У.бр.128/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јули 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Договорот на Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави кој се однесува на предавањето на лица на Меѓународниот кривичен суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/2003).

2. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави кој се однесува на предавањето на лица на Меѓународниот кривичен суд, со оспорување на содржината на Договорот, од следниве аспекти:

а) Договорот го менувал Римскиот статут во однос на членовите 17, 18 и 19. Имено, Република Македонија го ратификувала Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.12/2002, кој со наведените одредби го регулирал приматот на прогонот од страна на конкретна држава чиј државјанин бил осомничен и правото на Меѓународниот кривичен суд да проверува дали една одредена држава совесно го спроведувала тој прогон според процедури согласно Римскиот статут. Ако помеѓу конкретната држава и обвинителот на Меѓународниот кривичен суд постоела разлика во видувањата, одлучувал Меѓународниот кривичен суд во двостепена постапка, што значи овој суд е инстанца што го има “последниот збор”. Оттука Република Македонија била обврзана да го спроведува прогонот согласно Римскиот статут.

Меѓутоа, со оспорениот договор се одземала наведената ингеренција на Меѓународниот кривичен суд (да одлучува за прогонот), во сите оние случаи кога без добиена согласност од Владата на Соединетите Американски Држави, Република Македонија нема да може да предаде или пренесе лице од Соединетите Американски Држави кое е присутно на територијата на Република Македонија, на Меѓународниот кривичен суд или на трета држава. Според наводите во иницијативата, оспорениот договор го менувал Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, а со тоа се повредувала одредбата од членот 118 од Уставот на Република Македонија, која се однесувала на забраната за менување на веќе ратификувани меѓународни договори со друг закон. Воедно, оспорениот договор бил спротивен и на членот 98 став 4 од Уставот, според кој се забранети вонредни судови. Имено, со Договорот било предвидено согласност да даде Владата на Соединетите Американски Држави, а со тоа таа се појавувала во својство на “вонреден суд”.

б) Римскиот статут со членот 90 предвидел како требало да се постапува во услови на конкурентни барања, при што ако конкурентно на барањето на Меѓународниот кривичен суд било барање од земја – нечленка на Римскиот статут (САД не е членка), Република Македонија била должна да го има предвид интересот на жртвата на злоделото со кое се товарел определен осомничен државјанин на Соединетите Американски Држави кој е на територија на Република Македонија. Меѓутоа, со примената на оспорениот договор, Република Македонија не можела да изврши испитување на случајот од аспект на државата чии државјани се жртви, а ирелевантно било и да го направи тоа бидејќи одлучувала Владата на Соединетите Американски Држави. Според иницијативата на овој начин со Договорот се повредувале правата на жртвите поради што Договорот бил во спротивност со членот 29 став 1 од Уставот, со кој на странците во Република Македонија им се гарантирале слободи и права под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

в) Во иницијативата се наведува дека оспорениот договор, покрај прекршувањето на наведените одредби од Уставот, ја прекршувал и одредбата од членот 8 став 1 алинеја 11 според која во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право. Имено, целокупниот Договор ставал резерва на членовите 17 и 90 од Римскиот статут, што значи неможност да се реализира екстрадиција на осомничено лице, односно негово лишување од слобода ако тоа лице е државјанин на Соединетите Американски Држави за кого Владата на Соединетите Американски Држави не дала согласност. Меѓутоа, членот 120 од Римскиот статут забранувал каква и да е резерва на кој и да е негов член. Оттука, оспорениот договор според наводите во иницијативата бил спротивен на членот 120 од Римскиот статут, а со тоа и на членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот на Република Македонија.

г) Според иницијативата, во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според членот 8 алинеја 1 од Уставот, се определени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот. Меѓутоа, со прифаќањето на одредбите од оспорениот договор според кои лицата од Соединетите Американски Држави кои се присутни на територијата на Република Македонија, без изразена согласност на Владата на Соединетите Американски Држави, нема да бидат предадени или на кој било начин пренесени на Меѓународниот кривичен суд, ниту предадени или на кој било начин пренесени на друг ентитет или трета земја, или протерани во трета земја, заради нивно предавање на Меѓународниот кривичен суд, како крајна консеквенца произлегувало дека се врши дискриминација на македонските граѓани што евентуално би биле жртви, но и на оние што би се нашле во улога на сторители. Македонските граѓани биле поставени во понеповолна положба од припадниците на други држави, како во конкретнава ситуација на Соединетите Американски Држави, бидејќи за македонските државјани не била предвидена реципрочна политичка инстанца.

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот договор се предвидувало за американските државјани политичка инстанца да биде нивната Влада, која немала обврска да ја цени “вината” на своите државјани во правна процедура, туку може да употреби “политички причини”. Ставајќи го својот граѓанин во потешка ситуација од американскиот, законодавното тело на Република Македонија вршело ограничување не само на својот – државниот суверенитет, туку го ограничувал суверенитетот и на самите граѓани спротивно на членот 2 од Уставот, според кој суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да донесе одлука за поништување на Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави кој се однесува на предавањето на лица на Меѓународниот кривичен суд.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави кој се однесува на предавањето на лица на Меѓународниот кривичен суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/2003), во членот 1 предвидел дека се ратификува овој Договор, потпишан на 30 јуни 2003 година, а во членот 2 од Законот е определено дека Договорот кој е потпишан во оригинал на македонски и на англиски јазик гласел како што е цитиран Договорот во целост во овој член од Законот.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите и меѓусебната согласност на другите прописи од ист ранг во хиерархијата на правните акти.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата со кои преку оценување на меѓусебната согласност на два закони за ратификација на меѓународни договори кои се дел од внатрешниот поредок на Република Македонија се оспорува уставноста на еден од нив, односно се оспорува уставноста на Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави кој се однесува на предавањето на лица на Меѓународниот кривичен суд, а имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби, овој Суд утврди дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите и врз основа на тоа да одлучува за уставноста на оспорениот Закон.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.128/2004
13 јули 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова