У.бр.65/1995, У.бр.66/1995, У.бр.155/1995, У.бр.207/1995 и У.бр.246/1995-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јули 1995 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 14 став 2 од Правилникот за надоместоците за јавно изведување и соопштување музички дела во јавноста (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/92), донесена од Сојузот на композиторите на Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Угостителското претпријатие “Интернационал” од Титов Велес, АД “Охридтурист” од Охрид, Центарот за организирање приредби “Универзална сала” во Скопје и Стопанска комора на Македонија, поведе постапка за оценување законитоста на член 14 став 2 од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Законот.

4. На седницата Судот утврди дека во член 14 став 2 од Правилникот е утврдцено дека ако сопственикот односно закуподавецот на просторијата во која се организираат музички приредби и овозможи на неовластена организација или лица да организира музичко-забавна приредба и одбие плаќање на пропишаниот авторски надоместок, должен е тој да го плати.

5. Со член 3 од Законот за авторското право (“Службен лист на СФРЈ” бр.19/78, 24/86 и 21/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е превземен како републички пропис, музичките дела се еден од видовите авторски дела врз кои нивните автори имаат авторско право. Согласно членовите 26 и 27 од Законот, авторското право содржи имотно-правни одредби и материјално-правни овластувања (авторски имотни права). Авторските имотни права ги сочинуваат правата на авторот на искористување на делото. Авторското дело може да го искористува друго лице само со дозвола од авторот, ако со закон не е определено поинаку. За секое искористување на авторското дело од страна на друго лице на авторот му припаѓа надомест, ако со закон или со договор не е поинаку определено.

Согласно член 91-а од Законот, ако за јавно изведување на литературни и музички несценски дела не е склучен авторски договор или со договор не е утврдена висината на надоместокот организациите на авторите можат да го остваруваат надоместокот за авторите на тие дела во висина што тие организации ја утврдиле со општите акти.

Согласно член 94 од Законот приредувачите на културно-уметнички приредби и другите корисници на авторските дела се утврдени како носитедли на обврската да прибават дозвола за изведување на музичките дела, до организацијата на автори да достават програма на изведените дела и да уплатуваат авторски надоместоци за искористувањето на тие дела.

Од наведените законски одредби произлегува дека обврзници за плаќање на надоместокот за користење туѓи музички дела се приредувачите на музичките приредби, односно оние субјекти кои овозможуваат користење на туѓите дела, а не сопствениците или закупците на просториите во кои се одржуваат тие приредби. Прашањето за правото на сопственост односно правото на користење на просториите погодни за организирање музички приредби е сосема друго прашање, што нема никаква непосредна врска со изведувањето на музичките дела. Сопственикот односно закупецот на таквата просторија може да биде истовремено и организатор на приредбата, но и не мора, и затоа, само во случај кога е организатор на приредбата може да биде обврзник на плаќањето на надоместокот, но не и кога друг субјект се јавува како организатор во неговата просторија.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба се предвидува носител на плаќање на надоместокот да биде сопственикот односно закупецот, без оглед на тоа дали истовремено е и организатор на музичка приредба, Судот утврди дека тоа не е во согласност со означените одредби од Законот.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7.Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.65/95, 66/95, 155/95, 207/95 и 246/95).