У.бр.114/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 1 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015 и 33/2015).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, до донесувањето на конечната одлука.

3. „Сојуз-Национален совет за родова рамноправност“ и „Македонско женско лоби“, двете здруженија од Скопје, шест професори од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје: Елена Градишки-Лазаревска, Лилјана Хаџи-Пецова, Костандина Корнети-Пекевска, Биљана Сидовска-Ивановска, Снежана Ефремова Аарон и Миљана Стојановиќ-Толоска и група вработени во Високата медицинска школа од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

а) Во иницијативата на „Сојуз-Национален совет за родова рамноправност“ и „Македонско женско лоби“ најнапред се цитира содржината на член 8 став 1 алинеја 1, член 9 и член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, а потоа се наведува дека „Уставот забранува било каква дискриминација по основ на пол, а со членот 5 од Законот се утврдува законска дискриминација иако Уставот утврдува дека граѓаните се еднакви пред законот. Жената во Република Македонија со децении трпеше дискриминација во работното законодавство во однос на полот и тоа се оправдуваше со позитивна дискриминација или привилегија за жената. Со членот 5 се обезбедува право на слободен избор на работникот да го продолжи работниот однос или да не го продолжи по исполнување на одредена возраст. Жената сама треба да одлучи дали сака привилегија или рамноправност со другиот пол. За правото на слободен избор за продолжување на работниот однос по основ на рамноправност на половите жената треба да одлучи дали ќе го продолжи работниот однос исто како и маж или не. Дискриминаторскиот однос на законодавецот жената ја претставува како помалку способна во однос на маж да работи и да одлучува за својот работен однос.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „Со членот 5 од Законот во Република Македонија половината од вработеното население, односно сите вработени жени се дискриминирани во однос на мажите. Очигледно законодавецот жените ги смета за помалку работоспособни и покажува грижа со полова дискриминација, што за современа демократска држава, каква што се претставува Република Македонија, е недостоинствен однос кон полот жена.“

Подносителите на иницијативата предлагаат „Уставниот суд, по итна постапка, да ги поништи наведените делови од членот 5 ставовите 2 и 4 од Законот заради усогласување со уставните одредби, со цел да се постигне рамноправност на половите и еднаквост на граѓаните пред законот во однос на слободниот избор на работникот за продолжување на работниот однос т.е. да се даде можност на избор на жената за реализирање на пензионирање на 62 години или по избор 67 години. Итноста на постапката е потребна поради рокот за одлучување за продолжување на работниот однос, 31 август во тековната година. Жените што оваа година 2014 исполнуваат услови за пензија, доколку Уставниот суд не ги поништи дискриминаторските одредби од Законот за работните односи нема да имаат можност да го продолжат работниот однос ако го пропуштат законскиот рок.“

б) Во иницијативата на шестте професори од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје најнапред се предлага поништување на оспорените делови од законските одредби, а претходно, се предлага, да се забрани примената на тие одредби на лицата од женски пол до конечното одлучување на Судот по иницијативата.

Потоа, во однос на причините за оспорувањето, се цитира член 9 од Уставот, па се наведува дека „оспорената одредба директно ја повредува со Уставот загарантираната еднаквост меѓу граѓаните независно од нивниот пол и претставува основа за внесување полова дискриминација во сферата на работните односи ставајќи ја жената во понеповолна положба од мажот во остварувањето на правото на пензија во Република Македонија. Имено, законската можност која законодавецот во Република Македонија му ја дава на мажот да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67-та година возраст наспроти 65-та година возраст за жена е во директна спротивност со половата еднаквост што е уставно загарантирана категорија.“

Во иницијативата се наведува дека „еднаквоста на човекот и на граѓанинот е начело и право заштитено во сите релевантни европски и меѓународни документи за заштита на човековите слободи и права на кои нашата земја, со процесот на ратификација, се има обврзано да ги почитува и применува, како што се:
– Универзалната декларација за човековите права (член 7), каде се забранува de jure и de facto дискриминација во сите области под надлежност на власта и од заштита на власта,
– Повелбата на ООН (член 1 став 3),
– Европската конвенција за човековите права и слободи (член 14), што предвидува дека „уживањето на правата и слободите признато со оваа Конвенција треба да биде засновано врз: пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или друго.“
– Меѓународниот пакт за граѓански и политички слободи и права (член 26), што наметнува обврска на секоја држава-потписничка да не усвојува и да не спроведува закон чија што содржина е дискриминаторска,
– Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жената од 1979 година,
– богатата судска практика на Европскиот суд за човековите права во Стразбур, итн.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „Според Европскиот суд за човековите права, „концептот на дискриминација ги вклучува вообичаено случаите во рамките на кои еден поединец или група се смета, без соодветно образложение, третирано полошо од друго, иако Конвенцијата не бара поповолен третман.“ Важно е да се спомене дека со член 14 од Конвенцијата се забранува не само директната, туку и индиректната дискриминација.“

Исто така, се наведува дека „нееднаквост односно дискриминација меѓу луѓето постои тогаш кога се порекнува, негира или одбива користењето или остварувањето на нивното право на еднакви можности или на нивните еднакви права. Оспорениот со оваа иницијатива член 104 став 2 и 4 од Законот за работни односи го негира, или попрецизно, ја оневозможува жената да го користи или остварува правото на пензија на иста старосна возраст како и мажот (67 години), при што законодавецот не оставил никаква алтернативна можност жената да има право на слободен избор да оди во пензија на 65 години возраст или, доколку така слободно одлучи, на 66, односно најмногу на 67 години возраст, како што тоа право го имаат мажите во Република Македонија. Законското решение, со стриктно утврдената граница од најмногу 65 години возраст, директно ја дискриминира жената во однос на мажот. Истовремено, жената во нашата легислатива нема право ниту на слободен избор, со слободно изразена волја, да одлучи да се пензионира на 67 години возраст, решение кое е доминантно во законодавството на најголемиот дел од земјите-членки во Европската унија. Токму затоа ова законско решение сметаме дека чини противуставна и неправедна разлика меѓу мажите и жените во Република Македонија во делот на остварувањето на правото на пензија.“

„Согласно Законот за работните односи, жените се во подредена, а мажите се во привилегирана позиција како резултат на различниот законски третман на државата во однос на максималната старосна граница за одење во пензија. Дискриминацијата што произлегува од оспорениот член создава противуставна разлика на релација маж-жена, односно законски дозволува право на мажот да ползува привилегија во системот, и тоа не според системот на индивидуална заслуга, туку според начелото на полова дискриминација.“

Подносителите на иницијативата сметаат дека „доколку Уставниот суд ги поништи оспорените делови од член 104 став 2 и став 4 од Законот за работните односи, решението во одредбата би било полово неутрално.“

Во иницијативата се наведува и тоа дека „имајќи предвид дека оспорената измена на Законот за работни односи е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ на 29 јули 2014 година, а стапи во сила осум дена подоцна, лицата кои ќе сакаат да го продолжат работниот однос за 2015 година, тоа треба да го сторат во периодот до 31 август 2014 година. Овој рок е многу краток и ќе настапи пред Уставниот суд да може да одлучува по оваа иницијатива. Поради тоа, лицата од женски пол ќе бидат оневозможени да го продолжат својот работен век за 2015 година, доколку Уставниот суд не реши по оваа иницијатива до 31 август 2014 година или доколку Уставниот суд подоцна го поништи спорниот дел од Законот. Затоа е неопходно оспорените законски решенија од член 5 од Законот, со кои е востановен нов став 2 во членот 104 од Законот за работни односи, да се поништат.“

На крајот, во иницијативата се наведува дека „во повеќе наврати Уставниот суд, со свои одлуки: У бр.124/2008-0-1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2009) од 4.02.2009 година и У бр.161/2005-0-1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2006) од 12.01.2006 година, одлучил во насока на почитување на начелото и правата што произлегуваат од половата еднаквост во поглед на исполнувањето на условите за стекнување на старосна пензија.“

в) Во иницијативата на група вработени во Високата медицинска школа од Битола најнапред се цитира член 9 ставовите 1 и 2 од Уставот, како и содржината на член 104 ставовите 2 и 4 од Законот за работните односи, а потоа се наведува: „цениме дека со овие законски одредби се прави разлика помеѓу граѓаните на Република Македонија според полот маж-жена, во остварувањето на правата од работниот однос, односно при престанокот на работниот однос и остварување право на старосна пензија според возраста на жените услов за престанок на работниот однос се пропишува навршени 65 години возраст, и на мажите услов за престанок на работниот однос се навршени 67 години возраст, а со тоа во правниот поредок на Република Македонија се создава нерамноправност односно нееднаквост помеѓу граѓаните жени и мажи кои пред Уставот и законите се еднакви независно од полот, а со тоа се повредени погоре цитираните одредби од Уставот на Република Македонија.“

Со иницијативата се бара поведување на постапката и укинување на оспорените законски одредби поради спротивност со Уставот на Република Македонија.

4.Судот на седницата утврди дека членот 104 од Законот е сместен во Глава VII посветена на „Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот“, Поддел-„Прекин на договорот за работа поради возраст на работникот“.

Во член 104 став 1 од Законот се определува дека „Работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.“

Според член 104 став 2 од Законот, чиј дел се оспорува, „Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.“

Во став 3 од истиот член на Законот се утврдува дека „Писмената изјава од ставот 2 на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот 1 на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот 2 на овој член изјавата ја дава еднаш годишно а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.“

Според член 104 став 4 од Законот, чиј дел исто така се оспорува, „Работодавачот е должен по дадената изјава од ставот 2 на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).“

5. Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“; „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Според член 32 од Уставот, „секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност“ (став 1). „Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“ (став 2). „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор“ (став 5).

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови, и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Македонија се меѓусебно еднакви независно од, меѓу другото, полот, како и граѓаните се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и продолжувањето на договорот за вработување а со тоа и продолжување на работниот однос, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи, па и по основ на пол.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорените делови од член 104 ставовите 2 и 4 на Законот определуваат работникот маж да може да побара од работодавачот продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст, а работничката жена да може да побара продолжување на таквиот договор до 65 години возраст, при што работодавачот е должен да го продолжи договорот за вработување до периодот што го бара работникот маж или работничката жена, без можност да излезе надвор од утврдената законска рамка.

Според тоа, таквите законски одредби се задолжителни и наметнуваат престанок на работниот однос на работничката жена под поинакви услови од работникот маж, односно на неа и престанува работниот однос и правото на работа со навршени 65 години живот а на мажот со навршени 67 години живот.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните по основ на полот определено во член 9 од Уставот.

Судот смета дека е друго прашање правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, доколку тоа го избере самата, со оглед дека тоа право има оправдување во принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената. Но, тоа право на жената во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во конкретниот случај, Судот оцени дека продолжувањето на договорот за вработување всушност значи продолжување на работниот однос односно остварување на правото на работа кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.

6. Со оглед дека поведе постапка за оценување на уставноста на наведените законски одредби, Судот оцени дека се исполнети условите за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените законски одредби, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2014
1 април 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева