У.бр.58/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 4 став 1 од Правилникот за мерките за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија (“Службен лист на СФРЈ”бр.42/1985).

2. Народниот правобранител на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставност и законитост на членот 4 став 1 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со членот 27 од Уставот на Република Македонија, кој го гарантира правото на слободно напуштање на Републиката, а ограничување на ова право е можно единствено со закон, заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Во иницијативата се истакнува дека практичната примена на оспорената одредба од страна на органите за внатрешни работи можела да доведе до повреда и на членот 9 од Уставот, како и на членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, со оглед да ова ограничување на слободата на движењето би се однесувало на македонските државјани од исламска вероисповест, кои патуваат на аџилак надвор од државата, што доведувало и до нивна дискриминација.

Понатаму се истакнува дека оспорената одредба е содржана во пропис кој е донесен од Сојузниот комитет за труд, здравство и социјална заштита, како орган на државна управа на поранешната СФРЈ, а не донесен од надлежен законодавен орган, од кои причини смета дека не е во согласност со Уставот и заштитата на основните права и слободи гарантирани со Уставот. Воедно се потенцира дека во оспорената одредба постои и терминолошка неусогласеност со Уставот како што е поимот “Социјалистичка Федеративна Република Југославија”.

3. Судот на седницата утврди според содржината на член 1 став 2 од Правилникот за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија (“Службен лист на СФРЈ” бр.42/1985), одредбите на овој правилник се однесуваат и на лицата кои патуваат во земји во кои не постои колера ако во тие земји патуваат заради масовни собири на кои учествуваат и лица од земји во кои постои колера.

Според содржината на оспорениот член 4 став 1 од Правилникот, лицата кои патуваат на масовни собири во земјите од член 1 став 2 на овој правилник можат да патуваат во тие земји и да се враќаат во Социјалистичка Федеративна Република Југославија само со авион или брод.

4. Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата назависно од полот, расата, бојата на кожата, национал-ното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Во член 27 од Уставот, гарантирано е правото на секој граѓанин на Републиката слободно да се движи на територијата на Републиката и надвор од неа, а во став 3 е предвидена можност остварувањето на овие права да се ограничи со закон, единствено во случаите заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, постојните сојузни прописи се превземаат како републички со надлежност на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.

Според член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, уживањето на правата и слободите признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло на раѓање или кој и да е друг статус. Според член 2 став 2 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата, секое лице е слободно да ја напушти која и да е земја, вклучувајќи ја и својата. Во став 3 од Протоколот, предвидено е дека остварувањето на тие права може да биде предмет само на оние ограничувања кои се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интерес на националната безбедност, јавната безбедност, одржува-њето на јавниот ред, спречување на кривични дела, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество.

Законот за ратификација на означените меѓународни акти е објавен во”Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Согласно член 33 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести што ја загрозуваат целата земја (“Службен лист на СФРЈ бр.51/1984), лице кое патува во земја во која постојат колера, чума, големи сипаници, вирусни хеморалгични трески, жолта треска или маларија, или се враќа од земја во која постои некоја од тие болести, е должно, покрај мерките и обврските пропишани со овој закон, да исполни и посебни санитарни и други услови што ќе ги определи сојузниот орган на управата надлежен за работи на здравството.

Согласно член 51 став 1 точка 8 од Законот, се овластува сојузниот орган на управата надлежен за работи на здравството да донесе прописи за мерките за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, големи сипаници, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија.

Со член 23 од Законот за измени и дополненија на Законот за заштита на населението од заразни болести што ја загрозуваат целата земја (“Службен лист на СФРЈ” бр.63/1990), во членот 51 став 1 зборовите: “сојузниот орган на управата надлежен за работи на здравството” се заменуваат со зборовите: ” функционерот кој раководи со сојузен орган на управата надлежен за работи на здравството”.

Со Законот за изменување на Законот за заштита на населението од заразни болести што ја загрозуваат целата земја (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1995), во членовите 52 до 55 од основниот Закон направени се измени во висината на определените парични казни за сторен прекршок.

Оспорената одредба е содржана во Правилникот за мерките за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија, кој Правилник е донесен од страна на Сојузниот комитет за труд, здравство и социјална политика, а врз основа на член 51 став 1 точка 8 од Законот.

Тргнувајќи од содржината на член 27 став 3 од Уставот, произлегува дека правото на слободно движење може да се ограничи само со закон, кога тоа е потребно помеѓу другото и за заштита на здравјето на луѓето.

Во конкретниот случај, правото на слободно движење се ограничува со цитираните одредби од сојузниот Закон и Правилникот донесен врз основа на овој Закон, кои се превземени во нашиот правен систем како републички прописи. Потврда на констатацијата дека овие акти се превзени и имаат третман на домашни, иако не се донесени од надлежен домашен и овластен орган, е фактот што во 1995 година Собранието на Република Македонија направи измени на сојузниот Закон.

Од ова произлегува дека основа за ограничување на правото на слободно движење претставува содржината на членот 33 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести што ја загрозуваат целата земја, кој е превземен како републички пропис врз основа на член 5 од Уставниот закон. Во оваа одредба определено е покрај мерките за заштита на населението превидени во самиот закон, да се пропишуваат и обврски за граѓаните што патуваат во ризични земји, како и други услови што ќе ги определи надлежниот огран за работите на здравството, а на функционерот кој раководи со овој орган му е дадено овластување да донесе пропис за мерките за заштита на населението од наведените болести врз основа на членот 51 став 1 од Законот. Според тоа со оспорениот член 4 став 1 од Правилник се конкретитизира условот под кој граѓаните можат да патуваат на масовни собири и да се враќаат од такви собири, бидејќи подзаконските акти се во функција на законските одредби.

При тоа, од соджината на членот 1 став 2 од Правилникот, на која одредба се повикува оспорената одредба, произлегува дека вака определениот услов за патување на масовни собири се однесува само за случаите кога собирот се организира во земја во која не постои колера, но постои можност на таква манифестација да учествуваат лица од земји во кои постои колера. Тоа значи дека е превиден како услов само при опасност од ширење и пренесување на колерата како опасна болест, а воедно овој услов е поставен и како мерка на превенција од овој вид на заразна болест.

Од тоа произлегува дека постои законски основ за ограничување на правото на слободно движење на граѓаните кога тоа го бара заштитата на здравјето на луѓето, како што налага член 27 став 3 од Уставот , член 14 од Европската конвенција и член 2 од Протоколот број 4. Со оспорената одредба од Правилникот само се операционализира начинот на кој треба да се оствари патувањето во ризичните држави и враќањето од такви држави и се определува на масовни собири да се патува само со авион или брод. Според убедувањето на Судот, вака предвидениот начин на патување овозможува контрола и спроведување на бараните мерки на заштита на поголема маса на луѓе од страна на надлежните органи при превенција или заболувања, наспроти случајот кога би било возможно патување со други превозни средства, што неминовно налага друг режим на контрола и мерки.

Исто така, Судот оцени дека оспорената одредба не го повредува ни членот 9 од Уставот на Република Македонија, а најнапред од причина што во истата не е содржан начин на патување само за граѓаните од исламска вероисповест, туку за сите граѓани. Од друга страна од верски и други побуди на масовен собир во некоја од ризичните земји може да патува било кој граѓанин на Република Македонија без оглед на верската припадност, при што постојат и случаи на патување на аџилак од страна граѓаните христијани. При тоа условениот начин на патување се однесува за сите масовни собири, без оглед на нивниот карактер, а на кои собири се очекува учество на лица од земјите во кои постои колерата, што значи се делува превентивно за лицата што патуваат, за лицата што се враќаат од ризичните земји, како и за лицата што можат да дојдат во било каков контакт со овие лица. На крај по оценка на Судот, од значење е и околноста што оспорената одредба е во функција и на неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, загарантиран во членот 11 став 1 од Уставот.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека терминот “Социјалистичка Федеративна Република Југославија” не е во согласност со Уставот, Судот оцени дека употребата на овој термин не ја доведува во прашање уставноста на оспорената одредба, од причини што општо познат е фактот дека Социјалистичка Федеративна Република Југославија повеќе не постои како држава. Од друга страна член 1 став 2 од Уставот, определува дека суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, па со самото тоа произлегува дека оспорената одредба во никој случај не може да се применува за територија на држава што не постои, туку за територијата на Република Македонија и за нејзините граѓани. Од друга страна егзистирањето на овој термин не е од суштинско значење по однос на оспорениот акт.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 58/2002
19 јуни 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов