У.бр.213/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 51 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008).

2. Ова решение се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Акционерското друштво за промет со нафта и нафтени деривати „Макпетрол“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од Законот биле повредени повеќе одредби од Уставот, кои се однесувале на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста (член 8 став 1 алинеи 3 и 6), потоа уставната определба за еднаквоста на граѓаните пред Уставот (член 9 став 2), уставно гарантираното право на сопственост (член 30), уставната определба дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот (член 51), слободата на пазарот и претприемништвото (член 55) и сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето (член 58).

Ова од причини што со оспорените одредби од Законот било предвидено надлежниот инспекторат, со решение, формално времено да го одземе владението и користењето на системот за пренос на електрична енергија, односно системот за пренос на природен гас од претходниот носител на лиценца, доколку истиот е сопственик на системот, односно од субјектот кој е сопственик на системот за пренос но фактички ќе го остави и понатаму во владение и користење на операторот на системот, до изборот на новиот носител на лиценца. Потоа, новиот носител на лиценца требало да поднесе барање до операторот да му го предаде системот и тој тоа веднаш морал да го стори, и следел период од 6 месеци за меѓусебно решавање на имотно-правните односи помеѓу сопственикот и новиот корисник на системот за склучување на договор за уредување на правата и обврските за користење или договор за пренос на сопственоста на системот. Доколку во овој период не се уределе договорно меѓусебните односи, новиот носител на лиценца имал право да поднесе предлог до надлежниот орган, за експропријација на имотот – системот, а во наредните три години претходниот сопственик од кој му бил одземен (експроприран) системот, не можел да поднесува барање за добивање на лиценца.

Според наводите во иницијативата со државната интервенција, преку експропријација на имотот од еден сопственик во корист на друг субјект, заради промената на лиценцата, односно заради стекнувањето на другиот субјект со лиценца за вршење на енергетската дејност, дирекно се повредувале сите наведени уставни одредби, имајќи предвид дека во случајов со оспорените одредби од Законот за енергетика неосновано се употребувала експропријацијата како правен инструмент, и тоа не за одземање и уривање на постојното урбано подрачје заради нова и поинаква изградба на други објекти и постројки на терен, туку за класично одземање на веќе постојни и изградени објекти и постројки со цел истите да се пренесат на нов носител на права со помош на државната интервенција во промена на тие права.

Преносот на електрична енергија и преносот на природен гас, согласно Законот за енергетика, биле прогласени за дејности од јавен интерес. Во Законот зе експропријација, во членот 2 став 1 алинеја 11 било определено дека јавен интерес била изградба на гасоводи, нафтоводи и други водови. Меѓутоа, постоењето на јавен интерес законодавецот го врзувал за идна изградба на објекти и постројки на терен, а не за готови и веќе изградени објекти, постројки и водови на електрична енергија и природен гас, па оттука каква врска имала примената на експропријацијата. Со оглед на тоа, според иницијативата, не можело да се смета дека за експропријацијата предвидена со оспорените одредби од Законот за енергетика постоел јавен интерес врз основа на кој се темелела постапката утврдена во Законот за експропријација, а овој нарушен сооднос на Законот за енергетика со експропријацијата уште повеќе го поставувал под сомнение прашањето на согласноста на оспорените законски одредби со уставниот принцип на владеењето на правото. Воедно, со одземањето на користењето и присилното одземање на сопственоста на системите на енергетските дејности, како што тоа било предвидено со оспорените одредби од Законот, дирекно се повредувале уставните принципи и гаранции на правото на сопственост и правата кои од сопственоста произлегувале – користењето и управувањето со системите од носителот на сопственоста. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за енергетика.

4. Судот на седницата утврди дека членот 51 од Законот за енергетика предвидел:

„(1) Доколку лиценцата е одземена, Регулаторната комисија за енергетика ќе објави јавен повик за избор на нов носител на лиценца. Се додека не се избере нов носител на лиценца, претходниот носител на лиценца е должен да продолжи со извршувањето на дејноста под надзор на надлежниот инспекторат.

(2) Во случај на одземање на лиценца за вршење на дејноста пренос на електрична енергија и пренос на природен гас, а со цел да не дојде до нарушување на јавниот интерес во вршење на овие енергетски дејности, нив привремено ќе ги врши операторот на електроенергетскиот систем, односно операторот на системот за пренос на природен гас, под надзор на надлежниот инспекторат.

(3) Во случаите кога операторот од ставот (2) на овој член привремено врши дејност пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас поради одземање на лиценца на вршителот на пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас, операторот дејноста ја врши врз основа на привремена лиценца која Регулаторната комисија за енергетика му ја издава по службена должност без одлагање, а ги има сите права и обврски на вршител на дејност пренос на електрична енергија, односно природен гас.

(4) Надлежниот инспекторат со решение времено ќе го одземе владението и користењето на системот за пренос на електрична енергија, односно системот за пренос на природен гас од претходниот носител на лиценца, доколку истиот е сопственик на системот, односно од субјектот кој е сопственик на системот за пренос и ќе го предаде времено во владение и користење на операторот на електроенергетскиот систем односно системот за пренос на природен гас, до изборот на новиот носител на лиценца.

(5) Во случаите од ставот (2) на овој член, операторот на електроенергетскиот систем односно системот за пренос на природен гас има право на надоместок согласно со тарифата за пренос на електрична енергија, односно природен гас испорачан преку системот за пренос.

(6) По избор на носител на лиценца согласно со ставот (1) од овој член, новиот носител на лиценца за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас поднесува барање до операторот на електроенергетскиот систем, односно системот за пренос на природен гас врз основа на кое операторот е должен веднаш да го предаде владението и користењето на системот за пренос на новиот носител на лиценца.

(7) Најдоцна во рок од шест месеца од добивањето на владението и користењето на системот за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас, новиот носител на лиценца за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас и сопственикот на системот за пренос може да склучат договор за уредување на нивните меѓусебни права и обврски за користење на системот или договор со кој новиот носител на лиценца за пренос ќе се стекне со сопственост на системот за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас.

(8) Доколку субјектите од претходниот став на овој член, во дадениот рок не ги уредат меѓусебните права и обврски, на предлог на новиот носител на лиценца за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас ќе се изврши експропријација на системот за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас согласно со Законот за експропријација.

(9) Поранешниот носител на лиценца кој е сопственикот на системот за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас, односно субјектот кој е сопственик на системот за пренос има право на надоместок за користењето на соодветниот систем за пренос од операторот на системот за пренос на електрична енергија односно пренос на природен гас, односно носителот на лиценцата за пренос на електрична енергија односно пренос на природен гас за времетраењето на таквото користење.

(10) Носителот, на кој му е одземена лиценцата нема право да поднесе барање за добивање лиценца за вршење на дејноста која ја извршувал пред одземање на лиценцата во рок од три години од денот на одземањето на лиценцата“.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во делот од Уставот кој се однесува на економските, социјалните и културни права, со одредбите од членот 30 е определено дека: „Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност“.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во делот од Уставот кој се однесува на основите на економските односи, со членот 55 е утврдено дека: „Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото“.

Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето“.

Според членот 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето. Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Со одредбите од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008) е уреден правниот режим за обезбедување на целите на овој закон кои се предвидени во членот 2, со кои требало да се обезбеди сигурно, квалитетно и ефикасно снабдување со енергија на потрошувачите и да се создаде финансиски одржлив енергетски сектор, негов развој и заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.

Со членот 3 од Законот се определени дејностите од областа на енергетиката и како такви се определени преносот на електрична енергија и преносот на природен гас. Според членот 4 од Законот, дејностите од областа на енергетиката можат да ги вршат домашни и странски правни лица врз основа на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика, под услови и начин определени со овој закон за секоја од дејностите од членот 3, освен ако поинаку не е уредено со овој закон.

Дејностите од членот 3 на овој закон можат да се вршат ако објектите, уредите и постројките за вршење на тие дејности ги исполнуваат пропишаните стандарди, технички нормативи и нормите на квалитет и со нивната работа да не се загрозуваат луѓето, материјалните добра, животната средина и природата.

Со членот 6 став 1 од Законот е определено дека правните лица кои ги вршат наведените дејности (во кои под точка 2 и точка 8 се преносот на електрична енергија и преносот на природен гас), ги имаат обврските за јавна услуга определена со овој закон. Во ставот 2 од овој член од Законот, е уредено дека јавен интерес во вршењето на дејностите од ставот 1 на овој член се обезбедува од страна на вршителот на дејноста преку исполнување на обврската за обезбедување на јавна услуга на начин и постапка определени со лиценцата за вршење на соодветната енергетска дејност, а во согласност со условите утврдени со закон или друг пропис.

Според членот 7 став 1 од овој закон, дејностите од членот 6 можат да ги вршат трговски друштва или јавни претпријатија основани во согласност со закон.

Според ставот 2 од овој член од Законот, дејностите на управување со електроенергетскиот систем, организирањето и управувањето со пазарот на електрична енергија и управувањето со системот за пренос на природен гас, можат да ги вршат исклучиво јавни претпријатија, односно акционерски друштва основани од Владата на Република Македонија како единствен акционер, односно акционерски друштва во доминантна сопственост на државата основани од Владата на Република Македонија.

Во овој контекст се укажува дека со интервентната Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.47/2007, дејностите „пренос на електрична енергија“ и „пренос на природен гас“ не се во корпусот на дејности резервирани исклучиво за вршење од јавните државните претпријатија и акционерски друштва.

Со одредбите од Законот се определени и начинот и условите за вршење на енергетските дејности со лиценци и надлежноста на Регулаторната комисија за одлучување за издавање на лиценци. Надзорот над спроведувањето на Законот за енергетика врши Министерството за енергетика преку Државниот инспекторат за техничка инспекција и Државниот пазарен инспекторат.

Според членот 50 од Законот, лиценцата може да се одземе ако носителот на лиценцата:

– не започне со вршење на дејноста од членот 6 на овој закон, за која е издадена лиценцата, во рок определен со лиценцата,
– не ја врши дејноста за која е издадена лиценцата на начин и под услови пропишани со овој закон и други прописи и со лиценцата,
– престанал да ги исполнува условите за вршење на дејноста од членот 3 на овој закон, за која е издадена лиценцата и
– во определен рок не постапи по барањето на надлежните органи за отстранување на недостатоците во работењето.

Во членот 51 став 1 од Законот е определено дека доколку лиценцата е одземена, Регулаторната комисија за енергетика ќе објави јавен повик за избор на нов носител на лиценца. Се додека не се избере нов носител на лиценца, претходниот носител на лиценца е должен да продолжи со извршувањето на дејноста под надзор на надлежниот инспекторат.

Со измените и дополнувањата на Законот за енергетика објавени во „Службен весник на Република Македонија“ број 106/2008, во членот 51 по ставот 1 се додадени девет нови става кои се оспорени со предметната иницијатива.

Од анализата на оспорените одредби од членот 51 од Законот, произлегува дека одредбите се однесуваат само за двете енергетски дејности – пренос на електрична енергија и пренос на природен гас.

Пренос на електрична енергија е пренос со висок напон и високонапонски далноводи сопственост на вршителот на дејноста пренос на електрична енергија, од точката на прием на производителите на електрична енергија или интерконектираните преносни системи на соседните држави, до точката на прием на вршителот на дејност дистрибуција на електрична енергија, директните потрошувачи или интерконектираните преносни системи на соседните држави (член 8 точка 23).

Пренос на природен гас е транспорт на природниот гас низ високопритисен гасовод од влезот во Република Македонија или интерконекција со транзитен високопритисен гасовод на територијата на Република Македонија, преку главните примопредавателни станици до мернорегулационите станици на директните потрошувачи и до мернорегулационите станици на системите за дистрбуција, вклучувајќи ги и мернорегулационите станици (член 8 точка 43).

Оператор на електроенергетскиот систем е носителот на лиценца кој врши дејност управување со електроенергетскиот систем на територија на Република Македонија, а оператор на системот за пренос на природен гас е носител на лиценца кој врши дејност управување со системот за пренос на природен гас на територијата на Република Македонија (член 8 точки 24 и 45).

Законот за енергетиката со членот 41 упатува дека Регулаторната комисија за енергетика ги пропишува поблиските услови, начин и постапка за издавање, менување, продолжување, суспендирање и одземање на лиценцата и други прашања наведени во одредбата.

Со оспорените одредби од членот 51 од Законот е уреден начинот на одземањето на лиценцата за вршење на дејноста пренос на електрична енергија и лиценцата за вршење на пренос на природен гас и начинот на решавање на имотно-правните односи за системите на овие енергетски дејности во услови на промена на носителот на лиценца со нов носител на лиценца. Законодавецот со оспорените одредби од Законот (а тоа се членот 51 ставови од 2 до 10), уредил дека во случај на одземање на лиценца за вршење на дејноста, Регулаторната комисија за енергетика му издава по службена должност, без одлагање, привремена лиценца на операторот на системот (а тоа е носителот на одземената лиценца) за да продолжи да ја врши дејноста како не би дошло до нарушување на јавниот интерес, под надзор на надлежниот инспекторат. Операторот дејноста треба да ја врши врз основа на привремената лиценца и за тоа време ги има сите права и обврски на вршител на дејност пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас.

Понатаму, покрај прашањето кое се однесува за вршење на дејноста и за кое од страна на Регулаторната комисија за енергетика се издава привремена лиценца, постапката продолжува со регулирање на второто прашање, а тоа е за системот за пренос. Имено, надлежниот инспекторат со решение времено ќе го одземе владението и користењето на системот за пренос на електрична енергија, односно системот за пренос на природен гас од претходниот носител на лиценца, доколку истиот е сопственик на системот, односно од субјектот кој е сопственик на системот за пренос (значи од секој сопственик без оглед дали имал или немал лиценца) и ќе го предаде времено во владение и користење на операторот на електроенергетскиот систем односно системот за пренос на природен гас (тоа е сеуште носителот на привремената лиценца како што е погоре уредено), до изборот на новиот носител на лиценца. Ова значи фактички постојната состојба која била пред одземањето на лиценцата, административно е уредено да продолжи со „привремена лиценца“ за вршење на дејноста со „решението за времено владение и користење на системот“, со истиот субјект кој бил носител на одземената лиценца, до изборот на новиот носител на лиценца (член 51 ставови 2 до 5).

Понатаму, по изборот на нов носител на лиценца согласно ставот 1 од овој член, новиот носител на лиценца поднесува барање до операторот на системот врз основа на кое операторот е должен веднаш да го предаде владението и користењето на системот на новиот носител на лиценца (став 6 на членот 51).

По предавањето на владението на имотот (системот), со одредбите од ставовите 7, 8, 9 и 10 од членот 51 од Законот е уредено решавањето на имотно-правните односи помеѓу сопственикот на системот и новиот носител на лиценца.

Оспорените одредби од ставовите 2 до 10 на членот 51 што претставуваат дополнување на Законот, се прашања од техничка природа што ја уредуваат последичната состојба во случај на одземање на лиценца. Со тие одредби не се навлегува во правото за вршење на овие дејности со лиценца ниту тие се спротивни на Уставот, поради што не се основани наводите во иницијативата.

Тргнувајќи од изнесените норми од Уставот, одредбите од Законот за енергетика и основите на експропријацијата конципирани со Законот за експропријација, уставносудската анализа на оспорените одредби од членот 51 од Законот за енергетика според Судот, води кон неколку битни работи за кои можат да се дадат следниве констатации:

Не навлегувајќи во потребата и причините на законодавецот, во правниот поредок во Република Македонија да регулира правен режим на односи каков што е со оспорените одредби од Законот за енергетика, се наметнува во анализата дека вршењето на енергетските дејности претставува значаен национален интерес поради кој има потреба државата да овозможи непречен континуитет на одвивање на овие јавни услуги.

Во услови кога и Уставниот суд на Република Македонија, со својата Одлука У.бр.47/2007 изразил јасно становиште дека енергетските дејности „пренос на електрична енергија“ и „пренос на природен гас“ не се дејности кои исклучиво можат да ги вршат јавни претпријатија или акционерски друштва основани од Владата на Република Македонија, и дека тоа се дејности кои можат да ги вршат субјектите во слободното пазарно стопанство, согласно со закон, потоа, во услови кога според Законот овие дејности можат да се вршат само врз основа на лиценца, и начинот на вршењето на дејностите има заштитни техничко-технолошки и други стандарди уредени со закон и други прописи и подлежат на надзор и контрола на стручни и други институции на државата, се поставува прашањето на балансот на односите на државното и приватното делување, и нивното регулирање во Република Македонија во рамки на инфраструктурата, која секако е различна од други држави, а и тие меѓу себе.

Во економијата познато е дека „природните монополи“ се типични за оние економски сектори, кои заради природата на производно-технолошкиот процес, бараат големи капитални вложувања и реализираат големи трошочни предности со користење на економии по обем. Бидејќи е неисплатливо тие дејности да ги извршуваат повеќе мали претпријатија, државата воведува бариери за влез во соодветниот економски сектор, доделувајќи му го истовремено ексклузивното право на едно претпријатие да ја извршува дејноста. Така се создава природниот монопол. Меѓутоа, вака настанатиот природен монопол мора да биде предмет на државна регулација. Регулацијата ја реализира со т.н. „економски прописи“, односно со владини одлуки и со закони со помош на кои се врши: – контрола на цените на производите и услугите, – пропишување на условите за влез, односно излез на пазарот (затворени лиценци, односно права за извршување на дејноста за да го спречи влегувањето на голем број претпријатија во секторот), – пропишување стандарди за квалитетот на производите и услугите, – пропишување стандарди за сигурност и здравјето на вработените и на потрошувачите.

Република Македонија, заедно со други држави од една страна и Европската заедница од друга страна, на 19 мај 2005 година склучиле Договор за основање на Енергетска Заедница, а Собранието на Република Македонија со Закон го ратификувало овој договор, на 3 мај 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2006).

Задачата на Енергетската заедница е да ги организира односите меѓу страните и да создаде правна и економска рамка за мрежна енергија со цел меѓу другото да создаде стабилна регулаторна и пазарна рамка способна да привлече инвестиции во гасоводните мрежи, производството на електрична енергија и негов пренос и дистрибуција, така што сите страни ќе имаат стабилно и непрекинато снабдување со енергија, потоа сигурност на снабдувањето и стабилна инвестициска клима, а животната средина да се подобри, развивање на пазарната конкуренција и мрежната енергија ги вклучува секторите за електрична енергија и гас што потпаѓаат под полето на примена на Директивите на Европската заедница 2003/54/ЕС и 2003/55/ЕС.

Со Директивата број 2003/54/ЕС на Европскиот парламент и Совет, од 26 јуни 2003 година се утврдени општите правила на внатрешниот пазар на електрична енергија, а со Директивата број 2003/55/ЕС исто од 26 јуни 2003 година се утврдени заедничките правила на внатрешниот пазар за природен гас.

Со нив се поставени мерки што треба да ги преземаат државите на национално ниво за постигање на високи стандарди на јавните услуги, како од аспект на критериуми за техничка безбедност и правила така и од други аспекти кои се однесуваат за одржување и развој на преносниот систем и на интерконективниот капацитет. Со Директивите не се дава правна регулатива или директива за имотните односи, нивното решавање и односот на државата и претпријатијата, туку диктира други критериуми, а начинот на нивното исполнување е прашање внатре со регулативата на државата.

Битно е што со Договорот се определува усогласувањето со „општоприменливите стандарди на Европската заедница“ кои се однесуват на техничките системи што се применуваат во рамки на Европската заедница за безбедна и ефикасна работа со мрежни системи вклучително и аспекти на пренос, прекугранични врски, модулација и општите безбедносни стандарди за техничките системи според правилата и деловните практики.

Со Директивите се определува дека операторите на системите во својата правна форма, организација и процес на одлучување се одвоени од другите активности, и се независни, без оглед дали се дел од вертикално интегрирано претпријатие, и овие правила нема да создадат обврска за одделување на сопственоста на имотот на преносниот систем од вертикално интегрираното претпријатие (член 9 и член 15).

Тоа значи, сопственоста на системот е без суштинско влијание кога станува збор за работата на операторот кој е правен субјект со лиценца, бидејќи операторот има независна форма спрема другите и кога е дел од претпријатие со сопствен систем, и кога не е дел од такво претпријатие со сопствен систем, но всушност е дирекно одговорен за функционирање врз правила и стандарди воспоставени со домашните и меѓународните прописи и акти. Сопственоста на системот не е предмет на уредување со Директивите и со Договорот, но се упатува на деловна практика според која земјата ќе овозможи непречено функционирање на енергетските дејности за пренос на електрична енергија и гас, а сопственоста на системите се прашања на капитал и добивките од тоа според акционерските удели, инаку како би било можно непреченото функционирање на системите. Сето тоа добива смисла и со одредбата од членот 30 став 2 од Уставот на Република Македонија, според која сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Постапките од носителите на сопственоста на системите влијаат и ги засегаат другите. Јавната услуга на дејноста ја сведува сопственоста надвор од рамките на личните и приватните потреби и интереси на сопственикот. Сопственоста, во случајов, треба нужно да функционира и за потребите на заедницата, а приватното и колективното се во меѓусебна зависност поради што односите треба и соодветно да бидат регулирани, како одговорност на државата и одговорност на приватните сопственици на капиталот во енергетиката, односно поделена одговорност во оваа специфична економска материја.

Тргнувајќи од погоре изнесеното, уставно гарантираните права на сопственост, слободата на пазарот и претприемништвото и сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, не се слободи и права апстрактно поставени со Уставот, туку тие се само дел од уставниот концепт кој општо треба да обезбеди основа за остварување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на тоа, според Судот, оспорените одредби од Законот се една форма на државен режим за начинот и условите на вршење на преносот на електрична енергија и преносот на природен гас во Република Македонија, специфично уредени со Законот за енергетика кој го користи административно-правниот институт експропријација, без оглед на успешноста и целисходноста од таквото решение од законодавно-правен аспект, кое не е прашање со кое се занимава овој Суд при оцена на уставноста.

Врз основа на изнесеното според Судот, не би можело уставно да се проблематизираат оспорените одредби од Законот за енергетика, бидејќи некомпатибилноста на одредби од два закона (Законот за енергетика и Законот за експропријација) не е во надлежност на оценка на овој Суд, а државната интервенција во економските односи на енергетските дејности нема уставни пречки да биде со закон уредена.

Тргнувајќи од напред наведеното, Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот не се повредуваат принципите и одредбите од Уставот на кој се повикува подносителот во иницијативата, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на одредбите од Законот со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.213/2008
22 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.213/2008