У.бр.263/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 5 став 1 точка 5, членот 129 став 1 и членот 213-б од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010 и 52/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија, со Решение У.бр.263/2009 од 2 јуни 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за работните односи означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за работните односи во членот 5 го дефинирал значењето на одделни изрази употребени со овој закон и во ставот 1 точка 5 определил дека „работно време“ е секој период во кој работникот работи и е на располагање на работодавачот за извршување на работите и работните задачи согласно со закон.

Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот утврди дека законодавецот непрецизно и широко го дефинирал изразот „работно време“ определувајќи го неговото значење како право на работодавачот да располага со работникот кој работи, со што се создава можност работодавачот во димензионирањето на работните активности да ги повреди уставно гарантираните човекови слободи и права во кои се и правата од работен однос и интегритетот на работникот. Имено, располагањето на рабодавачот во контекст на одредбата, ги надминува рамките на дефиницијата за опредено „работно време“ и изразот добива значење на неопределено по обем работење и искористување на работникот во вршењето на работните задачи од страна на работодавачот, со што дефиницијата остава простор длабоко да се допре до личноста и интегритетот на работникот во остварувањето на работите од работниот однос, а со тоа да се загрозат неговите слободи и права утврдени во Уставот.Со оглед на тоа, оспорената одредба од Законот не е во согласност со членот 32 од Уставот, според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1); секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2); секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3); секој вработен има право на платен, дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат (став 4); и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

5. Судот, исто така утврди дека во членот 129 од Законот кој има наслов „Ограничувања на работата ноќно време“, во оспорениот став 1 од овој член од Законот е пропишано дека работното време на работникот кој работи ноќно време не смее да трае просечно повеќе од осум часа на секои 24 часа.

Судот, во рамки на анализата на оспорената одредба од Законот, утврди дека Законот за работните односи со одредбите од членовите 127-131 ги уредил прашањата кои се однесуваат за: ноќна работа, права на работниците кои работат ноќно време, ограничување на работата ноќно време, консултирање со синдикатот и ноќна работа на жените во индустријата и градежништвото.

Судот, исто така, утврди дека законодавецот само со ограничувањето на работното време на работникот кој работи ноќно време да не смее да трае просечно повеќе од осум часа на секои 24 часа, без да го регулира временското ограничување на ноќното работење во колкав период од годината, односно воопшто во колкав временски период тоа може да се извршува, дозволил ноќната работа да може да трае без временски лимити, а со тоа допуштил работодавачот да го употребува работниот ангажаман на работниците за ноќна работа постојано или како што тој смета дека е потребно, на штета на правата и интересите на работниците кои произлегуват од работниот однос спротивно на членот 32 од Уставот и се доведува во прашање хуманоста, социјалната правда и солидарноста определени како темелни вредности на уставниот поредок во членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот. Од овие причини Судот утврди дека оспорената одредба од членот 129 став 1 од Законот не е во согласност со наведените одредби од Уставот.

6. Со членот 213-а од Законот е определено дека репрезентативност на синдикат, односно на здружение на работодавачи на ниво на Република Македонија, на ниво на јавен сектор, на ниво на приватен сектор од областа на стопанството и на ниво на гранка, односно оддел согласно Националната класификација на дејности, ја утврдува министерот надлежен за работите од областа на трудот, на предлог на Комисија за утврдување на репрезентативноста во согласност со овој закон.

Со оспорениот член 213-б од Законот е уреден составот и начинот на работа на Комисијата. Според ставот 1 од овој член од Законот е предвидено дека Комисијата е составена од девет члена, од кои по три претставника на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и Министерството за економија.

Според ставот 2 од овој член од Законот, регистрирани синдикати и здруженија на работодавачи на национално ниво можат да определат свој претставник кој ќе присуствува при работата на Комисијата.

Во ставот 3 од овој член од Законот е уредено дека претставниците на министерствата од ставот 1 на овој член ги именува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за труд и социјална политика.

Според ставот 4 од овој член од Законот, административно-стручните работи за работа на Комисијата ги врши Министерството за труд и социјална политика.

Според ставот 5 од овој член, начинот на работа на Комисијата се определува со Деловник за работа на Комисијата.

Од анализата на оспорениот член 213-б како и другите одредби од Законот, Судот оцени дека законодавецот со закон ги уредил прашањата за условите и критериумите за определување на репрезентативност на синдикатот и на работодавачите, како и постапката по барањето за репрезентативност, каде Комисијата за утврдување на репрезентативност донесува решение против кое може да се поднесе жалба до Владата на Република Македонија и може да се заведе управен спор пред надлежниот суд. Репрезентативноста се определува за временски период од три години, а воедно синдикатот и здружението на работодавачи може да поднесат барање за преиспитување на репрезентативноста, по истекот на периодот од една година од денот на донесувањето на решението. Решението за репрезентативноста се објавува во „Службен весник на Република Макекдонија“.

Согласно членот 211 од Законот, репрезентативноста на синдикатот за територијата на Република Македонија односно здружение на работодавачи за територијата на Република Македонија се определува заради учество во трипартитни тела за социјално партнерство и трипартитни делегации на социјалните партнери.

Репрезентативност на синдикат на ниво на јавен сектор се определува заради учество во колективното договарање на ниво на јавен сектор, а репрезентативност на синдикат и здружение на работодавачи на ниво на приватен сектор од областа на стопанството, се определува заради учество во колективно договарање на ниво на приватен сектор од областа на стопанството.

Репрезентативноста на синдикат и здружение на работодавачи на ниво на гранки се определува заради учество во колективното договарање на ниво на гранка (оддел).

Репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач се определува заради учество во колективно договарање на ниво на работодавач.

Комисијата е орган што одлучува во постапка по барања и врз основа на со закон определени услови и критериуми кои треба да ги исполнуваат барателите.

Од анализата на оспорените одредби од членот 213-б од Законот, Судот оцени дека законодавецот не обезбедил Комисијата да ја сочинуваат претставници на Владата на Република Македонија како и претставници на работодавачите и синдикатите, соодветно на трипартитниот однос на овие претставници кој се остарувал и бил застапен во рамките на Економско-социјалниот совет утврден во други одредби од Законот. Имено, со оспореното законско решение со кое Комисијата е составена само од претставници на министерствата, е овозможено за статусот на репрезентативност на синдикатот, односно на здружение на работодавачи да се одлучува во Комисија која нема во својот состав претставници токму на синдикат или работодавачи, од кои се избира односно одлучува за статусот на репрезентативност, а со тоа и одлуките за изборот донесени од Комисијата по својата суштина не би биле одраз на објективизиран пристап во одлучувањето на социјалните партнери во трипартитниот однос во економско-социјалната сфера во општеството. Со оглед на тоа и за членот 213-б од Законот Судот оцени дека не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, според која хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.263/2009
22 септември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски