закон, здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи (став 1). Република Македонија е надлежна за остварувањето на здравствената заштита во мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност под услови утврдени со овој закон (став 2). Здравствената дејност во мрежата ја вршат јавни и приватни здравствени установи, кои вршат дејност врз основа на лиценца (став 3). Здравствената дејност надвор од мрежата ја вршат приватни здравствени установи под услови утврдени со овој закон и се финансира од здравствените услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства (став 4).

Според член 15 точка 13. од Законот, поимот „Здравствена установа во мрежа“ подразбира јавни здравствени установи и приватни здравствени установи кои вршат дејност врз основа на лиценца, а кои вршат здравствена дејност во мрежата на здравствени установи.

Со член 28 став 1 од истиот закон, се пропишува дека здравствената дејност во мрежата, што ја обезбедува и организира Република Македонија, се состои од јавни здравствени установи и приватни здравствени установи, кои вршат здравствена дејност врз основа на лиценца (во натамошниот текст: носители на лиценца), во кои се врши здравствена дејност под еднакви услови и кои се вклучуваат во интегриран здравствен информатички систем согласно со прописите за евиденциите од областа на здравството.

Основањето на здравствени установи се уредува со членот 57 од Законот. Така, се пропишува дека здравствена установа може да се основа како јавна и приватна (став 1). Јавна здравствена установа може да основа Владата (став 2). Приватна здравствена установа може да основаат домашни и странски, правни и физички лица (став 3).

Условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствена установа се утврдени со член 60 од Законот. Така, со овој член се пропишува:

(1) Здравствена установа може да се основа, да почне со работа, да врши здравствена дејност и да ја прошири дејноста, ако се исполнети следниве услови:
– да има во работен однос на неопределено време со полно работно време определен број здравствени работници во зависност од видот на здравствена дејност, односно специјалност,
– да има во работен однос на неопределено време со полно работно време одговорен носител на здравствената дејност за вршење на определен вид здравствени услуги во зависност од видот на здравствена дејност, односно специјалност и
– да има простор и опрема за вршење на определен вид здравствена дејност, односно специјалност.
(2) Здравствените работници од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член мора да поседуваат соодветна лиценца за работа, во зависност од видот на здравствената дејност, односно специјалност.
(3) По исклучок од ставот (1) алинеја 1 на овој член, во случај на основање на приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита или формирање на нов тим во постојна приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен согласно со овој закон, избраниот лекар или стоматолог, односно нововработениот доктор на медицина или доктор на стоматологија може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска, односно стоматолошка сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на приватната здравствена установа, односно од формирањето на новиот тим, се додека докторот на медицина или докторот на стоматологија во приватната здравствена установа не го изберат како избран лекар или избран стоматолог 700 пациенти, по што постои обврска да се комплетира тимот.
(4) Одговорниот носител на дејноста од ставот (1) алинеја 2 на овој член мора да ги исполнува следиве услови:
– да не е корисник на право на пензија и
– да биде запишан во регистарот на здравствени работници.
(5) Здравствена установа во мрежата, покрај условите од ставот (1) на овој член, може да се основа, да почне со работа, да врши здравствена дејност и да ја прошири дејноста ако тоа е планирано со мрежата.
(6) Потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност во здравствени установи ги пропишува министерот за здравство.

Од наведената законска регулатива произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на здравствена заштита на граѓаните, со Законот за здравствената заштита, помеѓу другото, пропишал дека здравствената дејност е дејност од јавен интерес и истата се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи. Здравствената дејност во мрежата ја вршат јавни и приватни здравствени установи, кои вршат дејност врз основа на лиценца и во кои се врши здравствена дејност под еднакви услови, а здравствената дејност надвор од мрежата ја вршат приватни здравствени установи под услови утврдени со овој закон и се финансира од здравствените услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства.

Условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствена установа се утврдени со членот 60 од Законот и истите, се до донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2016), се исти за сите здравствени установи, независно дали станува збор за јавни или приватни здравствени установи. Меѓутоа, со членот 5 од овој закон, во членот 60 е додаден нов став 3, кој предвидува исклучок од правилото дека условите за основање и почнување со работа се исти за сите здравствени установи. Имено, со овој став се пропишува дека: „По исклучок од ставот (1) алинеја 1 на овој член, во случај на основање на приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита или формирање на нов тим во постојна приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен согласно со овој закон, избраниот лекар или стоматолог, односно нововработениот доктор на медицина или доктор на стоматологија може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска, односно стоматолошка сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на приватната здравствена установа, односно од формирањето на новиот тим, се додека докторот на медицина или докторот на стоматологија во приватната здравствена установа не го изберат како избран лекар или избран стоматолог 700 пациенти, по што постои обврска да се комплетира тимот.“

Тоа значи дека со овој новододаден став 3, се пропишуваат посебни услови кои важат само за приватна здравствена установа од примарна здравствена заштита која дејноста ја врши во простории на јавна здравствена установа врз основа на договор за закуп на простор склучен согласно со овој закон. Оттука, произлегува дека овие приватни здравствени установи, во однос на условите за основање и почнување со работа, добиваат поинаков, привилегиран третман од јавните здравствени установи, но и од другите приватни здравствени установи од примарна здравствена заштита кои дејноста ја вршат во простории надвор од просториите на јавна здравствена установа, односно во приватен деловен простор, за кои остануваат да важат условите од член 60 став 1 алинеја 1 од Законот: да има во работен однос на неопределено време со полно работно време определен број здравствени работници во зависност од видот на здравствена дејност, односно специјалност. Произлегува дека видот на сопственоста на просториите каде се врши дејноста е клучна за тоа кои и какви услови се потребни за вршење на примарна здравствена заштита, а не исполнувањето на условите во однос на персоналот и опремата, за што според Судот, нема опрадување.

Според Судот, неосновано и неприфатливо е образложението на Владата на Република Македонија за оправданоста на ваквото законско решение (мислење на Владата на Република Македонија, бр. 42-2928/1 од 12.04.2016 година, доставено до Уставниот суд по однос на наводите во иницијативата) со фактот дека приватните здравствени установи можеле да воспостават професионална соработка во давањето на здравствената заштита со јавните здравствени установи во чии простории ја вршат својата дејност преку земање под закуп и на тој начин да обезбедат квалитет на здравствената заштита, а дека пристапот во објектот во кој е сместена јавната здравствена установа бил „слободен“ и дозволен за секој кој ќе учествувал во постапката за давање под закуп со што ќе добиел можност за отворање на приватна здравствена установа на примарно ниво под условите пропишани со оспорениот член.

Даденото образложение за оправданоста на оспореното законско решение не може да биде оправдување за противуставноста на истото. Ова од причина што со ваквата регулатива се доведуваат во нееднаква правна положба здравствените установи кои вршат дејност од примарна здравствена заштита и се повредува уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото. Се повредува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, која е уставно загарантирана, а се повредува и начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, која се изразува преку цврстата уставна определба дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 60 став 3 од Законот за здравствената заштита, со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Во однос на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени или ќе бидат преземени врз основа на оспорената законска одредба, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето и донесување соодветно решение.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.49/2016
25 мај 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски