У.бр.134/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 52 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/01).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Здружението на граѓани приредувачи на забавни игри “Тетрис” од Прилеп, со Решение У.бр.134/2001 од 24 октомври 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 52 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на таа одредба од Законот со одредбите на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 1 од Законот, одобрение за приредување на забавни игри се издава со надоместок, а според оспорениот став 2 на овој член од Законот министерот за финансии со правилник го определува надоместокот од ставот 1 на овој член.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот, меѓудругото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на илен 52 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, според која се овластува министрот за финансии со правилник да го определи надоместокот за одобрението за приредување на забавни игри, според мислењето на Судот, таквото овластување нема уставна основа, дотолку повеќе што во Законот не се содржани никакви критериуми за определување на висината на надоместокот, како што е случај со висината на надоместокот за концесијата востановена за приредување на игрите за среќа. Освен тоа, ова овластување отстапува и од општиот принцип на поделбата на власта, не претставува извршување на одредба од закон и би можело да знаии арбитрерност и можност од нееднаков третман кон субјектите што приредуваат забавни игри, што ќе произлезат од правилникот за кој е овластен да го донесе министерот за финансии.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.134/2001
12 декември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов