У.бр.157/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 10-а став 5, во делот: „врз основа на поднесена изјава за остварени приходи на пропишан образец“ и став 6, во делот: „ги пропишува министерот за финансии“ и член 10-б став 1, во делот: „врз основа на поднесена Изјава за остварени приходи на пропишан образец“ и став 2, во делот: „ги пропишува министерот за финансии“ од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/ 2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010 и 53/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Асоцијација „Магна Карта“ од Велес и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје со Решение У.бр.157/2011 од 18 септември 2012 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со нормите од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 10-а ставови 5 и 6 од Законот граѓанинот кој не е дефиниран како обврзник за плаќање на придонес по една од основите од членот 10 став (1) точки од 1 до 14 на овој закон правата од здравствено осигурување ги остварува согласно со прописите од областа на здравственото осигурување и врз основа на поднесена изјава за остварени приходи, на пропишан образец и формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (5) на овој член ги пропишува министерот за финансии“.

Во член 10-б ставови 1 и 2 од Законот е предвидено дека граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување според членовите 10 и 10-а на овој закон, можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги дефинирани во законот кој го уредува системот на здравствено осигурување, врз основа на поднесена изјава за остварени приходи, на пропишан образец и формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии“.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите се, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичката и верската припадност, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 34 од Уставот, на граѓаните на Република Македонија им се гарантираат правото на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 54 став 1 и 3 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, во член 1 се уредуваат видовите на придонеси од задолжителното социјално осигурување (придонеси), обврзници за плаќање на придонеси, обврзници за пресметка и уплата на придонеси, основиците на кои се плаќаат придонеси, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контрола на пресметување и уплата на придонеси како и други правила кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Оспорените членови 10-а и 10-б се содржаниво Глава III од Законот со наслов: „Обврзници за плаќање на придонеси“. Во членот 10 од Законот, децидно е наведено кој е обврзник за плаќање на придонеси за задолжително здравствено осигурување.

Членот 10-а став 5 од Законот предвидува дека граѓанинот кој не е дефиниран како обврзник за плаќање на придонес по една од основите од членот 10 став (1) точки 1 до 14 на овој закон правата од здравствено осигурување ги остварува согласно со прописите од областа на здравственото осигурување и врз основа на поднесена изјава за остварени приходи, на пропишан образец. Став 6 од овој член од Законот предвидува дека формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (5) на овој член ги пропишува министерот.

Во членот 10-б став 1 од Законот, е предвидено дека граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување според членовите 10 и 10-а на овој закон, можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги дефинирани во законот кој го уредува системот на здравственото осигурување, врз основа на поднесена изјава за остварениприходи, на препишан образец. Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

Од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека кога граѓанинот не е дефирниран како обврзник во смисла на член 10 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, правата ги остварува согласно прописите од областа на здравственото осигурување и врз поднесена изјава за остварени приходи на пропишан образец, од страна на министерот за финансии.

Во конкретниов случај, според Судот обврската на граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување да поднесуваат изјава за остварени приходи, не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Имено, на граѓанинот со закон не може да му се востановуваат вакви обврски, од причина што ваква обврска може да вршат само надлежните државни институции, односно директно Управата за јавни приходи, нејзините надлежни органи и институции за социјално осигурување, но не и таа обврска да падне на товар на граѓанинот.

Според Судот, востановената обврска за поднесување изјава за остварени приходи, на пропишан образец, значи повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, бидејќи таквата обврска не е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност во сферата на социјалната заштита, а во таа смисла и на начелото на солидарност.

Обврската на граѓанинот тој да поднесува изјава за остварени приходи, не е соодветна, од причина што, таква контрола и увид во остварените приходи треба да има Управата за јавни приходи, односно надлежните органи и институции, кои, треба да имаат законска обврска да доставуваат докази од таков карактер таму каде што е потребно и нужно.

Од формулацијата на оспорените членови 10-а став 6 и 10-б став 2 од Законот, според Судот, не произлегува јасно што е предмет на уредување на актот на министерот за финансии, па поради нејасност и непрецизност во која не е утврдено што е предмет на регулирање на актот на министерот сметаме дека законската определба формата и содржината на образецот да ги пропишува министерот за финансии, неможе да претставува валидна законска основа за овластување на министерот да донесе таков подзаконски акт.

Предвид на наведеното, Судот смета дека во конкретниов случај, оспорените членови од Законот не се во согласност со членовите од Уставот на Република Македонија, односно со член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 8, член 9 и член 54 став 1 и 3.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.157/2011
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски