У.бр.48/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 84 став 4 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011 и 136/2011).

2. Макпетрол АД Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 84 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредувале и директно се прекршувале член 8, член 9 став 2, член 30, член 51, член 55 и член 58 од Уставот. Ова било направено на начин што законодавецот, занемарувајќи ги наведените уставни одредби, го одземал владението и користењето на деловите од преносната мрежа, неопходни за управување со системот на пренос на природен гас и ги предавал на трето лице, односно на јавно претпријатие или трговско друштво кое е во сопственост на Република Македонија или трговско друштво во кое Република Македонија има доминантна сопственост, без спроведување на соодветна постапка предвидена со друг закон како што предвидувал членот 30 ставови 3 и 4 од Уставот.

Со вака поставената противуставна одредба, според подносителот на иницијативата, на сопствениците на деловите на преносната мрежа, неопходни за управување со системот за пренос на природен гас, ќе им се одземело правото на владение и управување со истите, со што директно се кршеле нивните со Устав загарантирани права на сопственост и управување со нивната сопственост.

Покрај наведеното оспорената одредба била во колизија и со целите на Законот за енергетика прокламирани во членот 2 став 1 точките 2 и 4 од Законот, односно со создавањето на ефикасен и конкурентен енергетски сектор, како и поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата смета дека ваквото однесување на извршната и законодавната власт при креирањето и донесувањето на оспорената одредба нужно морало да се санкционира, со цел потврдување на начелото на владеењето на правото и начелото на уставност и законитост.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 84 став 4 од Законот за енергетика, операторот на преносна мрежа е должен на операторот на системот за пренос да му ги предаде во владение деловите на преносната мрежа неопходни за управување со системот за пренос на денот на правосилноста на одобрението за употреба на соодветните објекти од преносната мрежа.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2, сопстве-носта создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, според став 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произ-легуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот во случај на експро-пријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Во оспорената одредба е предвидена должност за операторот на преносна мрежа да му ги предаде во владение деловите на преносната мрежа неопходни за управување со системот за пренос на операторот на системот за пренос на денот на правосилноста на одобрението за употреба на соодветните објекти од преносната мрежа.

Оваа одредба според својата природа и содржина не е процесна одредба, ниту пак одредба која се повикува на уреденост на некаква постапка во друг закон. Одредбата содржи законска обврска, чие исполнување се врзува со еден процесен момент-правосилност на одобрението за употреба на соодветните објекти од преносната мрежа.

Според член 3 точка 64 од Законот, оператор на преносна мрежа за природен гас е правно лице кое врши дејност пренесување на природен гас преку преносна мрежа во негова сопственост или преносна мрежа на која има право на користење и соработува со операторот на преносниот систем за одржување, развој и проширување на мрежата. Според член 3 точка 67 од Законот, оператор на системот за пренос на природен гас е правно лице кое управува со системот за пренос за кој му е издадена лиценца и е одговорно за неговото работење, одржување, развој и поврзување со други системи за природен гас и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за пренесување на природен гас.

Под поимот преносна мрежа за природен гас, согласно член 3 точка 54 од Законот се подразбира мрежа од гасоводи предвидени за работа со номинален притисок од најмалку 12 bar и припадна мерно-регулациона опрема и е дел од системот за пренос на природен гас, а под поимот систем за пренос на природен гас, односно преносен систем за природен гас, согласно член 3 точка 98 од Законот се подразбира енергетски систем за пренос на природен гас составен од една или повеќе мрежи за пренос на природен гас, поврзан со системи за пренос на природен гас надвор од Република Македонија.

Според точката 119 од членот 3 од Законот, управување со систем за пренос на природен гас е оперативно управување на системот за пренос на природен гас и организација на пазарот на природен гас во Република Македонија, вклучувајќи урамнотежување на планираните и испорачаните количини на природен гас во реално време преку преносните мрежи за природен гас и не вклучува снабдување со природен гас.

Заради обезбедување на подршка на операторот на системот за пренос во исполнување на неговите надлежности, согласно членот 84 став 3 од Законот, операторот на преносната мрежа е должен да соработува со операторот на системот за пренос и да му ги обезбеди сите неопходни информации и за таа цел е должен да:

-инсталира и да ги одржува мерните уреди на мерните места од неговата мрежа преку кои природниот гас се прима во или испорачува од преносниот систем,
– ги мери количините на природниот гас во точките преку кои природниот гас се прима во или испорачува од преносниот систем и да ги доставува податоците од мерењата до операторот на системот за пренос,
– им овозможи пристап до мерните уреди на корисниците на преносниот систем и операторот на преносот, во согласност со овој закон и мрежните правила за пренос и
– ги доставува сите релевантни информации до опера-торот на системот и останатите оператори на мрежи, во согласност со мрежните правила и правилата за пазарот на природен гас.

Според член 85 став 1 од Законот, операторот на системот за пренос на природен гас е јавно претпријатие или трговско друштво во сопственост на Република Македонија или трговско друштво во кое Република Македонија има доминантна сопственост кое управува со системот за пренос за природен гас и обезбедува поврзување на преносниот систем со преносните системи на соседните земји.

Одговорностите на операторот на системот за пренос на природен гас се таксативно определени и набројани во членот 85 став 2 од Законот.

Врз основа на анализата на цитираните одредби произлегува дека оператор на преносна мрежа за природен гас е правно лице кое врши дејност пренесување на природен гас преку преносна мрежа во негова сопственост или преносна мрежа на која има право на користење и соработува со операторот на преносниот систем за одржување, развој и проширување на мрежата. Дејноста на овие правни лица се остварува, меѓу другото, преку преносна мрежа, односно мрежа од гасоводи предвидени за работа со номинален притисок од најмалку 12 bar и припадна мерно-регулациона опрема, која пак мрежа е дел од системот за пренос на природен гас.

Операторот на системот за пренос на природен гас е јавно претпријатие или трговско друштво во сопственост на Република Македонија или трговско друштво во кое Република Македонија има доминантна сопственост кое оперативно управува со системот за пренос на природен гас, го организира пазарот на природен гас, врши урамнотежување на планираните и испорачаните количини на природен гас во реално време преку преносните мрежи за природен гас. Ваквиот вид на правни лица се одговорни за работење, одржување, развој на системот за пренос и поврзување со други системи за природен гас и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за пренесување на природен гас. Својата дејност ја остваруваат, меѓу другото, преку систем за пренос на природен гас, односно енергетски систем за пренос на природен гас составен од една или повеќе мрежи за пренос на природен гас, поврзан со системи за пренос на природен гас надвор од Република Македонија.

Определбата на законодавецот јавните претпријатија или трговски друштва во сопственост на Република Македонија или трговски друштва во кои Република Македонија има доминантна сопственост да управувават со системот за пренос на природен гас е на линија на становиштата на Уставниот суд изразени во решението У.бр.47/2007 од 16 јануари 2008 година. Според Судот, законода-вецот, во функција на обезбедување еднакви права на сите учесници на пазарот на енергија во однос на користењето на соодветната мрежа и обезбедување услови за транспарентност, објективност и недискриминација, основано оценил дека е целисходно, во дадените услови, само јавни претпријатија основани од Владата или трговски друштва основани од Владата, во доминантна сопственост на државата, да можат да ги даваат ваквите услуги. Ова особено што според специфичниот карактер на производот (енергија, природен гас), станува збор за производ од посебно значење за одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина и здравјето на луѓето, поради што наведената одредба од Законот го одразува посебниот интерес на државата да ја контролира наведената сфера од областа на енергетиката.

Инаку, согласно член 89 став 1 од Законот, правно лице носител на лиценца за пренос на природен гас не може да има лиценца за вршење на дејностите управување со системот за пренос, трговија, снабдување со природен гас или снабдување во краен случај со природен гас, односно правно лице носител на лиценца за управување со системот за пренос на природен гас не може да има лиценца за вршење на дејностите пренос на природен гас, трговија, снабдување со природен гас или снабдување во краен случај со природен гас. Ова значи дека едно правно лице не може истовремено да ги има двете лиценци за пренос на природен гас и за управување со системот за пренос на природен гас.

Од друга страна, согласно член 3 точка 89 од Законот за енергетика под поимот „Регулирана енергетска дејност“ се подра-збира енергетска дејност преку која се извршува обврската за јавна услуга и се врши под услови, на начин, цени и тарифи пропишани, односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика, а согласно член 3 точка 58 од истиот закон, под поимот „Обврска или обврски за обезбедување на јавна услуга„ се подразбира една или повеќе обврски коишто им се наметнати на вршителите на регулираните енергетски дејности заради остварување на јавниот интерес во согласност со овој закон, а се однесуваат на сигурноста, вклучувајќи ја и сигурноста на снабдувањето, достапноста на услугата до корисниците во секое време, квалитетот и цената на енергијата или енергентите и услугите, како и заштитата на животната средина, вклучувајќи ја и енергетската ефикасност и заштита од климатските промени.

Оттаму, иако Законот не дефинира на директен начин дека преносот на природниот гас и особено управувањето со ситемот за пренос на природен гас се дејности од јавен интерес, од наведените, но и други одредби од Законот јасно произлегува дека станува збор за дејности од јавен интерес утврдени со закон. Според тоа, заради непречено вршење на регулираните енергетски дејности, согласно член 30 став 3 од Уставот може да дојде до одземање или ограничување на туѓа сопственост, а со цел обезбедување сигурност во снабдувањето со природен гас, достапност на услугата до корисниците во секое време, квалитет и цена на енергијата и слично. Исто така, треба да се има предвид дека подносителот на иниција-тивата не спори дека преносот на природниот гас и управувањето со ситемот за пренос на природен се дејности од јавен интерес утврдени со закон.

Врз основа на изнесеното произлегува дека со оспорената одредба се предвидува ограничување на сопственоста на операторот на системот за пренос заради остварување на јавниот интерес во управувањето со ситемот за пренос на природен гас, кој пак јавен интерес е утврден со Законот за енергетика. Ваквиот јавен интерес го остваруваат јавните претпријатија или трговски друштва во сопственост на Република Македонија или трговски друштва во кои Република Македонија има доминантна сопственост, кои, пак, друштва управуваат со системот за пренос за природен гас и обезбедуваат поврзување на преносниот систем со преносните системи на соседните земји (член 85 став 1). Од друга страна, според точката 119 од членот 3 од Законот, управување со систем за пренос на природен гас е оперативно управување на системот за пренос на природен гас и организација на пазарот на природен гас во Република Македонија, вклучувајќи урамнотежување на планираните и испорачаните количини на природен гас во реално време преку преносните мрежи за природен гас и не вклучува снабдување со природен гас.

За да може операторот на системот за пренос на природен гас да ја оствари својата надлежност и своите обврски утврдени со Законот, како и да ги исполни обврските што произлегуваат од членството во меѓународните асоцијации, треба да располага со соодветна инфраструктура, која пак овозможува домашниот систем за пренос да биде поврзан и фунционален со системите за пренос на природен гас надвор од Република Македонија. Од друга страна, доколку операторот на преносната мрежа има во сопственост делови од мрежата неопходни за управување со системот за пренос истите не може да ги управува и користи (не може да има лиценца за управување со системот) и таквите делови од мрежата би останале неискористени и би биле нефункционални доколку не бидат предадени во владение на операторот на системот за пренос. Оттаму, произлегува и оспореното законско решение за предавање во владение на делови на преносната мрежа од операторот на преносната мрежа на операторот на системот и тоа не на сите делови од преносната мрежа, туку само на оние делови кои се неопходни за управување со системот за пренос.

Владението и пренесувањето на владението се посебен предмет на уредување во Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010). Така, согласно член 167 став 1 од наведениот Закон, владение на определена ствар има секое лице, кое непосредно или со посредство на полномошник, врши фактичка власт на стварта (непосредно владение). Во членот 174 став 1 од Законот е определено дека, владението се пренесува со предавање на стварта врз основа на правно дело. Предавањето е извршено во моментот кога стекнувачот со волја на преносителот ќе се најде во положба да извршува власт на определена ствар. Во членот 175 став 1 од Законот е определено дека со изјавување на волја владението се пренесува на стекнувачот, а пак, овој ќе се стекне со непосредно владение, само ако ја извршува својата власт на стварта.

Од заедничката анализа на цитираните законски одредби и содржината на оспорената одредба произлегува дека предуслов за предавањето во владение на деловите на преносната мрежа неопходни за управување со системот за пренос е постоењето на правно дело, односно двете договорни страни, како рамноправни партнери, пред да го постигнат договорот постигнуваат согласност на волјите за сите услови под кои ќе се реализира предавање во владение на наведените делови.

Според содржината на оспорената одредба предавањето во владение на неопходните делови од преносната мрежа настанува на денот на правосилноста на одобрението за употреба на соодветните објекти од преносната мрежа. Под кои услови и во која постапка се добива одобрение за употреба е уредено во Законот за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008, 119/2010 и 36/2011), Закон за управната инспекција (“Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2004, 22/2007, 115/2007 и 51/20110 и Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011).

Имајќи ја предвид содржината на оспорената законска формулација, како и тврдењето во иницијативата дека предавањето во владение се вршело без спроведување на соодветна постапка предвидена со друг закон како што било предвидено во членот 30 ставови 3 и 4 од Уставот, се јави за неопхподно најнапред да се направи анализа на целината на одредбите од Законот за енергетика и се утврди следното:

Според член 22 став 1 точка 7 од Законот, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика, меѓу другото има надлежност на предлог на операторите на соодветните енергетски системи, да ги одобри условите и надоместоците за приклучување и пристап до соодветните преносни или дистрибутивни системи.

Согласно член 30 став 1 точка 2 од Законот, заради извршување на работите од својата надлежност Регулаторната комисија за енергетика донесува одлуки со кои одлучува по поединечни работи во согласност со овој закон и прописите донесени во согласност со овој закон, вклучително и одлуки со кои на вршителите на регулираните енергетски дејности им наредува или им забранува определено однесување со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија или енергенти и ефикасна конкуренција на одделните енергетски пазари. Во ставот 2 од истиот член од Законот е предвидено дека во постапката за донесување на одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон е предвидена поинаква постапка.

Според член 36 став 1 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика, меѓу другото одлучува по споровите во врска со примената на пропишаните услови, методологии или тарифи за приклучување, пристап, урамнотежување и користење на соодветните системи или пазари и доделување на соодветните интерконективни капацитети, кога барањето за интерконективен капацитет е одбиено од оператор на преносен систем од Република Македонија.

Во постапката од ставот 1 на овој член Регулаторната комисија за енергетика е должна да ја донесе одлуката во што е можно покус рок, но не подоцна од два месеца од денот на покренувањето на спорот (став 2).

Рокот од ставот 2 на овој член може да биде продолжен за уште најмногу два месеца по барање на Регулаторната комисија за енергетика заради прибирање на дополнителни информации поврзани со донесувањето на одлуката или за друг временски период доколку за тоа се согласат засегнатите страни (став 3).

Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика е конечна. Против одлуката на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе тужба пред надлежен суд (став 4).

Врз основа на наведените одредби произлегува дека споровите помеѓу двата оператори ги решава Регулаторната комисија, нејзината одлука е конечна и истата може да биде оспорена со тужба пред надлежен суд. Воедно, во постапката за донесување на одлука од страна на Регулаторната комисија покрај одредбите од Законот за енергетика соодветно се применуваат и одредбите од Законот за општата управна постапка.

Со ваквото законско уредување, според оцена на Судот се обезбедуваат уставните принципи за владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.

Од друга страна, анализирајќи ја оспорената одредба од аспект на нејзината согласност со членот 30 од Уставот, Судот оцени дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со наведената уставна одредба.

Имено, во конкрениот случај, неспорно се предвидува ограничување на сопственоста и правата што произлегуваат од неа со определбата за предавање во владение на деловите од преносната мрежа неопходни за управување со ситемот на природен гас. За Судот, но исто така и за подносителот на иницијативата не е спорно дека во овој случај се работи за ограничување на сопстве-носта заради вршење на дејност од јавен интерес-управување на системот за пренос на природен гас, која пак дејност, според моменталното законско решение ја вршат јавните претпријатија или трговски друштва во сопственост на Република Македонија или трговски друштва во кои Република Македонија има доминантна сопственост, со оглед на посебниот интерес на државата да ја контролира наведената сфера од областа на енергетиката.

Што се однесува пак до висината на надоместокот за користење на деловите од преносната мрежа неоходни за управување со системот за пренос од анализата на законските одредби произлегува дека прашањето за надоместокот делумно е уредено во членот 85 од Законот, а делумно се уредува во соодветни прописи, тарифни системи, методологии и правила за пазарот на природен гас кои ги носи Регулаторната комисија, односно операторот со согласност од Регулаторната комисија.

Тука треба да се има предвид и членот 85 став 4 од Законот, според кој надоместокот за користењето на системот за пренос на природен гас го плаќаат сите потрошувачи во Република Македонија кои се напојуваат со природен гас преку системот за пренос. Операторот на системот им го фактурира надоместокот за користење на системот, според објавената тарифа, претходно одобрена од Регулаторната комисија за енергетика на:

1) потрошувачите кои самостојно учествуваат на пазарот на природен гас, директно приклучени на преносниот систем и
2) снабдувачите за потрошувачите кои не ги исполнуваат условите за самостојно учество на пазарот на природен гас приклучени на преносниот систем или на дистрибутивните системи поврзани со преносниот систем.

Во ставот 5 од истиот член од Законот е предвидено дека, надоместокот за користење на преносниот систем од ставот 4 на овој член се состои од дел за пренос на природен гас и дел за управување со системот за пренос, при што:

1) делот од надоместокот за управување се определува врз основа на регулираниот приход на операторот на преносниот систем, вклучувајќи ги и трошоците за одржување на средствата што не се во сопственост на операторот на системот за пренос, а
2) делот од надоместокот наменет за пренос на природниот гас се пресметува врз основа на вкупниoт регулиран приход на сите оператори на преносните мрежи.

Според членот 85 став 6 од Законот, регулаторната комисија за енергетика, во соодветните прописи и методологии од членовите 24 став 1 и 25 став 1 на овој закон ќе го пропише начинот на којшто операторот на системот за пренос ќе го распредели приходот остварен од надоместокот за користење на преносниот систем на операторите на преносните мрежи. Регулаторната комисија за енергетика може да ги задолжи операторот на преносниот систем и снабдувачите во фактурите од ставот 4 на овој член одделно да ги искажат деловите од надоместокот за управување со системот и за пренос.

Операторот на системот за пренос на природен гас им фактурира на учесниците на пазарот на природен гас за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите за урамнотежување, што е составен дел од правилата за пазар на природен гас, според ставот 7 од истиот член од Законот.

Притоа, според преодните и завршни одредби на Законот (членови 193 и 194) рокот за донесување на подзаконските акти се уште тече, од каде моментално не постои регулатива од која може да се согледа начинот на формирање и висината на надоместокот за користењето на деловите од системот за пренос на гас добиени по пат на предавање на владението, согласно оспорената одредба. Тука треба да се напомене и тоа што подносителите на иницијативата воопшто не го покренуваат прашањето на гарантираниот правичен надоместок, кој, согласно членот 30 став 4 од Уставот, не може да биде понизок од пазарната вредност, туку спротиставувањето на оспорената одредба со членот 30 од Уставот се базира само на уставната забрана за ограничување на сопственоста за случаите кога не постои јавен интерес утврден со закон.

Од друга страна, пак, прашањето дали на сопственикот на преносната мрежа заради одземеното владение му е определен праведен надоместок не понизок од пазарната вредност која ја гаранира членот 30 став 4 од Уставот е фактичко прашање кое може да се оценува во секој конкретен случај за кое прашање Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

Исто така, треба да се има предвид дека оспорената одредба е на релација и со 30 став 2 од Уставот на Република Македонија, според која сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според тоа сопственоста, во случајов, треба нужно да функционира и за потребите на заедницата, а приватното и колективното се во меѓусебна зависност поради што односите треба и соодветно да бидат регулирани, како одговорност на државата и одговорност на приватните сопственици на капиталот во енергетиката, односно постпи поделена одговорност во оваа специфична економска материја. Со други зборови, со ваквата одредба, законодавецот всушност го определил начинот на остварување на јавниот интерес, со што не се повредуваат владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Конечно, пазарот на природен гас се базира на меѓународна регулатива-Директивата на ЕУ за Внатрешниот пазар на природен гас бр.2003/55, која Република Македонија има обврска да ја имплементира во националното законодавство според Договорот за основање на енергетска заедница („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2006. Покрај тоа, во наведениот закон се вградени и одредби од Директивата за Внатрешниот пазар на природен гас 2009/73 од “третиот енегетски пакет“ во која е содржана препораката на Министерскиот совет на Енергетската заедница од 24 септември 2010 година, земјите потписнички на договорот да почнат со транспонирање на законодавството на Европската унија од Третиот пакет во Внатрешниот пазар на енергија. Инаку, една од основните цели на Договорот за основање на енергетска заедница (член 3 ц) е создавање пазар за Мрежна енергија за Страните без внатрешни граници, вклучително и координација на заемната помош за случај на сериозно нарушување на енергетските мрежи или надворешни нарушувања, вклучувајќи и донесување заедничка политика за надворешна енергетска трговија (создавање единствен енергетски пазар на енергија).

Врз основа на сето наведено Судот оцени дека оспорената одредба преставува ограничување на сопственоста, но заради остварување на јавен интерес утврден со закон што е во согласност со членот 30 ставови 2 и 3 од Уставот и како јасно законско решение не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност и со членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот.

Со оглед на тоа што во иницијативата не се содржани конкретни наводи по однос на тоа во што се состои повредата на член 9 став 2, член 51, член 55 и член 58 од Уставот, Судот оцени дека постојат деловнички пречки истата да биде предмет на оцена по однос на нејзината согласност со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.48/2011
2 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.48/2011