У.бр.254/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Законот за измени на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998).

2. АД Охис Скопје и АДГ Пелагонија Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Причината за оспорување во иницијативата се однесува на избришаните став 2, 3 и 4 од членот 7-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/1992), па со ваквото бришење на споменатите одредби направено во оспорениот Закон, на иницијаторите како продавачи на општествените станови од деловните банки во Република Македонија повеќе не им се издаваат обврзници.

Понатаму се појаснува дека со вака направената измена се добива апсурдна состојба да продавачот на станот го губи правото да добие обврзници како резултат на продажбата на општествениот стан иако цената за продажбата се уплаќа во деловните банки. Се нагласува дека во процесот на трансформација на општествените претпријатија оваа категорија станови не влегуваат во процесот на трансформација, но за овие станови согласно претходното решение во Законот за продажба на становите во општествена сопственост, претпријатијата пријавиле извесни средства како очекувана реализација на обврзниците по тој основ.

Со извршеното бришење на одредбите во оспорениот Законот и губењето на основ за издавање на обврзници на иницијаторите се загрозувало правото на сопственост на општествените станови, се ускратувала можноста за наплата на средствата од носителите на станарското право, се нарушувала уставно загарантираната еднаква правна положба на субјектите и се овозможувало Владата на Република Македонија да стане сопственик на становите и да се јави во улога на продавач. На овој начин се повредувале уставните принципи од членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Македонија, за согласност на законите со Уставот и гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото, како и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Се предлага поништување на оспорениот Закон и враќање во сила на избришаниот член 7-а од Законот за продажба на станови во општествена сопственост (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр 36/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1992 година).

3. Судот на седницата утврди дека Според член 1 од Законот за измени на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998) “Во Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 62/1990 година и “Службен весник на Република Македонија” бр. 62/1992 година), во член 7-а ставовите 2, 3 и 4 се бришат.” Во членот 2 од овој Закон предвидено е Законот да стапи во сила со денот на неговото објавување.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

5. Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Во член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/1992 година), по член 7 се додава нов член 7-а кој гласи:

“Купувачот на станот е должен средствата за плаќање на станот да ги уплати на посебна сметка во деловна банка во Република Македонија.

За средствата уплатени во деловна банка Република Македонија издава обврзници кои деловната банка ги пренесува на продавачот.

Обврзниците од став 2 на овој член се амортизираат во 20 полугодишни рати, од кои првата рата пристигнува на 1 јануари 1995 година.

По исклучок од став 3 на овој член салдата со помали износи за кои не може да се обезбеди амортизацијата во 20 полугодишни рати, рокот за амортизација се сообразува со помал временски период, соодветно на апоенската стуктура на обврзниците тргнувајќи од најниската апоенска вредност”.

Во пречистениот текст на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1993 година), членот 7-а е нумериран како член 9.

Со член 1 од оспорениот Закон за измени на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998 година), се врши бришење на ставовите 2, 3 и 4 од членот 7-а. Оспорениот Закон стапил на сила на 10.02.1998 година на денот на неговото објавување, како што било предвидено во членот 2 од Законот.

Од содржината на цитираните одредби, произлегува дека во правниот поредок не постои законска одредба со која на продавачите на становите, помегу кои спаѓаат и подносителите на иницијативата, им се издаваат обврзници за уплатените средства од купувачите на становите, а од страна на деловните банки. Ваква одредба нема во правниот поредок сметано од 10.02.1998 година, односно од денот кога оспорениот Закон е објавен во Службениот весник на Република Македонија, поради што Судот оцени дека избришаната одредба не може да се оценува од аспект на нејзина согласност со Уставот. Од друга страна од иницијативата произлегува дека се потенцира отсуство на одредба за која подносителите сметаат дека треба да биде во правниот поредок, за што цениме дека овој суд не е надлежен да одлучува.

7. Со оглед да постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и Судот не е надлежен за враќање на одредбата во правниот поредок, согласно член 28 став 1 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 254/2001
20 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов