У.бр.1/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 16 септември 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членот 4 точка 30 потточките а) во целост, б) во делот: „во последните дванаесет месеци“, в) во целост, г) во деловите: „или му се поднесени пријави за царински прекршоци“ и “во последните дванаесет месеци“; д) во делот: “во последните дванаесет месеци“, ѓ) во делот: „во последните дванаесет месеци, е) во целост, ж) во делот: “во последните дванаесет месеци или“ и ѕ) во целост, членот 6 став 8 алинеја 1 во целост, алинеја 2 во делот: „во последните дванаесет месеци“ и алинеја 3 во деловите: „или му се поднесени пријави за царински прекршоци“ и “во последните дванаесет месеци“ од Царинскиот закон („Служ­бен весник на Република Македонија“ бр.39/2005 и 4/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.1/2009 од 1 јули 2009 година, по иницијатива на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори при Стопанската комора на Македонија, застапувана од адвокатите Владимир Доневски и Жарко Хаџи Зафиров, двајцата од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Царинскиот закон означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 4 точка 30 од Законот, “Лице за кое постои поголем ризик” е лице:

а) на кое му е утврден царински долг, данок на додадена вредност или акцизи во последните дванаесет месеца во вкупен износ поголем од 10.000 евра во денарска противвредност, поради:
– пуштање на стока во слободен промет или ставање на стока во постапка на привремен увоз со делумно ослободување од увозни давачки како резултат на доставување на неточни податоци или недоставување на потребните податоци во смисла на членот 216 од овој закон или
– настанување на царински долг во смисла на членовите 217, 218 или 219 од овој закон;

б) кое сторило царински прекршоци согласно со овој закон поради што со правосилни и извршни одлуки му се изречени глоби во вкупен износ поголем од 10.000 евра во денарска противвредност во последните дванаесет месеца;
в) кое сторило кривично дело од областа на царинското работење за кое е донесена правосилна и извршна пресуда за стореното дело во последните дванаесет месеца;
г) на кое повеќекратно дополнително му се пресметани обврски на име царински долг, ДДВ и акцизи или му се поднесени пријави за царински прекршоци во вкупен број царински декларации кој надминува 2% од вкупно поднесените декларации во последните дванаесет месеца;
д) за кое од надлежен орган е потврдено дека во последните дванаесет месеца е даночен должник врз основа на затајување или неплаќање на даноци или јавни давачки од кој било вид (ДДВ, акциза, персонален данок од доход, данок на добивка, данок на имот и данок на промет со недвижности и права и други даноци пропишани со закон), во вкупен износ кој надминува 10.000 евра во денарска противвредност;
ѓ) за кое од надлежен орган е потврдено дека сторило прекршок поврзан со затајување или неплаќање на даноци или јавни давачки од кој било вид (ДДВ, акциза, персонален данок од доход, данок на добивка, данок на имот и данок на промет со недвижности и права и други даноци пропишани со закон), поради што со правосилна и извршна одлука му е изречена глоба во вкупен износ кој надминува 10.000 евра во денарска противвредност во последните дванаесет месецa;
е) за кое од надлежен орган е потврдено дека сторило кривично дело поврзано со затајување или неплаќање на даноци или јавни давачки од кој било вид (ДДВ, акциза, персонален данок од доход, данок на добивка, данок на имот и данок на промет со недвижности и права и други даноци пропишани со закон) за кое е донесена правосилна и извршна пресуда во последните дванаесет месецa;
ж) за кое од надлежен орган е потврдено дека не ги платило придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и осигурување во случај на невработеност, повеќе од четири месеца во последните дванаесет месецa или
ѕ) за кое постојат докази дека неговиот сопственик, односно сопствениците, односно членовите на работоводниот орган или органите на управување, како и лицата кои се членови на исто семејство со претходно наведените лица (родители и деца и други роднини, ако живеат во исто домаќинство), биле сопственици на правно лице, односно членови на работоводен орган или членови на органи на управување на правно лице над кое е поведена стечајна, односно ликвидациона постапка, односно биле сопственици на правно лице, односно членови на работоводен орган или членови на органи на управување на правно лице во смисла на потточките од а) до ж) на оваа точка, освен доколку недвосмислено се утврди дека истиот не придонел за настанување на стечај или ликвидација или својата функција во правното лице ја вршел непосредно пред или по настанувањето на причините кои довеле до стечајна или ликвидациона постапка или ситуациите од потточките од а) до ж) на оваа точка.

Според член 6 став 8 од Законот, Централната управа на Царинската управа ја одзема царинската лиценца за вршење на застапување доколку поради незаконито, неправилно или нестручно извршување на работата на застапникот-физичко лице:

– во постапката за одземање на царинската лиценца се утврди дека во последните дванаесет месеца придонел за настанување на царински долг, ДДВ или акцизи во вкупен износ поголем од 5.000 евра во денарска противвредност поради пуштање на стока во слободен промет или ставање на стока во постапка на привремен увоз со делумно ослободување од увозни давачки како резултат на доставување на неточни податоци или недоставување на потребни податоци во смисла на членот 216 од овој закон или настанување на царински долг во смисла на членовите 217, 218 или 219 од овој закон.
– во последните дванаесет месеца со правосилна и извршна одлука му е изречена глоба во вкупен износ поголем од 5.000 eвра во денарска противвредност за сторени царински прекршоци или
– повеќекратно дополнително се пресметани обврски на име царински долг, ДДВ и акцизи или му се поднесени пријави за царински прекршоци во вкупен број на царински декларации кој надминува 2% од вкупно поднесените декларации во последните дванаесет месецa.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а со членот 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според Амандманот XXI, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според членот 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, уживањето на правата и слободите признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус. Законот за ратификација на означената конвенција е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Тргнувајќи од анализата на одредбите од Царинскиот закон произлегува дека поимот „лице под поголем ризик“ од оспорениот член 4 точка 30 од Законот е од значење во постапката за одземање на одобрение на правни лица за вршење на работи за застапување во царинските постапки (член 6 од Законот) како и за стекнување или губење на статус на овластен економски оператор (член 6-а од Законот). Значењето на овој израз има индиректно влијание по однос на одземање на царински лиценци за физички лица. Ова од причина што постои скоро целосно содржинско совпаѓање на член 4 точка 30 потточка а) од Законот со член 6 став 8 алинеја 1 (разлика е во износите и уште формулацијата „придонел“ кај алинејата 1), а целосно содржинско совпаѓање постои помеѓу оспорениот член 4 точка 30 потточки б) и г) со член 6 став 8 алинеја 2 и 3. Исто така, треба да се има предвид дека согласно член 6 став 2 алинеја 3 од Законот одобрение за вршење на застапување во царинските постапки може да добие лице кое има вработено најмалку едно лице кое има царинска лиценца за вршење на застапување. Наведените одобренија ги дава и одзема Централната управа на Царинската управа на Република Македонија во постапка пропишана со Законот.

Законодавецот, при дефинирањето на поимот „лице под поголем ризик“ неспорно оди кон тоа да ги опфати сите релевантни показатели за почитување на уставните и законски обврски во исполнување на пропишаните даноци и јавни давачки, односно да даде профил на лице (физичко или правно) кое е финансиски стабилно, солвентно и сериозно во исполнувањето на фискалните обврски што ги пропишала државата, кое се однесува како добар домаќин/стопанственик и врз основа на таквиот профил да може да стекне одредено овластување или посебен статус во царинските постапки, или пак да го изгуби одобрението или стекнатиот статус. Потребата за вакво дефинирање неспорно произлегува од обврската на законодавецот за приближување кон европската регулатива и запазување на принципите на Европската унија од каде со одредбата се менаџира ризичното однесување на субјектите на домашниот, но и на поширокиот царински пазар.

– Судот, по однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби од Законот предвидувале правни последици на осудата што не можеле да настанат автоматски по сила на закон, од анализата на уставните одредби и оспорените член 4 точка 30 потточка в) и потточка е) од Законот, утврди дека законодавецот како лице под поголем ризик го смета лицето кое сторило кривично дело од областа на царинското работење за кое е донесена правосилна и извршна пресуда, односно за кое од надлежен орган е потврдено дека сторило кривично дело поврзано со затајување или неплаќање на даноци или јавни давачки од кој било вид за кое е донесена правосилна и извршна пресуда.

Според Судот, правните последици од осудата кои како посебен правен институт се познати и во правната наука и правните системи и на некои други земји, но Уставот на Република Македонија нив не ги уредува на експлицитен начин, односно со ниту една одредба изречно не ги дозволува, ниту пак ги забранува.

Тргнувајќи од тоа дека правните последици од осудата не се забранети со Уставот на Република Македонија, законодавецот општите правила и рамки за нивно пропишување ги утврдил во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008 и 139/2008) во кој во посебна глава е уредено настапувањето, почетокот и траењето на правните последици. Така, во членот 101 став 1 од Кривичниот законик е утврдено дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривично дело на сторителот му е изречена казна затвор. Според ставот 2 на овој член, правни последици можат да се предвидат само со закон.

Според членот 102 од Кривичниот законик правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1), правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна (став 2) и правните последици од осудата престануваат со бришење на осудата (став 3).

Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата сe состојат во забрана на стекнување на определени права, се надоврзуваат на правосилна судски изречена пресуда, како и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција. Тие не можат да настапат автоматски по сила на закон, туку настапувааат само со правосилна судска одлука. Казнено-правниот однос се исцрпува на релација на казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Тргнувајќи од наведното, а имајќи ја во предвид содржината на означените оспорени одредби од Законот, според која осудуваноста за одделно кривично дело од областа на царинското работење или поврзано со затајување, односно неплаќање на даноци и јавни давачки се ограничувачки фактор за стекнување на предвидените одобренија или лиценци или фактор за губење на одобренијата и лиценците, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна забрана за вршење на таква дејност што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според оцена на Судот, ваквото уредување е повреда на уставниот принцип на законитост во казнувањето и можноста за ограничување на правото на работа.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај станува збор за одредби кои го повредуваат принципот на презумција на невиноста утврден во член 13 став 1 од Уставот, како и начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казанување утврдена во член 14 став 1 од Уставот.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека член 4 точка 30 потточка в) и потточка е) од Законот не се во согласност со наведените уставни одредби.

Анализата на оспорените одредби од аспект на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 со Уставот го покажа следното:

– Во оспорениот член 4 точка 30 потточка а) од Законот законодавецот определил како лице под поголем ризик да се смета лицето на кое му е утврден царински долг, данок на додадена вредност или акцизи во последните дванаесет месеца во вкупен износ поголем од 10.000 евра во денарска противвредност, како резултат на доставување на неточни податоци или недоставување на потребните податоци во моментот на прифаќање на царинската декларација во смисла на членот 216 од Царинскиот закон или како резултат на настанување на царински долг во смисла на членовите 217, 218 или 219 од истиот закон (бесправно внесување на стоката; бесправно отстранување од царински надзор на стока која подлежи на увозни давачки; односно дополнително е утврдено дека не бил навистина исполнет еден од условите со кои се регулира ставањето на стоката во предметната царинска постапка или одобрување на намалени или увозни давачки заради крајната употреба на стоката).

Од анализата на оспорената одредба произлегува дека е во прашање утврден царински долг, данок на додадена вредност или акцизи во последните дванаесет месеца во вкупен износ поголем од 10.000 евра во денарска противвредност, како резултат на доставување на неточни податоци или недоставување на потребните податоци што според оцена на Судот е нејасно законско уредување. Според оцена на Судот, од законската формулација не произлегува јасно дали доставувањето на неточни податоци или недоставувањето на потребните податоци е резултат на умисла, намера за изигрување на прописите кои околости би можеле да укажат на тоа дека е во прашање лице под поголем ризик или пак е резултат на ненамерен пропуст или ненамерно сторена грешка во кој случај лицето не би можело на таков начин да биде окарактеризирано и заради така сторениот ненамерен пропуст да нема можност да стекне одредени права или стекнатите права да ги изгуби. Според тоа станува збор за уредување кое не прави јасна дистинкција помеѓу различни однесувања (во склад со прописите или во спротивност со прописите) заради што би се трпеле различни имликации или воопшто не би подлежеле на никакви имликации.

Слична формулација има и оспорениот член 6 став 8 алинеја 1 според кој, Централната управа на Царинската управа ја одзема царинската лиценца за вршење на застапување доколку поради незаконито, неправилно или нестручно извршување на работата на застапникот-физичко лице ако придонело за настанување на царински долг, ДДВ или акцизи во вкупен износ поголем од 5.000 евра во денарска противвредност како резултат на доставување на неточни податоци или недоставување на потребни податоци. Разликата по однос на оваа одредба со оспорениот член 4 точка 30 потточка а) од Законот е во предвидениот помал износ на царински долг (5.000 Евра) и употребата на терминот “придонел“.

Покрај недостатоците што се однесуваат на претходно наведената оспорена одредба, кај оваа одредба како недостаток се јавува и тоа што не е јасно зошто одземањето на лиценцата следува заради придонес на лицето, каков е тој придонес, во што се состои, на кој начин е утврден, од кој надлежен орган, дали лицето дирекно го предизвикало царинскиот долг, данок или акциза или придонело и на кој начин за нивното настанување.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорените член 4 точка 30 потточка а) и член 6 став 8 алинеја 1 од Законот како нејасни, непрецизни и не до крај дефинирани норми, кои оставаат простор за слободно толкување и неконзистентна примена не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

– Судот, врз основа на анализата на потточката г) од членот 4 точка 30 од Законот од аспект на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 и член 13 став 1 од Уставот, оцени дека делот: „или му се поднесени пријави за царински прекршоци“ содржан во наведените законски одредби не е во согласност со наведените уставни одредби.

Ова од причина што пријавата за сторен царински прекршок, како фаза на актуелната прекршочна постапка не е позната, таа според важечката регулатива започнува со барање за водење на прекршочна постапка, но како и да е, тоа е само иницијален акт за започнување на царинска постапка кој во никој случај не значи и вина и правосилна осуда за сторен прекршок, бидејќи лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Од друга страна, вака како што е формулиран означениот дел од оспорената одредба остава простор за правна несигурност, арбитрерност или пак злоупореби од страна на органите задолжени за спровдување на постапката за добивање на одобренија и лиценци, или пак за нивно губење.

– Според Судот деловите: „во последните дванаесет месеца“ од оспорени потточка б), потточка г), потточка д), потточка ѓ) и потточка ж) од членот 4 точка 30 и член 6 став 8 алинеи 2 и 3 од Законот не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а поради следното:

Во конкретниот случај, за деловите формулирани како „последните дванаесет месеци“ не е утврден критичниот момент на сметање како што се на пример отпочнување на постапката, или донесувањето на конкретна одлука при што се имаше предвид дека наведените фази во постапката не мораат неминовно да се поклопат. Заради ваквата состојба неопределувањето на критичниот момент од кога се сметаат последните дванаесет месеци остава простор за изместување на вистинската состојба на работите, создава правна несигурност и арбитрерност на органот кој ги спроведува постапките за добивање на одобрение или лиценца, односно за губење на лиценцата. Инаку во прашање се одредби кои се однесуваат на губење на одобрението за застапување во царинските постапки, што имаат директен одраз по однос на стекнување и губење на статусот на овластен економски оператор или пак имаат индиректно влијание по однос на одземањето на лиценцата, кои пак се предмет на посебно уредени постапки.

Оттука, по однос на деловите: „во последните дванаесет месеца“ од оспорени потточка б), потточка г), потточка д), потточка ѓ) и потточка ж) од членот 4 точка 30 и член 6 став 8 алинеи 2 и 3 од Законот, Судот утврди дека не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи принципот на владеењето на правото бара правниот поредок да се темели на јасни, лесно препознатливи, разбирливи норми, кои не даваат можност за различно толкување и примена што овде не е случај.

– Според наоѓање на Судот како проблематична од аспект на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се јавува и оспорената потточка ѕ) од членот 4 точка 30 од Законот, бидејќи и во во овој случај законодавецот нејасно нормира за кое лице треба да постојат докази, или за кои лица што се во роднинска или деловна врска со него треба да постојат докази дека придонеле за поведување на стечајна, односно ликвидациона постапка, какви се тие докази, кој ги прибавува и во каква постапка, кој и на каков начин би утврдил недвосмислено дека лицето не придонело за настанување на стечај или ликвидација и зошто законодавецот се определил за поведена, но не и за завршена постапка.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека станува збор за нејасна, недоволно прецизна одредба која како таква не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со оглед на тоа што принципот на владеењето на правото содржан во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бара правниот поредок да се темели на јасни, лесно препознатливи, разбирливи норми, кои не даваат можност за различно толкување и примена, Судот оцени дека членот 4 точка 30 потточките а) во целост, б) во делот: „во последните дванаесет месеци“, в) во целост, г) во деловите: „или му се поднесени пријави за царински прекршоци“ и “во последните дванаесет месеци“; д) во делот: “во последните дванаесет месеци“, ѓ) во делот: „во последните дванаесет месеци, ж) во делот: “во последните дванаесет месеци или“ и ѕ) во целост, членот 6 став 8 алинеја 1 во целост, алинеја 2 во делот: „во последните дванаесет месеци“ и алинеја 3 во деловите: „или му се поднесени пријави за царински прекршоци“ и “во последните дванаесет месеци“ од Царинскиот закон не се во согласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спиро-вски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.1/2009
16 септември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски