У.бр.131/20021

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на членот 36 од Законот за стопанските комори (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/2002).

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот закон.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стопанската комора на Македонија, поведе постапка за оценување уставноста на членот 36 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 36 од Законот, постапките кои се започнати, а до влегувањето во сила на овој закон не се завршени, ќе ги заврши постојниот избран суд (арбитража) при Стопанската комора на Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90 и 10/91).

Имено, имајќи го предвид текстот на оваа одредба од Законот Судот оцени дека ваквата законска формулација се однесува на веќе постоечката Арбиража при Стопанската комора на Македонија и дека на тој начин се обезбедува континуитет на работата на овој орган на Комората.

5. Во текот на постапката Судот ја доутврди фактичката и правната состојба на работите по предметот, поради што оцени дека отпаднале основите за сомневање во уставноста на оваа одредба од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.131/2002
2 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов